Search for content, post, videos

За вкусовите (не) се дискутира!!!

До каде сме со кичот? И со невкусот? И со некултурата? Јас искрено се надевам
дека малку барем мрднуваме од мртвата точка, затоа што пријатно изненадена,
само неколку дена по излегувањето на новиот број на Комплетна почнав да слушам
милиони коментари поврзани за кичот и “труењето” со невкусот, “карикатурата” ја
снема од ТВ екраните, а на неколку телевизии дури и налетав на емисии од типот –
да дискутираме за кичот, дали постои кич и уааа за турбо фолкот.
Можеби нескромно ќе звучи, но срцето ми се исполни со задоволство, мала
искра ми прелета пред очите и си реков “Па фала Богу, значи има надеж за нас”.
Но радоста кратко траеше…
Пред една недела решив да отпатувам кај баба ми, да го одморам малку
мозокот и да се дистанцирам од сите случувања, да соберам малку енергија и да
продолжам понатаму. И отпатував, сe беше онака како што и посакував да биде,
го сменив скопскиот воздух, но за жал кусиот викенд брзо летна и веќе се подготвував
да се вратам назад. Секако, со автобус. А зошто да не? Не патам од тоа
дека треба да патувам исклучиво со автомобил. Изненадувањето ме очекуваше
кога се сместив во седиштето и откако поминавме 20-тина километри…
Новиот автобус сe уште мирисаше на оној карактеристичен мирис излезен
од фабриката, беше навистина удобен, а тоа ми причинуваше задоволство плус
кога помислив дека конечно како човек ќе се возам со автобус и дека секогаш
кога ќе одам кај баба ми ќе го користам токму него како превозно средство.
Опуштено уживав во крајпатните убавини на недопрената природа, кога одеднаш
“дречливо нападен” звук ми ги распара ушите. Дури потскокнав! Не можев да верувам
– од звучникот над мене се ширеа ноти на некоја новокомпонирана турбофолк
пејачка и тоа најгласно што може. Лудило! Невозможно! Се препелкав во
седиштето ваму-таму, се обидував да реагирам нормално иако гласниот звук на
одвратните песни буквално ме “колваше” во мозокот и ми создаваше главоболка.
Ја испружив раката да го исклучам звучникот, но тогаш ја направив најголемата
грешка – на тој начин останатите уште повеќе се засилија. Не знаев што да правам.
Се подзавртував на сите страни во надеж да забележам уште некое лице на
кое ќе има јасно исцртан грч од незадоволството, но… тогаш сфатив дека автобусот
беше преполн со студенти и ученици кои по викендот се враќаа во Скопје.
И уште потрагично, тие воопшто не реагираа.
Што се случува? Зарем светов поулавел? Разочарана и веќе на крајот на
трпението, станав и отидов кај возачот. Со последните сили на човечност и топол
глас го замолив да ја исклучи музиката. Тогаш ме исече неговиот поглед и
гласот полн со осуда кој ми рече “Ако не ти одговара, симни се. И патувај си со
автомобил следниот пат, а во овој автобус се слуша музика каква што сакам јас”.
Останав занемена, се вратив на седиштето и го продолжив патот.
Наравоучение: стигнав безбедно во Скопје, со неверојатна главоболка и
длабоко разочарана, дури и повредена. Заборавив на релаксираниот викенд, па
дури и зажалив што сум отишла. Ако не отпатував, немаше да го имам тоа грозно
искуство. Но, имаше и позитивна страна од сето тоа. Ме натера да се запрашам
– до каде треба да оди онаа народната “За вкусовите не треба да се дискутира”?
Можеби навистина не треба да се дискутира, но сега барем дефинитивно знам –
ВКУСОВИТЕ НЕ ТРЕБА ДА СЕ НАМЕТНУВААТ!
Да му кажеме стоп на кичот и невкусот!
Да ги заживееме Убавите Манири!

Слаѓана Тошиќ