Search for content, post, videos

Бразилски ореви – ореви за живот

Како што кажува и самото име, овој плод потекнува од Бразил. Таму, во амазонската прашума, неговото стебло може да порасне и до педесет метри во висина, а два метра во обем. Плодот на бразилскиот орев изгледа како кокосот, дрвенест со кафеава боја, кој може да тежи и до три килограми.
Прв пат во историјата бразилскиот орев се споменува во XVI век, кога некој шпански генерал собрал плодови од овој орев за своите уморни војници. За чудо војниците многу брзо се опоравиле јадејќи ги плодовите. Тој е добар природен извор кој помага за слабеење и е бескрајно корисен за здравјето. Освен во Бразил, расте и во шумите на Колумбија, Перу и Боливија, а може да живее околу седумстотини години. Едно дрво дава околу тристотини мешунки во сезона, секоја од нив тежи до три килограми, а внатре има до дваесет оревчиња.

Хранливи и лековити својства на бразилскиот орев…
Бразилскиот орев е јаткасто овошје пребогато со витамини и минерали, како и растителни влакна. Содржи значителни количини железо, калциум, витамин Б1, витамин Е, огромно количество фосфор, манган и магнезиум. Но сепак, најзначајно е огромното количество селен. Селенот е најсилен антиоксиданс, заштитник на човековите клетки од штетното агресивно дејство на таканаречените слободни радикали и другите штетни агенси. Доколку преку храната не внесуваме доволни количества селен, се јавува вознемиреност, депресија, меланхолија и хроничен замор. Ако со храната внесуваме оптимални количества селен, се подобруваат расположението и општата здравствена состојба. Подобрувањето на расположението најверојатно се должи на антиоксидансното својство на селенот, со што се подобруваат човековите ментални функции, и овозможува подобар прилив на крв во мозокот. Два бразилски орева ја надоместуваат потребната дневна количина на селен.
Бразилскиот орев е богат и со Омега-3 и Омега-6 масни киселини. Хранливи вредности во 100 гр бразилски ореви: 650 калории, 14 гр протеини, 67 гр масти, 12 гр јагленихидрати, 7,5 гр растителни влакна.

Зошто треба да го вклучите во секојдневното мени?
• Го намалува лошиот и го зголемува добриот холестерол во крвта.
• Го зајакнува имунолошкиот систем.
• Има антиканцерогено влијание и го запира развојот на малигните заболувања.
• Помага при катаракта.
• Штити од коронарни заболувања на срцето и мозочен удар.
• Штити од остеопороза.
• Не содржи глутен, па е вистински избор за луѓето алергични на глутен.
• Ја смирува, хидрира и подмладува кожата.

Бразилскиот орев во исхраната
Богатата содржина на протеини и влакна го прават бразилскиот орев вистински избор доколку сакате да повнимавате на тежината или да изгубите некој килограм. Се разбира не треба да претерувате (не повеќе од 20-30 гр дневно), бидејќи може да има контра ефект. Може да се комбинира во десерти, како намаз, и во комбинација со ‘фстаци и индиски ореви, како здрава ужина.

Дури и кога плодот на бразилскиот орев се наоѓа во чинијата на масата, тој се издвојува, прво визуелно – тој е најголем плод од сите јаткасти плодови, а потоа и нутритивно е најсодржински. А најквалитетните секогаш испливуваат на површина. Тоа е бразилскиот орев.

Силвана Јованчева