Search for content, post, videos

Корен кој злато вреди… рен

Лутината е главното својство на ренот. Често се користи при подготовка на јадења за големите празници, токму поради фактот што ренот го чисти организмот од тешката храна која во тој период ја конзумираме. Ренот има многу лековити својства, за што сведочи и старата грчка поговорка, која вели: “Ротквицата вреди како оловото, репката како среброто, а ренот како златото.”.
Ренот е повеќегодишна билка од семејството зелки. Води потекло од Медитеранот и од Западна Азија. Расте на влажни места и го има скоро во сите земји во светот. Бил застапен на трпезата на старите Египјани, а античките Грци го користеле против болки во грбот и како афродизијак. Се одгледува во многу земји поради својот корен, кој се користи како зачин. Ренот има многу големи и назабени листови и долги рачки со бели ситни цветови и долг и дебел корен. Коренот на ренот се вади во доцна есен и може да се употребува во текот на целата година.

Ренот како природен антибиотик…
Иако многумина го избегнуваат поради лутината која дури ги насолзува очите и го запира здивот, ренот спаѓа во групата на многу полезни зеленчуци, чиј свеж корен може да се користи во текот на целата година. Освен што се користи изрендан и зачинет во исхраната, се применува и во козметиката, а неговите лековити својства се надалеку познати.


За болестите на белите дробови, бронхиите и во одбраната на организмот од вируси нема поефикасен лек од сирупот од рен. Се прави на тој начин што во изренданиот рен се додава мед. Откако смесата убаво ќе се изгмечи, се цеди густ сок на кој му се додава малку вода. Оваа смеса треба да се свари, повторно се процедува и се додава малку овошен сок за подобрување на вкусот.
Исклучителен стимулатор е на органите за варење на тој начин ѓто ја зголемува активноста на желудечните и цревните жлезди па тие лачат повеќе секрет, а делува и на обновувањето на оштетените корисни бактерии во цревата. Во мали дози сокот од рен ги уништува бактериите на салмонелата, дизентеријата и бактериите, а со пиењето 20 капки три пати на ден ќе се ослободите и од проблемот на подуеност, дијареа и забавен метаболизам. Исто така, ренот ја зајакнува работата на црниот дроб и жолчката, а е препорачлив за исфрлање на камен и песок од бубрегот.
За здравјето на срцето и крвните садови се препорачува двомесечна терапија со мешавина од по пет супени лажици рен и морков, сок од три лимони и две чаши мед. Оваа мешавина се зема три пати дневно, еден час пред оброкот. Освен што е чистач на крвта, ренот го отстранува и хроничниот замор и силната главоболка. Со облоги од тинктура од рен ќе се ослободите од загноените рани, болки и отоци, а ќе ги намалите и симптомите на реума.
Ренот е добар пријател и на кожата, па може да ви помогне да ги отстраните сончевите дамки, мозолчиња и акни. За овие проблеми Ќе ви треба оцет од рен кој се подготвува на следниов начин: 50 грама рендан рен се става во литар вински или јаболков оцет и се остава да отстои 8 дена. Познавачите на кулинарството тврдат дека вака подготвениот оцет е исклучително вкусен зачин за салати.

Олеснете го дишењето – Против воспаление на синусите: на загреана рингла ставете изрендан рен, наведнете се над ринглата покриена со крпа и вдишувајте ги испарувањата 5-10 минути. Ова е најдобро да го направите пред спиење. По неколку дена синусите ќе почнат да се чистат.
Чај против заболувања на белите дробови: прелијте 10гр изрендан рен со 2 дл зовриена вода и оставете да стои неколку минути. Два до три пати дневно пијте мала шолја чај.
Против астма: на тивок оган ставете да се вари шолја јаболков оцет и четири супени лажици изрендан рен. Кога ренот ќе омекне, исцедете го и на добиената количина додајте исто толкава количина мед. Смесата варете ја на тивок оган додека не се згусне, а потоа додајте го и претходно сварениот рен и оставете смесата да се излади. Пијте наутро и навечер.

Од хранливи состојки, коренот содржи јаглени хидрати, белковини и масти. Содржи и завидна количина витамин Ц, како и гликозид, глутамин, гликоза, калиум, етерични масла и секако, сингрин. Младите листови на рен имаат од 300 до 400 милиграми аскорбинска киселина и околу 14 милиграми бета каротен. Богат е и со минералите калиум, калциум, фосфор, магнезиум, хлор.

Силвана Јованчева