Search for content, post, videos

Капина – овошје кое срцето го сака

Капините се вкусни и здрави, тоа го знаевме, но најновите истражувања покажаа дека имаат повеќекратни придобивки за нашиот организам. Преку истражување, научниците дошле до заклучок дека капините му помагаат на човечкото тело на многу начини, од корисни како извори на витамини и минерали, до состојки кои помагаат во борбата против ракот. Капините имаат повеќе влакна од повеќето други овошја. Покрај тоа што се добри за варење и одржување на тежината, влакната помагаат во намалување и одржување на холестеролот. Танините, кои го намалуваат крварењето доколку се работи за помали повреди, се наоѓаат и во капините и тие често се користеле во традиционалната медицина за да помогне раните да зараснат побрзо. Кога танините ќе дојдат во контакт со раната, тие му помагаат на ткивото побрзо да заздраве. Освен што лечат ситни рани, овие вкусни бобинки помагаат и во борбата против ракот бидејќи содржат антиоксиданси кои содржат антоцијани, кои го забавуваат растот на канцерогените клетки. И другите видови црвено овошје и зеленчук содржат антоцијани, но капините, според последните истражувања, ги имаат во многу поголем процент. Ако јадете 100 гр. капини дневно, ќе ја внесете потребната количина на манган во организмот. Тој е еден од минералите потребни за посилни и поздрави коски. Друг корисен витамин за целото тело, кој го содржат капините е Б9 попознат како фолна киселина. Заедно со витаминот Б12 е неопходен во создавањето на нови крвни зрнца. Фолната киселина често се препорачува на бремени жени, бидејќи ги спречува дефектите на невралната туба во ембрионот. Капините имаат и лутеин, кој е добар за заштита на очите бидејќи може да спречи оштетување предизвикано од ултравиолетовите зраци. Расте во форма на грмушка, а со своите трње се заштитува од се. Свежите, сирови капини се идеални за нашиот организам, но и по обработката, ова овошје не ја губи својата сочност и вкус. За некои, слаткото од капини е најубаво од сите. Сè од ова овошно дрво е освежувачко, а капините се идеални и за освежување и за нашето здравје. Потеклото и историјата на капината – Капината е растение кое потекнува од северните предели, а нејзината употреба во медицината е стара околу 2.500 години. Историјата открива дека дури и старите Грци и Римјани ги користеле овие плодови, лисја, кора и корени во лекувањето на бројни болести, од благи инфекции до отровни каснувања. Во текот на 18 век во Европа, капината била толку популарна за лекување на гихт што го нарекувале „бобинка од гихт“. За сето тоа време ништо не се сменило, само неодамнешните истражувања ја оправдале нејзината вековна терапевтска примена. На луѓето малку им е познато колку ова овошје всушност е лековито. Во нив се крие здравјето. Лековит сок, вино од капини и чај – Што и да пиете направено од капини е лековито. Можете да се почестите со свежи капини, но и со сок од ова овошје, вино од капини, чај од листови од капини. Свежиот сок од дива капина содржи бетаин, кој го делува на правилното функционирање на клетките на црниот дроб и го штити, а во исто време, благотворно делува на жолчното кесе и ги чисти жолчните канали. Виното од капини е богато со витамини и други минерали и има голема хранлива вредност. Покрај железо, виното содржи и големи количини на витамини Ц и Б, фолна киселина и пектин, па ја подобрува циркулацијата, ја забрзува работата на цревата, го регулира крвниот притисок, го зајакнува имунитетот и отпорноста на организмот, го подобрува апетитот и го подобрува метаболизмот. Сличен ефект се постигнува со конзумирање на свеж сок добиен од капинките. Но, не е само овошјето лековито во капините. Неговите листови имаат и лековити својства кога се подготвуваат како чај. Листот од капината содржи повеќе од 10% танини, органски киселини, полифеноли, повеќе витамин Ц отколку во плодот, калциум, фосфор, бакар, магнезиум. Богат е со адстрингентни танини кои имаат ефект на „затворање“, па затоа е природен лек за дијареа и дизентерија. Чајот од листовите од капини се користи и за намалување на крварењето од рани, болки во грлото и хемороиди. На трудниците им се препорачува еден месец пред породувањето да пијат чај од листови од капини и плодови од капина, за породувањето да помине што е можно полесно. Чај од листови од капини – Рецепт – Во вашиот дом секогаш треба да имате чај од листови од капини. Се подготвува така што 2 лажички суви листови од капина се преливаат со 250 мл. зовриена вода и се процедува по 15 минути. Вака приготвениот чај е добар за воспаление и болки во грлото, воспаление на крајниците, душникот, заболените непца и афти во устата. Можете да го пиете чајот или само да го исплакнете грлото и усната шуплина. Интересно е што ферментираниот лист од дива капина има ист состав, вкус и ефект како зелениот чај. За разлика од зелениот чај, тој не содржи кофеин и теофилин, кои во поголеми количини имаат многу непријатни несакани ефекти. Напомена: Како и секој друг чај, чајот од листовите од капини се користи млак, никогаш топол. Капината е многу лековито овошје, затоа конзумирајте ја сега кога е во сезона, обезбедете доволни количини за зимата и доколку можете секогаш бирајте шумски капини.

С.Ј.