Search for content, post, videos

За лесен летен чекор

Да имате убави и негувани стапала тоа не значи само редовно да ги миете и да ги обоите ноктите. Напротив, стапалата бараат посебна нега.

• Избегнувајте да носите чевли со високи потпетици. Нозете брзо се заморуваат, а кожата на долниот дел на стапалото станува тврда и груба. Тоа се случува поради ненормалното ниво на кое нозете не се навикнати. Ова не значи сосема да ги отфрлите високите потпетици. Напротив. Тие се сепак симбол на женственоста. Но можете да направите вака: на работа носете ниски, рамни чевли, а навечер облекувајте високи потпетици.
• Настојувајте да не носите исти чевли два дена по ред. Стапалата се подложни на потење, па и чевлите лесно ја примаат потта. Затоа чевлите кои сте ги носеле тој ден потребно е да се проветрат барем еден ден потоа.
• Никогаш не ги сечете тврдите кожички од страната на ноктите и петиците кога ви се суви нозете. Отстранувањето на кожичките и стругањето на петиците треба да го правите по деталното миење на нозете. Ако имате поголеми проблеми, зараснување на ноктите во месото, здебелување на кожата, најдобро е да појдете на кожен лекар.
• Препорачливо е да не ги сечете ноктите на нозете, туку редовно да ги обликувате и стругате со турпија. Ако го правите тоа редовно, ќе забележите дека навистина нема потреба да ги сечете.
• Мијте ги нозете секој ден – наутро и навечер. Најнепријатно чувство оставаат замирисаните нозе. По миењето внимателно исушете ги со крпа, а потоа втријте лосион за нега на стапала или обично млеко за тело.
• Ако ви се изморени нозете, подгответе купка од 1 литар топла вода и 2 лажици сол. Држете ги нозете 15 минути во водата, а потоа истуширајте ги со студена вода. Оваа постапка ја подобрува циркулацијата и моментно ги одмора нозете.
За да уживате во новите отворени сандалки или апостолки ова лето, најпрвин внимателно средете ги стапалата. Тргнете по овој редослед…
1. Отстранете го стариот лак. Најпрепорачливи се маслените ацетони кои содржат во себе и одредени витамини, кои воедно го помагаат зацврстувањето и обновувањето на ноктите. Избегнувајте ги алкохолните ацетони.
2. Подгответе бања за нозете. Во два литри топла вода ставете половина шолја морска сол. Во посебен сад попарете 2 лажици листови од орев со 2дл жешка вода. Оставете неколку минути да отстои, а потоа додајте го на бањата. Потоа попарете 2 лажици суви цветови мајчина душичка, оставете да отстои па и тој чај додајте го на купката. Оревот помага во зајакнувањето на стапалата, а мајчината душичка за дезинфекција. Потопете ги нозете десетина минути во оваа купка.
3. Со четка за триење и чистење на стапалата, нежно масирајте ги и воедно отстранувајте ја нечистотијата. Нозете не треба да бидат мокри туку само малку влажни. Задржете се на погрубите, рапави делови на ногата – петиците и здебелената кожа под прстите.
4. Додека ви се влажни нозете, убаво истријте ги петиците со камен за петици или четка за триење петици. Така ќе ги отстраните мртвите клетки од површината на кожата и ќе ги направите меки и нежни. Ако не го правите ова почесто, кожата се повеќе ќе се здебелува и огрубува, а тоа воопшто не е убава глетка кога ќе облечете сандали.
5. Во бањата што ја подготвивте претходно, по триењето со каменот повторно потопете ги нозете и држете ги десетина минути. Потоа внимателно исушете ги со мека крпа.

6. Откако ќе ги исушите, масирајте ги со лосион или млеко за тело неколку минути (ако не ги исушите претходно убаво нозете, а нанесете лосион може да ви се појават дамки на кожата). Покрај готовите лосиони, можете и самата да си го подготвите: измешајте 500мл маслиново или бадемово масло, 10мл масло од мајчина душичка (за дезинфекција) и 10мл масло од лаванда (за релаксација).
7. Со кора од портокал мачкајте ги ноктите и поткревајте ги нагоре кожичките од страните на ноктите. Со турпија со четири нивоа нежно средете ги целосно ноктите. Не прескокнувајте ниту едно ниво зашто така не им нудите комплетен третман.
8. Откако ќе ги истругате ноктите, намачкајте ги со маслиново масло (тоа ќе им даде цврстина, а воедно е и хранливо за ноктите). Оставете 10 минути да се впие, а потоа со памукче отстранете го вишокот.
9. Дури сега вашите нокти се подготвени за завршната постапка – лакирање. Најпрвин нанесете еден слој проѕирен лак и оставете убаво да се исуши. Одозгора нанесете лак во саканата боја. Завршете со уште еден слој проѕирен лак, кој ќе ја игра улогата на заштитен слој и ќе направи лакот да стои подолго.

Силвана