Search for content, post, videos

Колагенот и кожата

Стареењето на кожата е сосема нормален и природен процес кој не заобиколува ниту еден човек на возраст над 25 години, иако видливи знаци на старост се појавуваат дури подоцна. После 25 години полека се намалува производството на нови клетки на кожата, кожата станува помалку еластична и дефинитивно почнува да старее. На површината на кожата почнува да се формира слој од изумрени кожни клетки, што ги попречува природните процеси на кожата, а производството на колаген почнува да се намалува. Што е колаген? Колагенот е вид на протеин (компонента на сврзното ткиво) кој се произведува во нашето тело и е од витално значење за нашето тело. Треба да му бидеме благодарни на колагенот за неговото дејство за фина, мека, еластична и здрава кожа. Недостатокот на колаген со текот на времето доведува до брчки и други знаци на стареење на кожата. Колагенот обично се состои од фини испреплетени влакна кои ја сочинуваат мрежницата и овие влакна се сврзното ткиво кое ги поврзува клетките на кожата. Покрај колагенот, за еластичноста, цврстината и убавиот изглед на кожата е заслужен и еластинот. Постојат неколку типови на колаген кои малку се разликуваат еден од друг во нивната улога во ткивото и структурата на кожата. Процесот на стареење на организмот, како и под влијание на неповолните надворешни фактори, доведува до оштетување на колагенот и намалено производство на овој протеин, што доведува до стареење и збрчкање на кожата. Што да правиме тогаш? Стареењето на кожата не може целосно да се спречи или запре, но може да се забави со компензирање и стимулирање на производството на колаген. Денес, постојат неколку начини да се постигне тоа и еден од веројатно најчестите е употребата на квалитетни креми кои содржат колаген. И сите добро знаат дека квалитетот доаѓа со вистинската цена. Колагенот изолиран од животински клетки порано се користел во козметичката индустрија, но неодамна, поради здравствени причини, тој е заменет со морски колаген. Следниот начин што ни го нуди модерната технологија е употребата на ласери. Ласерските третмани за лице можат до одреден степен да го активираат метаболизмот на кожата и да ја стимулираат регенерацијата на клетките и производството на колаген. Сепак, и тоа не го поднесува сечиј џеб. Треба да знаете дека кожата се негува и се храни и од надвор и од внатре. Не постојат такви козметички средства или техники кои можат да ја компензираат лошата и несоодветна исхрана. Намирниците кои влијаат на количината на колаген во нашата кожа се: риба и морски плодови, супа од пилешки коски и агруми (лимон, портокал, мандарина, грејпфрут). Конзумирањето на овие намирници ќе помогне нашата кожа да изгледа помлада, посвежа и посјајна и ќе помогнат кожата да старее побавно.

С.Ј.