Search for content, post, videos

Јаболка – Кралицата на овошјето

Јаболката е најздравото овошје во светот. Се верува дека јаболкото на нашето мени е дојдено директно од рајот и тоа  е симбол на страста, љубовта и вечната младост. Овие епитети го одразуваат човечкото восхитување за ова овошје. Старите Келти верувале дека јаболкото има чудесни својства и дека оној што ќе успее да изеде јаболко од волшебната градина никогаш нема да биде гладен, жеден, болен или да остари. Се разбира, во секоја бајка има вистина. Убавината на јаболкото доаѓа од неговиот одличен вкус и здравото дејство. Иако директно не лечи болести, неговото секојдневно консумирање може да спречи многу здравствени проблеми, ако јадете едно јаболко или уште подобро две големи јаболка дневно, ќе направите многу за да го зачувате вашето здравје.  Овошно дрво од праисторијата – Јаболкото има свои корени во Европа, каде што растело како диво дрво во праисторијата. Питомото јаболко потекнува од јужен Сибир и Азија, а Грците и Римјаните го одгледувале во бројни сорти. Денес, јаболкото е еден од најраспространетите видови овошје. Постојат околу 10.000 сорти на јаболка, кои се разликуваат по вкус, сладост или киселост, конзистентност и сочност.  Ризница на хранливи материи – Јаболкото е богато со хранливи материи, чија количина зависи од видот и начинот на одгледување. Ги содржи речиси сите потребни хранливи материи. Јаболката содржат до 40 mg витамин Ц, а потоа витамините А, Е, Б1, Б2, Б6 и бета-каротен. Содржи и минерали калиум (100 до 180 mg) и калциум, фосфор, магнезиум и железо. Јаболкото е богато со полифеноли – растителни соединенија кои имаат силна антиоксидантна активност. Содржи кверцетин, камферол, мирицетин, катехини, антоцијани и над 20 други антиоксиданси! 100 грама јаболка содржат 3,3 грама диетални влакна, што е повеќе од десет проценти од препорачаната дневна количина. Јаболкото е мала аптека – благодарение на високата содржина на јаглехидрати, особено фруктоза и гликоза, јаболкото го снабдува организмот со енергија и го спречува заморот и губењето на  концентрација. Поради високата содржина на витамин Ц и антиоксиданси, јаболкото има силно имуностимулирачко дејство. Ова е причината зошто јаболката се многу ефикасни во борбата против вирусите, бактериите и слободните радикали. Штити од настинки и го намалува ризикот од рак на дебелото црево. Јаболкото позитивно влијае на срцето и циркулаторниот систем. Спречува таложење на штетни материи во крвта, го намалува високиот холестерол и ги заштитува крвните садови. На овој начин штити од тромбоза и атеросклероза. Поради богатството на пектин и целулоза, јаболкото го подобрува варењето, ја стабилизира цревната флора и помага при дијареа и опстипација. Јаболкото е незаменлива храна за секое дете. Бидејќи содржи многу калиум, го стимулира излачувањето на вишокот течности од телото и придонесува за слабеење. Неговото изобилство на влакна создава чувство на ситост. Јаболкото содржи и моносахарид фруктоза, шеќер кој ја намалува желбата за слатки и не предизвикува промени во нивото на гликоза во крвта. Неодамнешните истражувања покажуваат дека танинската киселина содржана во јаболката значително влијае на метаболизмот на мастите и го спречува нивното таложење во црниот дроб. Јаболкото позитивно влијае и на работата на бубрезите, црниот дроб и жолчката. Од биофлавоноидите, јаболката содржат најмногу антоцијани, кои се концентрирани во кората и на некои сорти на јаболка им даваат црвена боја. Поради оваа причина, препорачливо е да се јаде органско јаболко со лушпа. Антоцијаните имаат антиинфламаторно дејство. Тие имаат заштитно дејство на црниот дроб и срцето и го спречуваат ракот, а истовремено го стимулираат имунолошкиот систем. Благодарение на калциумот и фосфорот, има корисен ефект врз градењето на коските и забите. Јаболкото го спречува расипувањето на забите и ги зајакнува и штити непцата и оралната флора. Бавното џвакање јаболка ги чисти забите и ги уништува штетните бактерии во усната шуплина и помага против кариес. Бидејќи содржи до 90 проценти вода и без маснотии, јаболкото успешно ја гаси жедта и освежува по напорниот ден. Содржи и триптофан – метаболички претходник на серотонин – па затоа е поуспешено во подигнувањето на нашето расположение отколку парче чоколада. Освен тоа, јаболкото ги смирува и ублажува неврозите и раздразливоста, а добредојдено е и како седатив. Здравствените придобивки од јаболката – го зајакнува имунитетот, помага во губење на тежината, ги стимулира бубрезите, црниот дроб и жолчката, штити од болести на усната шуплина, го стимулира варењето, го штити срцето и крвните садови, помага при стрес, замор и несоница,    штити од бактерии и вируси, спречува неколку видови на рак. Купување и складирање – При купувањето изберете јаболка кои се цврсти, мазни и сјајни на допир. Проверете дали кората е цврста и неоштетена. Иако можете да ги најдете во продавниците во текот на целата година, јаболката се најдобри од октомври до април. Јаболкото е овошје кое може да остане свежо долго време. Доколку имате подрум, можете да ги чувате во дрвени гајби, но обезбедете им помалку светлина, стабилна температура и доволно влага. Можете да ги чувате во фрижидер во преградата за зеленчук неколку недели. Важно е да ги чувате во хартиена амбалажа, бидејќи ослободуваат етилен гас, што го поттикнува зреењето на другиот зеленчук или овошје што го чувате во фрижидер. Ако ги чувате јаболките на добро осветлено место, тие порано созреваат, а ако се на суво место без доволно влага, плодовите ќе ја изгубат сопствената вода и ќе се збрчкаат. Подготовка на јадења со јаболка – Јаболката најчесто се јадат сирови, но исто така се јадат и печени, варени, сушени, преработени во сокови, мармалади, желеа, а познат и високо ценет е и јаболковиот оцет. Подеднакво се консумираат свежо посипани со сок од лимон, како дел од овошни салати или варени како компот. Јаболката може да се исечат на тенки парчиња и да се исушат на сонце или во рерна на 70 ° C, правејќи ги вкусни овошни чипсови.

Торта со јаболка – 400 гр. мусли со овошје,  300 мл. овошен сок, 5 помали слатки јаболка, 1 ванилин шеќер, 1 лажица мед, 2 големи лажици домашен џем, 1/2 рендана кора од портокал или лимон, малку цимет, Прелијте ги муслите со сокот, промешајте и оставете да отстои малку. Изрендајте ги јаболката и измешајте ги муслите. Потоа додадете ги другите состојки. По желба засладете со мед. Истурете во лесно подмачкана тава од 24 cm и печете на 200 ° C, 30 минути. Оставете малку да се излади. Посипете со чоколаден прелив. Уживајте!

Мешан сок со јаболко – 2 јаболка, 2 банани, 2 лажици ленено семе, 2 лажички цимет, 1/2 чаша замрзнати бобинки, вода по потреба, Оставете ги семките од лен во вода преку ноќ. Јаболката ако не се од органско производство излупете ги и исечкајте ги. Излупете ја и исецкајте ја бананата. Измијте ги семките од лен. Сите состојки се ставаат во блендер и се додава уште 1дл вода да се добие хомогена смеса. Ако смесата е премногу густа, додадете уште вода. Во смесата можете да додадете и јаткасти плодови (бадеми, ореви, лешници), суво грозје или малку свежо цеден сок од лимон. Наздравје!

С.Ј.