Search for content, post, videos

Игротека за возрасни „Живот“

 

Неодамна слушнав една интересна изрека, која вели вака „Еден ден сите го напуштаме училиштето, но училиштето не не напушта нас“. Ми остави голем впечаток, ме подзамисли но и ме фрли во недоумица. Дали е навистина така?

Вистина е дека во училиштето растеме, растеме за да пораснеме, и учиме за да се изградиме во личности. И тоа во што подобри личности, за да бидеме пред се подобри и најдобри за себе, а потоа и за околината, но и за поудобно да се снајдеме и да уживаме во игротеката за возрасни наречена „Живот“.
Иако по игра на судбината некои, и покрај училиштето кое го носат во себе, не успеваат да се снајдат во игротеката, поточно и не се забавуваат баш многу, голем број, за жал, не успеваат благодарение на себеси. Зошто е тоа така?
Во многу случаи причина е токму спротивното од изреката „училиштето ги напуштило, или поточно свесно го исфрлиле од себе“.
Можеби звучи излитено, но мудроста на човекот е неговото најсилно оружје. Мудриот човек едноставно има поинакви погледи кон животот, размислува двапати, па и трипати пред да прејде кон делото и едноставно не се откажува толку лесно. Мудриот човек знае дека во светот кој се движи со брзина на светлината ќе опстои единствено ако и самиот земе било какво забрзување. А забрзувањето е во науката, во учењето.
И напротив, воопшто не е тешко да се научи нешто ново. Само е потребна желба. И верба. А потоа со малку или малку повеќе труд резултатот е неизбежен. И на крајот, секако, треба разумно да се располага со знаењето. Знаењето е богатство кое никој не може да го купи. Отвора многу врати, секогаш па дури и на најтрнливиот пат си наоѓа мало дупче низ кое успева да се протне. А кој го нема, тешко му оди. Затоа потоа и забавата во игротеката не му е интересна, или пак едноставно не може да се снајде со „играчките“ во неа.
Не дозволувајте да ве напушти училиштето. Не бркајте го од себе. Со секој нов ден научете нешто ново. Не извлекувајте се со изговорите дека немате време или дека залудно го трошите времето на учење. Секое нешто си има свое место и свое значење во животот. Само треба внимателно да ги наредите коцкичките и сликата ќе стане комплетна. Во сликата ќе се препознаете себеси, токму онаква каква што сте се потрудиле да станете, со сите свои доблести и мани. А тоа веројтно ќе ви даде поттик да одите понатаму, да искачите уште едно ниво во играта, да вкусите уште некој од вкусовите на играта во која задоволства има многу, но не се исклучени и разочарувањата. Сепак, ако ги нема, тогаш монотонијата набрзо ќе не проголта, нели?