Search for content, post, videos

Тоа беа денови… а беа ли?

Ах, тие добри стари времиња. Позната ви е реченицата? Ја слушате речиси на секој чекор, а веројатно и самите ја употребувате повремено велејќи „еее, некогаш децата беа повоспитани, попослушни, пријателите верни и блиски, семејството се држеше како едно, јадевме многу поздрава храна, живеевме многу побезбедно…“.

Оваа појава и не е толку чудна, затоа што кога ќе ѕирнеме малку во литературата, па и во историјата, сфаќаме дека овој феномен е безвременски. А зошто?

Веројатно, во миговите кога ни е тешко, кога го чувствуваме бремето на животот како ни тежи врз грбот, посакуваме да се вратиме во минатото, кога сме се чувствувале побезбедни. Честопати минатото во мислите го доживуваме како сигурно скривалиште од шлаканиците на сегашноста.

Но дали сте помислиле некогаш на што всушност ние тоа се сеќаваме, и по што жалиме? Кога ќе кажеме, тоа беа убави времиња, всушност се навраќаме во младоста кога сме биле деца и млади, кога не сме биле соочени со животот и сè она што тој носи со себе, кога секојдневно не нè чекале тешки одлуки, кога грижата за семејството и блиските не била наша обврска, туку сме биле оставени на мечтите што сè би сакале да направиме во животот и како да го оствариме тоа. А потоа, полека годините почнале да нè совладуваат и сме станале свесни дека многу работи не се онакви какви што сме ги замислувале.

Но жалот по она што поминало не се крие само во фактот што мечтаеме по младоста, туку и во тоа што некако со текот на времето ги забораваме негативните нешта што ни го боеле животот па остануваат само убавите спомени. Па така, кога се сеќаваме на минатото, ретко ни се навраќаат неубавите спомени, напротив најчесто помислуваме на миговите кога сме се смееле, на луѓето што биле со нас кога ни било најзабавно, на песните што ни буделе убави чувства.

Можеби затоа понекогаш треба да застанеме и да се запрашаме, а дали порано навистина беше поубаво од денес?

Денес го имаме она што го носи денот, саканите покрај себе, нашите деца, нашите кариери, некогаш успешни некогаш и не толку, домот, кој иако понекогаш е исполнет со кавги и тага, почесто е насмеан и весел. Го имаме утрото кое ветува дека никогаш не треба да велиме никогаш, бидејќи многу можеме само ако сакаме и ако сме упорни. Некогаш не можеме да влијаеме на тоа како ќе се случуваат нештата, незадоволно заклучуваме дека губиме и дека не сме успеале во нешто, но тоа пак отвора нова врата за нови предизвици.

Мојот став за носталгијата е дека навистина некои работи порано биле подобри, но дефинитивно има работи што се подобри денес. Дефинитивно жалам по поврзаноста и блискоста што ја остварувавме со пријателите, а денес зависиме од социјалните мрежи и студените разговори преку прозорчињата што светкаат кога некој ќе ни пише. Разговорот во четири очи и искрената насмевка никако не можат да бидат заменети со неколку смајли.

Сепак, којзнае, во иднина можеби и следните генерации ќе жалат по ова нашево?!