Search for content, post, videos

Чистачи на крвта – јаткасто овошје

Јаткастото овошје е богато со бројни корисни состојки, лек е за многу болести, но е и одлична превентива да го сочувате своето здравје. Најзастапено од сите јаткасти овошја кај нас е оревот, но и останатите припадници на оваа група се рамноправно застапени на пазарот…Оревот кој во народот е познат како чистач на крвта, е добар за лекување на белодробните заболувања, јакнење на мускулите и видот. Како купка и облога се користи за инфицирани рани и екцеми, разни кожни заболувања, воспаленија на очите. Како масло, пак, одличен е за косата, но и како заштита од изгореници настанати од сончање. Освен 65% масло, јатката на оревот содржи и 15% протеини, јаглени хидрати, фосфор, калиум, магнезиум, витамините Б и Ц, железо. Затоа оревот е добар детоксикант, секретолитик, лаксатив, антидијабетик…. Чај од младите листови орев со додаток на мед се користат за прочистување на организмот. Корисен е и за варењето, болки во зглобовите, крварење на забите и непцата, против гнојни осипи, прекумерно потење на нозете. Интересно е и тоа што оревот покрај сојата може најдобро да го замени месото. Особено е важен за вегетаријанците поради количината масти и белковини. Така на пример, сојата има 34% протеини, а оревот меѓу 17 и 23%. Сто грама ореви даваат 500 калории, како и 0,7 литри млеко. Како извор на витамини, 100гр ореви може да заменат 115гр месо или 3-4 јајца.
Бадемот е повеќестрано корисен за здравјето. Во светот се користат 2 вида бадеми – слаткиот бадем кој се јаде сиров или пржен, како додаток на јадења, и горчливиот бадем кој е отровен и се користи за производство на есенцијално масло. Бадемот е исклучително богат со бакар, манган, магнезиум, фосфор, цинк, железо и калциум. Исклучителен извор е на витамините Е и Б комплекс – рибофлавин, ниацин и тиамин. Бадемите се водечки извор на витаминот Е во храната во вид на алфа-токоферол, моќен антиоксиданс на кој му се припишува способноста да го смали холестеролот од 8 до 12 проценти. Неколку значајни медицински истражувања утврдиле дека бадемот го штити срцето, па затоа е препорачливо дневно да се изедат 45гр од ова скапоцено овошје. Големите количини манган и бакар во бадемот го штитат ендокриниот и нервниот систем, крвниот притисок да остане во нормала, а ја поттикнуваат и работата на штитната жлезда. Како одличен извор на калциум, бадемот е идеален продукт за оние кои се алергични на млеко и млечни производи, па така 30гр бадеми содржат калциум колку и 1/4 шолја млеко. Поради тие својства како и богатството со фолна киселина, бадемите им се препорачливи на бремените жени.
Индискиот орев е хранлив продукт кој треба редовно да се конзумира. Само една рака индиски ореви го зајакнува излачувањето на хормонот кој му сигнализира на мозокот дека организмот е сит и на тој начин го контролира апетитот. Претставува богат извор на полинезаситени масни киселини и протеини, целулоза, витамините Е, К и Б1, магнезиум, калиум – кои се особено важни за заштита на кардиоваскуларниот систем. Содржи дури 5 пати повеќе витамин Ц отколку портокалот. Докажано е дека има антибакетриско, антисептично и диуретско дејство. Делува против воспаленија, ја ублажува кашлицата, го снижува шеќерот во крвта и покачениот крвен притисок, ги чисти цревата и е добар афродизијак.
Бразилскиот орев е веројатно најбогатиот природен извор на селен, важен антиоксиданс кој превентивно делува против малигните заболувања. Само два плода ги задоволуваат дневните потреби на организмот за овој важен минерал. Исклучително е богат со калциум, фосфор, железо, цинк, калиум и магнезиум. Тој е најдобар природен извор на неопходните аминокиселини. Во комбинација со индискиот орев или со ‘фстаци се добива идеален состав на сите потребни аминокиселини за организмот во природна форма. Ист ефект се постигнува и ако се измеша со житарки.

Силвана