Search for content, post, videos

Го земате телефонот и…. не се јавува

 

Решавате да излезете. И токму тогаш, на таа забава го запознавате него, интересен, симпатичен, забавен (веројатно не ви оставил таков впечаток заради алкохолот), а и тој веројатно го мисли истото за вас зашто цела вечер ве гледаше и пробуваше да ве насмее. Водена од тие импулси на крајот на вечерта му го дадовте бројот на својот мобилен. И нетрпеливо очекувате да ви се јави, а тој не се јавува, и го нема… го нема….

Се прашувате за што станува збор?! Вие да побаравте нечив телефонски број сигурно ќе му се јавевте. А овјпат тој вам ви го побара бројот, не му се наметнавте вие. Па зошто тогаш не ви се јавува? Во каков “филм” е влезен?
Ако ја отфрлиме можноста дека го изгубил вашиот телефонски број (можеби по грешка го избришал од телефонот или сам мислел дека го стиснал копчето “меморирај” откако го запишал), постојат уште неколку можности. Една е дека тој бил во алкохолизирана состојба кога ви го побарал бројот (тоа особено се случува ако се запознавате во кафетерија), па кога се отрезнил веќе не може ни да се сети која сте вие или не е сигурен дека вие ќе се сетите на него (ако вие сте биле во алкохолизирана состојба кога сте му го кажувале бројот). Ако се плаши дека нема да се сетите на него, може едноставно да реши да не ви се јавува и дека полесно е да се обиде да ја заборави целата работа.
А можеби ви го побарал бројот само затоа за да си го “нахрани” своето его. Има мажи кои едноставно го сметаат за успех тоа што успеале да земат број од некоја жена и со тоа да се фалат во друштвото, без оглед дали таа жена навистина ги интересира или не.
Уште една можност е да забележал дека сте заинтересирана за него, но дека тој не бил заинтересиран за вас. Постојат мажи кои сметаат дека идеален начин да се заврши еден разговор во кој веќе не сакаат да учествуваат е да го побараат телефонскиот број – таа ќе смета дека му оставила добар впечаток, а тој нема да испадне некултурен ако само си замине. Непотребно е да се каже дека таквите мажи немаат храброст отворено да и го кажат на жената тоа што го мислат, особено кога немаат никаков интерес.
Без оглед која и да е причината, нема причина многу да си ја заморувате главата околу тоа. Ако тој ви го побарал бројот на телефон, а потоа со денови не ви се јавил, постои само една паметна работа која можете да ја направите – заборавете го!