Search for content, post, videos

За детската сексуалност…

Вашето дете се раѓа како девојче или момче, а свесноста за својот пол, која постепено се развива игра значајна улога во односите со вас како родители, а подоцна и во емотивните врски. Сексуалната потреба (либидото) и неговото задоволување се манифестираат од самото раѓање, се разбира не на начин кој ние возрасните го знаеме и практикуваме, туку на одреден суштински начин кој претставува основа на животот на сосема малото дете.
Временски гледано, половото обликување на личноста се состои од неколку периоди.

 

Од раѓањето до 3 година

Децата имаат сексуални чувства уште од самото раѓање. Најраната емотивна поврзаност на доенчето со неговите родители се воспоставува по пат на физички контакти. Родителите ја изразуваат својата љубов спрема детето, а тоа претставува основа за развој на зрели односи на интимност и љубов кои се важни компоненти на зрелата сексуалност. Доенчето сака да цица, да го цица палецот, ужива кога мајката нежно го држи во својата прегратка и го милува. Подоцна ги открива половите органи и уживањето кое го чувствува кога ги допира. Сето тоа спаѓа во природен и посакуван развој кај децата. Момчињата порано од девојчињата го откриваат својот полов орган. Тие имаат видливи ерекции кои често се од рефлексен карактер.
Помеѓу 2 и 6 година
Детето открива дека е девојче или момче, а тоа откритие е врзано за препознавање на сопствениот полов орган. Со допирање на тој дел од телото доживува и одредено задоволство. Некои родители честопати исплашено реагираат: „Не допирај се, тоа не е убаво“. А на момчињата понекогаш им се закануваат драматично: „Внимавај што правиш, ќе те истепам“. Пред се, не заканувајте се со страшни казни. Не кажувајте им дека тоа е „одвратно“ и „некултурно“. Овие допири се чести во одредена детска возраст и не треба да ги сметате за срамни. Не понижувајте го своето дете. Тоа е потполно нормална и безопасна манифестација, посебно ако се случува повремено. Меѓутоа, не употребувајќи погрдни зборови, родителите можат да постават извесни граници – на детето му е потребно да сфати какво е нормалното, вообичаено однесување на родителите. Тоа мора постепено да станува свесно за своите нагони и да учи да ги насочува.
Од 3 до 7 години
Периодот од 3-7 години се карактеризира со зголемување на интересот на детето за сопствената сексуалност, па така тоа може да биде преокупирано со разликите во начинот на мокрење или за играта „покажи ми што имаш„ во која децата меѓусебно си ги покажуваат половите органи. За оваа игра губат интерес на петгодишна возраст кога се развива чувството на срам. Сите мали деца, порано или подоцна, со голема страст си играат доктори. Таа игра кај нив ја задоволува потребата за истражување – да се види, да се допре, и истовремено предизвикува пријатни чувства. Додека се мали и кога родителите не им ја забрануваат оваа игра, тие си играат јавно. Докторот и медицинската сестра се активни, мерат температура, ставаат инјекции и така доаѓаат до пријатни контакти од различен вид. Имитирањето мајка и татко во детската игра исто така ја пренесува нивната фантазија и љубопитност во врска со сексуалноста на родителите. Кога малку ќе потпораснат, децата ги испитуваат реакциите на возрасните за овие игри и играат повеќе или помалку отворено. Ако возрасните им ги забрануваат овие игри, на тоа се додава и вкусот на забраната и уживањето е поголемо.

Од 7 до 12години
Околу седмата и осмата година детето станува веќе свесно за тоа кои извори на задоволство можат да дојдат од неговото тело, но малку по малку ја прифаќаат општествената цензура. Тоа веќе знае што може да прави јавно, а што е подобро да го прави скришно од возрасните и уживањето станува тајно.
Помеѓу 7 и 12 година децата го живеат периодот на сексуален мир, пред да настапи хормоналната револуција во адолесценцијата. Во овој период „лошите навики“ укажуваат на тенденцијата за повлекување во себе и дете кое често ги практикува има потреба од внимание, спокој и помош од возрасните.
Улогата на родителите…
Добри родители не се само оние кои ќе ги родат децата, туку оние кои се способни правилно да ги воспитаат, што секако дека го вклучува и сексуалното воспитување.
Возрасните тешко го прифаќаат постоењето на детската сексуалност. Повеќето родители не се подготвени да разговараат со своите деца на оваа тема затоа што нивните родители не разговарале со нив кога биле деца и не научиле како да го прават тоа сега со сопствените. Значи, проблемот со детската сексуалност е пред се проблем на сексуалноста на нивните родители. Затоа на прашањето кога да се започне со сексуалното воспитување на децата, одговорот е – пред зачнувањето на бебето. Ова воспитување почнува уште пред зачнувањето на детето, кога идните родители прво ќе ја прифатат својата сексуалност. Потоа ќе им биде многу полесно да му го пружат на детето она што му е потребно во време кое него му одговара.
Во длабочината на своето тело детето го носи сексуалниот инстинкт. Се разбира, неговото задоволување ќе биде можно дури кога детето ќе порасне, но тоа го чувствува и на него реагира со зборови и акција. Оваа љубопитност кај детето е нормална. За се што е врзано за големите животни прашања детето го сфаќа неговото значење и го изразува својот немир. Било каков да е ставот на неговите родители, тоа е љубопитно, заинтересирано и носи во себе формулирани и неформулирани прашања за животот, сексуалноста, за смртта. Ако родителите ја поддржуваат свесноста за тоа дека детето е резултат на нивната љубов, фактот дека заедно го зачнале нема да им биде непријатно и детето, не знаејќи ги деталите, тоа ќе го почувствува.
што сакаат да знаат децата?
Уште од мала возраст децата почнува да ги интересира сопственото раѓање. Од каде дошло? Каде било претходно? Како се нашле во мајчиниот стомак? Други ги интересира како се случува раѓањето и слично.
На многу деца им е тешко да зборуваат за самото породување. Но, тие всушност сакаат да знаат како бебето излегува од стомакот. Вистината им изгледа сосема природна. Потполно се смирени кога ќе го сфатат механизмот на раѓање. Не се потребни комплицирани објаснувања. Тоа што едноставно и природно му се објаснува на детето исто така едноставно и природно ќе биде прифатено.
Со текот на времето, некаде од 6 до 12 година детските прашања за сексуалноста стануваат поодредени, зависно од возраста и степенот на интересирање на детето. Постарите деца изразуваат поголема објективност и полесно ги прифаќаат одговорите, бидејќи се наоѓаат во период на привиден сексуален мир. Доколку не добие соодветни објаснувања дома, детето ќе ги побара од другарчињата, во книгите или на други места. Првите пубертетски појави може да се јават многу рано, посебно кај девојчињата. Децата мора да бидат информирани за сите промени што се случуваат во тој период. И девојчињата и момчињата мораат да се запознаат со сите физички промени кои настануваат со нив пред и во текот на пубертетот.
Кој треба да разговара – мама или тато?
Во првите години детето е многу блиско со мајката, поголемиот дел од времето го поминува со неа. Затоа е и сосема природно кога во нејзино присуство ќе се случат првите појави, одговорите на детските прашања да ги даде токму таа. Редот ќе дојде и на таткото и не е добро да се извлече и да ја префрли одговорноста на вообичаениот начин: „Прашај ја мама!“
Кога станува збор за пубертетот, најдобро е детето да зборува со родителот од истиот пол – таткото разговара со синот, а мајката со ќерката. Тоа е и оправдано затоа што само родителот од истиот пол може да најде свои лични проблеми во младоста, да знае со какви чувства се среќавал кога бил на возраст како синот или ќерката, да зборува со своето дете со адекватен јазик. Сето тоа ќе придонесе младиот предадолесцент да се чувствува послободно пред него, затоа што се работи за навистина интимни прашања кои ја допираат женственоста и машкоста.
Половата сексуална љубопитност која не е задоволена на адекватен начин, кај детето предизвикува полова фантазија, која може да се развие секогаш на штета на душевниот развој на детето. Ако тоа не го спречиме, детето од самиот почеток ќе талка низ царството на таинственото, неприродното и измисленото, без пристоен одговор, без смирување на својата разгорена фантазија. Да се спушти детето од нереалната сфера на нивото на реалниот живот, никако не значи да го ослабиме, туку да го зацврстиме, затоа што во сексуалниот живот не се живее во облаци, туку на земја.

Лидија Попчева
психолог-психотерапевт
е-маил: lidijapopceva@yahoo.com
тел: 070 27 35 35