Search for content, post, videos

За да го зајакнете либидото… јадете рукола

Руколата е растение со медитеранско потекло, која уште старите Римјани и Грци многу ја ценеле и ја користеле во исхраната. Покрај другото, тие руколата ја употребувале и како моќен афродизијак и е многу вкусен лисест зеленчук кој лесно успева и се одгледува, а има многу корисни својства во заштитата на организмот.

Првите записи за ова растение потекнуваат од Медитеранот, а записи се сретнуваат и во Библијата и во Талмудот, каде се зборува за растение кое има широка, и кулинарска и медицинска употреба. Во древниот Рим и Египет, семките и лисјата од рукола се користеле како афродизијаци. Во Вергилиевата поема “Моретум”, руколата е опишана како растение кое го буди либидото дури и кај заспаните луѓе. Руколата е неизоставна состојка во сирупите против кашлица и во лековите против скорбут. Руколата спаѓа во семејството на зеленчуци заедно со брокулата, кељот, прокељот, зелката и спанаќот.

Својства, состав и лековитост на руколата – Руколата е позната и како “зелено злато на Римјаните”. Најмногу и одговара средоземноморската клима и често се одгледува и како украс во малите градини. Оваа култура, која се приготвува како салата и се користи како додаток со варен компир и риба, може да се одгледува и кај нас. Руколата има скромни барања за топлина и е отпорна на ниски температури и мраз. Поради тој факт, може да се произведува во текот на целата сезона. Една порција рукола обезбедува 83% од дневната потреба на човекот за витамин К, но и 38% од препорачаната дневна доза витамин А. Магнезиумот и цинкот се најважните состојки кои & го даваат афродизијачкото дејство на руколата. Овие состојки не само што го штитат организмот од стрес, туку помагаат и во синтезата на половите хормони. Поради ваквото позитивно дејство врз либидото и потенцијата, научниците уште ја нарекуваат и љубовна дрога. Како и поголемиот дел на останатите зелени лисести зеленчуци, руколата изобилува со антиоксиданси, го чисти црниот дроб и е идеална за пролетна детоксификација на организмот. Руколата создава глукозинолати, кои во системот за варење се претвораат во изотиоцинати. Овие, заедно со големиот број антиоксиданси во руколата, делуваат на регулирањето на имунолошкиот систем на организмот, спречуваат макуларна дегенерација и остеопороза, но и активно штитат од рак. Руколата е исто така богата со хлорофил и соединенија на сулфурот, кои го помагаат чистењето на организмот на клеточно ниво. Освен бројните хранливи состојки, руколата содржи и биолошки активни состојки – фитохемикалии, чии антиоксидансни својства имаат позитивен ефект врз здравјето на човекот и го намалуваат ризикот од многу заболувања. Богата е со бета каротен, лутеин и зеаксантин. Бета каротенот го блокира формирањето на слободните радикали и така директно го спречува оштетувањето на клеточната ДНА структура. Делува како антиоксиданс на мастите, што значи го спречува создавањето на супероксиди и пероксиди. Бета-каротенот во организмот се претвора во витамин А, кој е неопходен за регенерација на кожата. Исто така, според многу истражувања бета-каротенот помага во превенцијата на многу малигни заболувања. Ова заштитно дејство на бета каротенот се одразува и на другите органи како што се: белите дробови, цревата, мочните патишта и штитната жлезда. Руколата содржи и индоли, кои се ефикасни во намалувањето на ризикот за настанување хормонски зависни карциноми, како што е и ракот на дојката. Содржи и лутеин и зеаксантин, каротиноиди, кои покрај своите многубројни заштитни својства, играат важна улога и во заштитата на ретината на окото. Лутеинот и зеаксантинот се важни во исхраната, бидејќи можат да го поправат видот по биолошки и природен пат. Бидејќи содржи големи концентрации на калциум, таа им се препорачува на лицата со остеопороза, но и како превенција од остеопороза, особено на жените во постменопаузата.

Полна чинија рукола – Денес руколата е особено популарна во многу светски кујни и се одгледува како култивирана билка. Има специфичен горчлив ароматичен вкус. Најдобро е да се консумира веднаш по берењето, бидејќи со стоење го губи витаминот Ц. Листовите од руколата прво треба добро да се измијат под силен млаз вода, а потоа да се отстранат рачките. Најчесто се користи свежа, како салата, но може да се додава и на многу јадења. Особено се додава на оризот и тестенините. Руколата им дава и посебен вкус на јадењата подготвени на скара. Руколата може да се вари и обарува како и кој било друг зеленчук, што отвора големи можности за експериментирање. Таа е одличен додаток за мешани салати, тестенини и пити, а оди добро и како прилог, заедно со компири или ориз. Нејзиниот остар и свеж вкус добро се соединува со цитрусните овошја, крушите, оревите, доматите и сирењата со силен мирис и вкус, како пармезанот, козјото или синото сирење. Може да се посипува и врз пица и тестенини, но дури откако ќе бидат подготвени.

Салата од рукола – Состојки: 250г. рукола, 5-6 шери домати, 50г. пармезан, 50г. семки од сончоглед, 50мл. вински оцет или балсамико, 50мл. маслиново масло, неколку црни маслинки, сол по вкус. Подготовка: Руколата измијте ја и исцедете ја. Доматите исечете ги на половинки. Зеленчукот заедно со останатите состојки ставете ги во длабок сад за салата. Посолете и додајте вински оцет и маслиново масло. Промешајте.

Сендвич со рукола, јагоди и козјо сирење – Состојки: еден врзоп рукола, малку сол и црн пипер, малку балзамико, козјо сирење, крцкав леб и јагоди. Подготовка: Загрејте ја грил тавата (или тостерот ако ви е полесно), измешајте ги јагодите и балзамикото, исечете го лебот како за сендвич и ставете го козјото сирење внатре во лебот. Наполнете го сендичот со мешавината од јагодите и балзамикото, зачините и руколата. Затворете го сендвичот и ставете да се потпече додека да се истопи сирењето. Иако рецептот звучи необично, дајте му шанса. Јагодите во комбинација со козјото сирење и горчливиот вкус на руколата ќе ви дадат совршено урамнотежен вкус.

Брускети од рукола – Состојки: еден врзоп рукола, сол, маслиново масло и интергрален леб. Подготовка: Во блендер измиксирајте ја руколата со маслиновото масло, а потоа во смесата одајте го претходно издробениот интергрален леб. Зачинете по вкус и направете мали брускети (сплескани топчиња). Ставете да се пече во претходно подмачкана тава, половина час на 200 степени. Послужете ги со крем супа или фонди од сирење.

Уживајте во убавата свежина на руколата.

Силвана Јованчева