Search for content, post, videos

Иванско цвеќе – Богородичен помошник

Препознатливо по златно-жолтите цветови чиј мирис потсетува на мед, ова лековито растение е широко распространето на нашите простори. Расте на ливади и покрај патишта, најмногу во суви и сончеви предели, а цвета во текот на летото. Од цветовите на ова растение не се прават само традиционалните венци за празникот Иванден на 7 јули, ова растение со векови се користело како лек, за подготвување летни чаеви за црниот дроб, бубрезите и кожни болести. Според легендата, бремена Пресвета Богородица легнала да се одмори на ливада со иванско цвеќе и оттогаш цветовите почнале да мирисаат многу пријатно на мед. Венец од суви цветови од иванско цвеќе се ставало во кревет на родилки за да се олесни породувањето. Исто така, го користеле воините за да ги надминат нападите на бес, да ја зачуваат силата и да го поразат непријателот за време на битката. Се употребува за јакнење на организмот, ја чисти крвта и го подига имунитетот. Како лековит дел од растението се користат горните делови на стеблото со цветови и листови, а во народната медицина се користи и свежо цедениот сок. Содржи голем број активни супстанции како што се гликозиди, флавоноиди, иридоиди, фитостероли, сапонини, органски киселини, есенцијални масла и минерални соли. Поради достапноста и бројните докажани лековити својства, се користи во народната медицина уште од стариот век, а во средниот век има многу документи за неговата употреба. Цветовите благотворно делуваат на урогениталниот тракт. Пијте еден литар чај дневно и ќе имате големи подобрувања на организмот. Француската традиционална медицина го почитува ова растение и особено им го препорачува на епилептичарите. Цветовите многу често и успешно се користат во лекувањето на кожните заболувања, особено на псоријаза. Во тој случај, на заболените места се нанесуваат креми од свежо иванско цвеќе.

Чај за чистење на црниот дроб – Иванско цвеќе 100гр., листови од врба 100гр., корен од глуварче 100гр. Измешајте ги сите растенија и истурете две лажици од смесата во 300 мл врела вода. Промешајте, покријте и оставете да отстои 1 ч. Процедете и пијте половина час пред оброците, незасладено.

Крема против псоријаза – сомелете 50 g свежо иванско цвеќе во мелница за кафе или во блендер. На оваа маса додадете една лажичка масло од невен и намачкајте ја во тенок слој на заболеното место. Завиткајте во газа и оставете да отстои половина час. После тоа, исплакнете со чиста вода, исушете, а потоа нанесете гел од алое. Заедно со ова, дење и ноќе се пие чај од иванско цвеќе. Две лажици сушено иванско цвеќе прелијте со половина литар ладна вода и варете 2-3 минути. Покривј те и оставете да отстои половина час, процедете и пијте го чајот незасладен.

На Иванден обичај е кај православните да стават венец од ивански цвеќиња на вратите од своите домови.

С.Ј.