Search for content, post, videos

Тебе, те носам како ланче околу вратот…

 

Токму тебе, кој го читаш ова. Јас нема да ја заборавам оваа ноќ кога ќе мине, а ти нема да ме заборавиш мене, бидејќи некој од овие зборови ќе ти остане заглавен во градите. И колку повеќе ја голташ вистината, таа уште повеќе те притиска и ти стои како кнедла во грлото. И јас имам големи соништа кои сакале да летаат по небото како змеј од хартија, а се урнале како стаклен авион без црна кутија. Од нив останал само пепел. И сепак, пак ги создадов и еве со кревки зборови се обидувам да објаснам дека човек никогаш не е поразен се додека станува на нозе со желба да гледа како си игра со ветрот неговиот хартиен змеј. Секој треба да оди по своите соништа. Колку и далеку да изгледа, ниеден збор, ниту потсмев, не смее да има обесхрабрувачка суштина. Бидејќи, чувството на исполнетост е најголемата награда од животот. Ќе ви раскажам една приказна. Желката Рафаело, која штотуку беше родена, имаше желба да направи неколку кругови околу Калата. Едноставно, беше вљубена во неа и можеби мислеше дека така ќе ја освои. И ги направи тие кругови со кои го заврши својот живот. Колку и бавно тоа да беше, сепак, среќата немаше цена. Тоа малечко, штотуку родено желче, е голема поука дека откажувањето никогаш не е добра опција. Колку и невозможно тоа да изгледа, сепак, сите си должиме себеси да се обидеме. Тебе, те носам како ланче околу вратот. Затоа што си причина да ги искажам овие зборови, затоа што знам дека сега ќе развлечеш насмевка на лицето и можеби не уште денес, но утре сигурно, ќе излезеш и со својот хартиен змеј ќе создавате виножито на небото.

Надица Пушкоска