Search for content, post, videos

Затоа што во љубовта верувам…

Колку ми треба само малку љубов… Потребна ми е, сакам да ја почувствувам. Преку глава ми е од секојдневното трчање, завршување на сите обврски, премореното легнување, а потоа следниот ден повторно истото.
Токму вака се чувствувам, затоа и го кажувам. На глас!
Понекогаш самата на себе си звучам чудно, лудо, како тоа да не сум јас. И си помислувам, окружена сум со љубов, или барем со луѓе кои ме сакаат, но  некако не ми допира до мене или… Можеби грешам, можеби премногу длабоко запаѓам во тежината и предизвикот на новиот ден па немам време да ја почувствувам?
Дали некогаш се прашувате зошто ние луѓето сме жедни за љубов? Секогаш и секогаш се повеќе? Јас знам – затоа што тоа е единствениот начин да преживееме. Тоа е она што не движи, тоа е она што му дава смисла на нашето постоење. Па која би била инаку поентата да се будите наутро насмеана, да одите на работа и целиот ден да го поминете таму, со цел да заработите, за да можете да вложите во себе, а потоа тоа и да го покажете?! А се покажуваме, дотеруваме, се трупаме со искуство и мудрост само за да можеме да заробиме нечие срце кое потоа до крајот на животот ќе не храни со љубов.
Знам за себе… постојано сум гладна за љубов. За внимание. За убав збор. За добра забава. Секако,
сето ова меѓу редовите на денот исполнет со милион обврски. Гладна сум за слатките зборови на моето најмило, на мојот сакан, на мојата единствена вистинска љубов која таму некаде помислува на мене и посакува и тој да ја почувствува од мене истата. Но знам и дека на моменти сум многу себична. Знам дека ја затворам и потиснувам губејќи се во трката на секој ден, во лутината на незадоволството очекувајќи да добивам, а не го пружам истото. А апсурдот да биде поголем, јас навистина сум свесна за мојот недостаток, за моите грешки, а повторно ги правам истите. И се повеќе денови заробувам во кавги, лутина и расправии. А сум забележала дека во деновите кога ќе го пуштам срцето, штом ја отворам својата љубов, ми се возвраќа трикратно.
И тогаш уживам!
Па се прашувам… до кога ќе ги повторувам истите грешки? Еднаш некој ми кажа… верувај, и само верувај, надевај се и силно посакувај го она што сакаш да ти се исполни. И ќе ти се исполни. А јас на тоа додавам – сето тоа, но надополнето со нешто што ќе ги придвижи работите да се случуваат, зашто седејќи со скрстени раце ништо нема да се случи. Нема да падне од небо, нема да се појави на вратата, нема да ни се создаде од ништо.
Верувајте во љубовта, верувајте во она што го сакате, но и правете за тоа да се случи. Во љубовта се крие сета енергија на вашето јас, во љубовта се крие сета добрина на човекот, во љубовта се крие тајната на убавото живеење. Затоа, отворете го срцето, сакајте безусловно, сакајте без да очекувате дека мора на истиот начин да ви се врати, а таа ќе се врати… во уште поубав облик. Само ваша… до крајот на животот ЉУБОВ!

Слаѓана Тошиќ