Search for content, post, videos

Занаетчијата кој немаше што да каже, но знаеше како да го направи тоа – Федерико Фелини

 

 

Петкратниот оскаровец, италијанскиот синеаст Федерико Фелини, препознатлив по оригиналноста кога стилот, начинот на изразување е во прашање, зазема едно од водечките места во историјата на филмот. Неговата скромност беше толкава што за себе велеше дека е занаетчија кој нема што да каже, но знае како да го направи тоа. Преку филмовите и неизговорливото “допираше” до оние кои не сакаа да го слушаат. Дури и го гледаа.

Го нарекуваа експерт за филм, а тој не сакаше претераност. Велеше дека е сосема доволно режисер. За неговото кинематографско творештво кое “траеше” четириесетина години, од Ло сцеиццо бианцо (Белиот шеик, 1952 г.) до Ла воце делла луна (Гласот на месечината, 1990 г.), доби почесен Оскар, петти по ред, само неколку месеци пред да почине. Повеќето се автобиографски, богати со сатира, но и обвиени со “маглив” превез на меланхолија. Освен што “создаде” неколку улоги кои се, едноставно, незаборавни, насловот на неговиот најпознат филм, Ла Долче Вита (Сладок живот, 1960 г.), стана “топоним” што изворно, на италијански, се користи во целиот свет. Дури и зборот папарацо, кој се употребува кога фоторепортер Што прави индискретни снимки на познати личности е во прашање, е “изум” на Федерико Фелини, според презимето на Марчеловиот пријател кој го играше Валтер Сантесо. Беше посебен и во способноста да “креира” необични ликови во несекојдневни амбиенти, со помош на контрасти, нагласена реторика, и покажувајќи јасна слика на стварноста.


Судбинската средба со Роберто Роселини
Филмскиот творец кој воведе ново “правило на игра” во кинематографијата се родил на 20 јануари 1920 година во Римини. Потекнува од градско семејство. Неговиот татко Урбано, роден во Цесена, работел како комерцијалист, а мајка му Ида Барбиани, “права” римјанка, била домаќинка. Се грижела за четирите деца и домот. Од најрана возраст покажувал интерес кон цртањето, во основното училиште бил дел од куклениот театар, а во средно се покажал како одличен карикатурист. Често знаел да “избега” кај неговата баба, на неколку дена, а оттаму да го “снема” со другарите. Кога имал дванаесет години отпатувал со една циркуска трупа за да биде кловн. Многумина неговото “бегство” го гледале како желба да се биде во центарот на вниманието, преку учество во некој спектакл, но тој не се осврнувал на таквите коментари. Причината била, сепак, Школата. Не сакал да оди на часови. Не му се допаѓал редот што се обидувале да го воведат во католичкиот интернат. Освен тоа, дисциплината и учењето не му биле “јака” страна. Во филмската уметност не се нашол тукутака. “Патот” бил прилично турбулентен. Започнал како цртач на вињети и пишувач на кратки прозни текстови за магазини. Тогаш имал осумнаесет години, а кога станал полнолетен заминал во Рим со изговор, да студира право. Но целта на Федерико била сосема поинаква, да влезе во шоу-бизнисот, да ги запознае луѓето од тој свет. Најпрвин “влегол” во вариететите, таму остварил контакт со веќе славните Алдо Фабризи, Ерминио Макарио и Марчело Марчези. Почнал да пишува сценарија и скечеви за во 1950-тата да дебитира со Луци дел вериет (Светлината на вариететите), заедно со Алберто Латуада. На роматичната драма и претходело искуство стекнато работејќи со Роберто Роселини на воените “Рома, цитта аперта” (Рим, отворениот град) и Паиса, во 1945 и 1946 година. Се запознале случајно, кога Роселини го посетил студиото во кое цртал карикатури на војници, заработувајќи за “гол” живот. Соработката траела до 1950 година. Всушност, тој го “поврзал” и со Латуада. Сепак, успехот во кариерата му го “должел” на Роберто Росселини за кого изјавил: “Со негова помош почнав да препознавам една поинаква филмска уметност. Дотогаш ја доживував како нешто нејасно. Роберто ми покажа дека снимањето филм не мора да биде ‘измама’, дека може да се работи и без какви било претпоставки, без однапред утвредени пораки. Но благодарен сум и на ‘подарокот’ што го добив од него. Ме научи како да ја зачувам мирнотијата во себе, на понизен однос кон животот и слично”.
Филмовите на Фелини, своевиден неореализам на душата
Тоа е, всушност, периодот кога започнала одново да се “пишува” историјата на Италија. Повоеното затишје имало “потреба” од новини. Пополека се чистеле остатоците од разурнатите објекти, граѓаните станувале пооптимистични, порасположени, верувале во благодетот на економскиот просперитет, имале надеж. Тогаш настанал неореализмот, уметнички правец што се стремел кон едноставен израз, кон вистинско и отворено прикажување на животните проблеми на луѓето и на современите општествени односи. Федерико Фелини се смета како негов најзначаен претставник чии филмови ги нарекувале своевиден неореализам на душата. Психологијата му станала “фах”. Затоа, ни малку не е чудно што мотивацијата да го сними Белиот Шеик била површноста, преокупираноста на италијанските граѓани со безначајните работи. Дејството се одвива во Рим каде младата брачна двојка оди за мажот да го запознае папата, а жената главниот лик од популарниот фотороман, “Белиот Шеик”. Преку вештото прикажување на двете напоредни случувања, главниот град на Италија многу брзо им ја урива илузијата на сопружинците. До 1954 година, кога го доби првиот Оскар за Ла Страда (На патот), снимил уште два филма. Во драмата говори, и тоа поетично, за деликатниот љубовен однос меѓу двајца улични забавувачи кои ги играа Ентони Квин и Џулиета Масина. По три години се здоби со уште една, втора по ред, позлатена бронзена фигура за Ле нотти ди Цабириа (Ноќите на Кабирија) каде главната улога ја толкуваше повторно Масина. Истата година актерката ја освои Златната палма на Канскиот фестивал. Во 1960-тата, пак, наградата отиде во рацете на Фелини за Ла Долче Вита. И покрај големиот број полемики, најмногу во “кругот” на Ватикан, како поради еротизмот така и поради прикажувањето на моралната декаденција во која западнал Рим, сите беа согласни дека комедијата отстапува од традиционалната наративна шема. И ден-денес во сеќавање на повозрасните остана сцената кога Анита Екберг се капе во Фонтана ди Треви. Партнер во филмот и беше Марчело Мастројани. Своите и недоумиците на секој четириесетгодишен маж ги “преточи” во комичната драма 8½ (Осум и пол, 1963 г.) за која доби исто така Оскар. Од 1965 година, па натаму, сите негови филмови оставија некаква трага. Меѓу нив беше и Амаркорд за кој и во 1973 година стана оскаровец. Во меѓувреме снимал и ТВ-емисии, а талентот за режија, и тоа визионерска, најмногу дојде до израз во “Казанова” (1976 г.) по кој следеа уште неколку одлични филмови.
Гледајќи внатре, во себе, опишувајќи ги сопствените немири…
Федерико Фелини не криеше дека жените му беа најголемата инспирација. Тие и го привлекуваа и го плашеа во исто време. Барем така ги прикажуваше во своите филмови. Дванаесет години по неговата смрт во австрискиот град Кремс беа прикажани дваесет и девет цртежи за кои се претпоставува дека ги насликал во последните години од животот. Изложбата беше насловена Еротоманија. Доминираше женското тело, “јако” и сензуално. Критичарите ја препознаа Џиана, љубовницата која остана со него до крајот, а тој, ситен и неугледен, покрај неа изгледаше како играчка. Дел од цртежите, скиците и карикатурите на Фелини може да се видат во њујоршкиот музеј Гугенхајм, дел во римскиот дистрикт Трастевере. А две години претходно, куќата во која се родил, во Римини, беше претворена во музеј. На јавноста и стана “достапен” животот на Федерико, во целост. Секој може да си го протолкува како што сака, преку ракописите, фотографиите… Најбројни се, сепак, цртежите. Сликал постојано, дури и кога јадел. На бел лист-хартија “пренесувал” се, па и идеите, соништата, фантазиите, чувствата. Така му препорачал невропсихијатарот, а цртежите ги собирал во албум на чија корица пишувало Книга на соништата. “Нашите соништа се нашата стварност, а моите фантазии и опсесии не ми ‘припаѓаат’ само мене. Тие се работи од кои правам филмови.” Всушност, Фелини режирал преку слики, што е своевиден феномен. Затоа, кога снимал, точно знаел што сака, како треба… Резултат од таквиот начин на “функционирање” се петте Оскари, а последниот, почесен, го прими во 1993 година, за “кинематографски достигнувања од кои публиката ширум светот се вчудовидуваше и забавуваше”. Наградата и ја посвети на сопругата Џулиета Масина. Со неа беше во брак цели педесет години. Почина во октомври истата година од срцев удар, а таа само неколку месеци потоа, од рак на белите дробови. Обајцата се пограбани во бронзената гробница со облик на бродски кораб, на влезот од гробиштата во Римини. Со нив почива и нивното синче Пјерфедерици, кое умрело во 1945 година, како едномесечно бебе. За неговата “големина” сведочат и признанијата од колегите што го “земаат” како пример. Велат, грандиозноста на Федерико Фелини не се “огледува” само во анализата на општеството која најдобро може да се забележи во “Ла воце делла луна”, туку и во сцените од филмовите што успеал да ги сними гледајќи внатре, во себе, опишувајќи ги сопствените немири, недостигот на инспирација, пресликувајќи ја стварноста како рефлекс на своите надреалистички фантазии.

Игор Ландсберг