Search for content, post, videos

Царицата од рајот – нејзиното височество смоквата

Како најстаро култивирано овошје смоквата се нашла и во рајската градина, се споменува и во Вавилонските списи, а за нејзините лековите својства знаеле и ги користеле Сумерите, 3000 години пред нашата ера. Смоквата било најомилено овошје на египетската кралица Клеопатра, на Атињаните во Стара Грција, посебно на Олимпијадите каде се делеле како медали, но и ја користеле како допинг. Смоквата во Библијата е најспоменуваното растение. Легендите кажуваат дека ја одгледувале во Месопотамија кај Сумерите, па во стариот Египет, каде се сочувани цртежи од берба на смокви, кои датираат четири илјади години пред Христа. Во грчките летописи останало забележано дека и атлетите кои учествувале на Олимписките игри како своевиден допинг земале зрели и суви смокви. Друга легенда кажува дека Клеопатра најмногу ги јадела смоквите, па така и својот живот го завршила со каснување на отровн змија која достигнала во нејзините одаи во кошара со смокви. Потоа граѓаните на Атина во Стара Грција познати се и како “Филосикос”, што во буквален превод значи пријател на смоквата. Благодарение на смоквата и Римјаните тргнале во третата пунска војна со Картагина. Волчицата во сенката на смоквата ги доела Ромул и Рем, а Адам и Ева, по прогонството од рајот се сокриле под смоквината сенка и ладовина. Се вели дека секаде каде вирее и е застапена смоквата се протега Медитеранот. Во некои делови на светот ја нарекуваа фиго, во некои фиг, латинското име и е фицус царица, додека кај нас е позната како – смоква. Според легендата и смоквата е излезена од рајот и како таква го симболизира животот, мирот и изобилството. Смоквата е илјадагодишна овошка која со смирувачката убавина на своето стебло ја облагородува, обогатува и украсува раскошната слика на медитеранскиот пејзаж. Таа е жилава и издвжлива овошка со скромен начин на одржување, а голем принос. Бидејки не бара посебни услови за чување освен медитеранската клима, често пати можеме да ја сретнеме како израснала покрај камен или низ пукнатините на ѕидовите од старите и напуштени куќи. А сувата смоква со чаша убав пијалок е симбол на искрено и пријателско добредојде. Со своите лековите својства смоквата се издигнува над другите овоштија. Таа е типично медитернско овошје, хранлива и нискокалорична. Свежата смоква е погодна кај вегетаријанската исхрана. Плод е на дрвото од фамилијата мурва и постојат преку сто и пеесет видови на смокви. Најпознати и најраспространети видови се таканаречените миссион смокви со црно-виолетова боја, потоа кадота со зелена боја на плодот, плод со зеленкасто-жолта боја на плодот и јадранска смоква со светло зелена боја на плодот. Смоквите имаат многу кратка сезона на зреење и се многу чувствителни. Иако свежите смокви се достапни само два месеци во годината, во сувите смокви можете да уживате во текот на целата година. И свежите и сувите смокви се богати со минерали, посебно калциум, магнезиум и калиум. Содржината на калциум е поголема во сувите смокви, па затоа тие се сметаат како извор на калциум. Смоквите се богати и со бројни фитоелементи, посебно со бета каротен, полифенолите, антиоксиданси и билни стероли. Посебно смоквата е актуелна околу Петровден бидејки тогаш се најубави за јадење. Нивното конзумирање благотворно делува и на освежување и регенерација на кожата, бидејки изобилуваат со каротен. Свежите смокви се многу вкусно и хранливо овошје, а кога ќе се исушат количината на шеќери се зголемува за 50% и е важен супститут за белиот шеќер. И во кората на смоквата има многу состојки кои се многу лековити за организмот и затоа не треба да се лупи туку да се јаде целиот плод со кората. Тие се значително побогати со полифеноли и од јаболките, боровинките, грозјето и портокалите, како и богати со растителни стероли кои поволно делуваат за намалувањето на холестеролот во крвта. Можат да се користат и за правење на убави јадења, како на пример можат да се сервираат заедно со сушена риба, пршута или најразлични видови на сирења, можат да се прават разни комбинации по вкус. Можете да ги маринирате со малку сок од портокал, да направите вкусни слати со смокви, џем, мармалад, ликери, дури и леб со смокви кој е навистина преубав. Посебно битно кај смоквите е процесот на нивно сушење, кој не се менува со векови. Добро созреаните смокви убаво се мијат, и оставаат да се сушат на свеж воздух, наредени на дрвена подлога, покриени со проѕирна памучна таенина. Во 100 грама суви смокви има околу 230 калории, висока енергетска вредност и се препорачуваат на сите што се изложени на физички и ментални напори. Во старите времиња намирниците за јадење се чувале завиткани во листови од смоква. Тајната е во ензимите од смоквиниот млечен сок кои делуваат антибактериски и кои можат да бидат вистински природни конзерванси на храната. Смоквите се чест за гостите, ако ги принесете на маса. Дефинитивно е рајско овошје.

Силвана Јованчева