Search for content, post, videos

Компирот – подарок на природата

Компирот зазема најголем дел од нашата секојдневна исхрана. Дали ќе бидат сендвичи со додаток помфрит, печен, варен компир како додаток со разните јадења или пак само помфрит со сирење… без оглед во кој вид, компирот е најзастапен на нашите трпези. Компирот го комбинираме со секое јадење, било со месо, со зеленчук, во варива. Ниту еден друг зарзават не е толку сестрано искористен како скромниот компир. Подеднакво добар во варена, печена или пржена форма, компирот ретко ги добива пофалбите кои ги заслужува.
Забораваме дека оваа скромна намирница играла многу важна улога во историјата на човештвото, многу пати спасувајќи ги луѓето од глад за време на војните или во периодите на лоши климатски услови.

Од историјата за компирот…
Компирот први почнале да го одгледуваат Индијанците од Перу пред повеќе од четири илјади години. Од Америка во Европа кон крајот на 16 век го донел Сер Френсис Дрејк – морски истражувач и војсководец. Теоријата за перуанското потекло на компирот е доста стара и се проценува дека во Перу има повеќе од 3.000 различни домашни видови на компир, а некои од нив не можат да се одгледуваат надвор од Перу затоа што бараат специфични климатски и агроеколошки услови. Името компир потекнува од баварскиот збор Грунтбир – кој во буквален превод означува “круша од земја”. Англискиот назив за компирот “Потато” потекнува од латиноамериканско-индијанскиот збор “Батата”.

Неколку податоци за компирот кои не сте ги знаеле досега
– Компирот е еколошки чист продукт. Одгледувањето компири е лесно и евтино, а за неговиот раст не е потребно многу вештачко ѓубриво ниту пестициди.
– Компирот е добар за здравјето под услов да не го конзумирате премногу во пржена форма. Варен и печен е многу поздрав, отколку пржен.
– Тој е совршена земјоделска култура за одгледување во сиромашните земји, бидејќи е евтин и хранлив, а расте и успева дури и во лоши климатски услови.
– Компирот е првиот производ кој е успешно одгледан и вирее во вселената, поточно во вселенските станици.
– По количеството на фенолни супстанции кои ги содржи во себе, компирот може да се натпреварува со брокулата, спанаќот и кељот. Флавоноидите кои ги содржи компирот го штитат срцето и крвните садови, како и дишните патишта од разни заболувања.
– Англиските научници во компирот пронашле посебна состојка – кукоамин – која штити од покачен крвен притисок.
– 2008 година е прогласена за година на компирот. Обединетите нации сметаат дека компирот е продукт на иднината, која би можела да го сузбие гладот во светот.
– Постојат над три илјади видови компири, па затоа овој зеленчук е четвртата по ред најодгледувана култура во светот, бидејЌи се користи во секој дел од светот.
– Европјаните конзумираат двојно повеќе компир од Американците.
– За време на златната треска компирот се користел како валута односно средство за размена. Комипрот бил толку ценет поради високата содржина на витамин Ц што го менувале за злато.
– Чипсот од компири е најпродаваната закуска во светот (но не и најздрава).

Нутриционистички карактеристики на компирот…
– компирот е едно од најхранливите растенија во светот
– има помалку калории од лебот, оризот и другите тестенини
– содржи повеЌе калиум од бананата
– содржи повеЌе железо кое организмот целосно го искористува од било која друга култура
– содржи сложени здрави јагленохидрати и влакна
– голем извор е на витаминот Б, магнезиум, фосфор и ниацин
– не содржи маснотии и холестерол
– неколку компири ги покриваат дневните потреби на организмот од витамин Ц
Компирот не дебелее…
Фитнес тренерите го прогласиле компирот за храна која дебелее. Тие тврдат дека поради високиот гликемичен индекс и големата содржина на скроб, компирот не е погоден за слабеење. Меѓутоа ова не е вистина. Според последните истражувања за влијанието на компирот на телесната тежина, оние кои во текот на шест седмици секојдневно конзумирале седум до девет компири всушност не се дебелееле, туку напротив ослабнале, меѓутоа правилно го комбинирале компирот во исхраната. Ова се објаснува со тоа што компирот предизвикува чувство на ситост, а содржи малку калории. Еден компир во просек содржи од 100 до 129 калории, значи два и пол пати помалку од лебот. Но ако секојдневно јадете помфрит или чипс, секако дека ќе се здебелите, бидејќи со ваквиот начин на подготовка компирот содржи многу повеќе калории поради масностиите кои ги има во себе. Кога се зборува дека компирот е здрав, не се мисли на помфритот, бидејќи тој спаѓа во најнездравата храна, поради пржењето во масло на висока температура. Затоа компирот треба да се јаде варен или печен и притоа правилно да се комбинира со останатата храна.
Компирот како лек…
Компирот не се користи само како храна, туку и како лек:
– облоги од варен компир се користат кај ревматизам и при смрзнатини
– миење на лицето со сок од компир ги лекува акните, егземите и разните темни точки на лицето
– облоги од сиров компир се користат при изгореници и главоболки
– лушпата на варениот компир го намалува притисокот
– при појава на гастритис се зема 1 лажица сок од компири три пати на ден пред секој оброк.
За да го подготвите сокот од компири, најпрво треба убаво да го измиете и да го изрендате, потоа ставете го во ленена крпа и со притискање исцедете го сокот. Користете секогаш свежо подготвен сок.
Поради пристапната цена на компирот, прекрасниот вкус, неговата хранливост и богатите нутритивни вредности, компирот заслужува да го ставиме на листата на супер-продукти која е пријател на нашето здравје.

Силвана Јованчева