Search for content, post, videos

Лешникот – слатко задоволство

Секојдневното конзумирање на слаткото задоволство леска или лешник е здравје за организмот. Латинското име на лешникот е corylus avellana. Тоа е овошно јаткасто растение кое се наоѓа во нашите шуми и ридови како самотник, групиран често на рабовите од помали шумски комплекси. Лешникот е дрво во вид на густа грмушка со изразени гранки кои лесно се виткаат и достигнуваат висина до 5 метри. Плодот му е полн со енергија и по оревот, тоа е енергетски највредното растение. Јадрото содржи 60% масло, 15% белковини, 10% јаглени хидрати, 4 милиграми железо, калиум, калциум, витамин Б и Е.

Потекло и нутритивни вредности – Лешникот е мало листопадно дрво кое потекнува од Јужна Европа. Денес се одгледуваат во многу региони во светот. Ботанички, јаткастите плодови се овошје од семејството Betulaceae. Тие се доминантни на крајот на студениот период, па костенливите дрвја имаат способност за адаптација и преживување во студена клима. Всушност, тие бараат соодветна зимска клима и период на затоплување за да се иницира цветањето кое се случува додека дрвото е безлисно во зима. Првите плодови ги дава три години откако ќе се насади. Лешниците се богати со незаситени масти и тие се добар извор на протеини, растителни влакна и разни витамини и минерали. Лешникот има висока енергетска вредност, односно 630 калории на 100гр., претставува богат извор на влакна (10гр./100гр.) и на одредени минерали и витамини. Од минералите, кај овие јатки најзастапени се манганот и бакарот, но има и голема количина магнезиум, фосфор, железо и калиум. Од групата витамини, кај лешникот доминира витаминот Е, а во голема количина застапени се и тијаминот и витаминот Б6. Манганот е важна компонента во метаболизмот на јаглехирдатите, мастите и на протеините, но ја помага и функцијата на мозокот и на нервите. Бакарот игра важна улога во метаболизмот на протеините, во процесот на заздравување и ја помага апсорпцијата на железо. Витаминот Е игра улога на антиоксиданс во човековото тело и учествува во создавање на црвените крвни зрнца, ја регулира мускулната активност и активноста на жлездите. Хранливата вредност на лешникот е слична со онаа на оревот. Плодот претставува концентрирано и високо калорично овошје богато со масти, белковини, витамини и минерали. Тој наоѓа голема примена во кондиторската индустрија. Од јадрото на лешникот се добива висококвалитетно масло кое се користи во исхраната, во медицината и во козметичката индустрија.

Видови лешници – Лешникот во систематика на растенијата спаѓа во семејството Betulaceae, род Corylus во кој се наоѓаат 22 вида лешници кои можат да бидат џбунести и стеблести. Повеѓето од нив се џбунести со големина до 6 метри, а само три вида формираат стебло чија висина може да достигне и до 25 метри. Плодовите се наоѓаат во зелена обвивка, која во зависност од видот може да биде под врвот на плодот, во висина на плодот или над врвот на плодот. Џбунесто растение е со многубројни густо наредени гранки. Плодовите по форма може да бидат сплескано тркалезни до јајцевидни со рамен или заострен врв. Обвивката е од два дела, пократка, рамна или подолга од плодот. На Балканот е раширен од морското ниво до планинските масиви. На различни еколошки услови се прилагодени различни форми на лешник. Се разликуваат повеќе подгрупи, но најзначајни се оние што подоцна цветаат и кои се отпорни на ниски температури. Лешникот е далеку поотпорен на доцните мразеви, а цвета најрано од сите овошки на нашите простори. Во јужните делови цвета дури во декември или јануари.

Обичен лешник (Corylus avellana) – Џбунесто растение кое достига висина до 6 метри, со многубројни густо наредени гранки. Плодовите му се сплескано тркалезни или јајцевидни со рамен или заострен врв. Обвивката е од два дела. Овој вид се среќава низ цела Европа и Мала Азија. На различни еколошки услови се прилагодени различни форми од обичен лешник. Се разликуваат повеќе подгрупи, но најзначајни се оние што подоцна цветат и кои се изразито отпорни на ниски температури. Од овој вид потекнуваат голем број сорти кои се одгледуваат во Европа и Соединетите Американски Држави, а кои се одликуваат со поголема отпорност на ниски температури и прилагодени на помала влажност во почвата и воздухот.

Понтијски лешник (Corylus pontica) – Џбунесто растение кое расте до 5 метри. Плодовите се крупни, најчесто тркалезни. Обвивката е цела и потполно го опфаќа плодот, или расечена (во врвот е раширена). Зрелите плодови паѓаат заедно со обвивката. Плодовите се многу квалитетни на изглед и вкус. Распространет е околу Црното Море во Мала Азија, во Понтиските Планини и зад Кавказ. Овој вид учествувал во создавање на голем број “турски“ сорти кои се познати како “цилски сорти“.

Крупен лешник (Corylus maxima) – Познат е и како “ламберт лешник“. Средно бујно џбунесто растение кое постигнува висина од 3 до 5 метри, со круна. Плодовите се овално издолжени, цилиндрични, групирани од 3 до 12. Обвивката е подолга од плодот скоро два пати. Зрелите плодови паѓаат заедно со обвивката. Распространет е во Мала Азија и јужните делови на Балканот. Од овој вид потекнуваат поголем број стопански значајни сорти.

Див лешник (Corylus colurna) – Познат е под синонимот “мечкина леска“. Ова е стеблеста овошка, бујна, со висина до 25 метри. Плодовите се ситни, остро заоблени, имаат дебела и цврста лушпа. Обвивката е карактеристично тесно нарежена и плодот го покрива 2/3. Таа тешко се одделува од плодот. Плодовите созреваат во септември-октомври. Овој вид е распространет скоро насекаде на Балканот, Мала Азија, Авганистан… “Мечкина леска“ има особина да не дава изданоци и поради тоа се користи како подлога за калемење на питомите сорти за стеблесто одгледување лешници.

Како чувар на здравјето – Лешникот е чувар на срцето, јатките помагаат кај жолтица, проширени вени, воспаление на белите дробови, а се препорачува и за лекување на низок крвен притисок, дијареа, хемороиди… Доволна е барем една рака лешници во вашето секојдневно мени за да не размислувате за високиот крвен притисок или за висината на лошиот холестерол во крвта. Нутриционистите тврдат дека токму порција од овој плод може да биде одлична алтернатива за ужина помеѓу оброците. Лешникот ги штити крвните садови и има благотворно и лековито дејствување на човечкиот организам. Одредени елементи во составот на плодот позитивно влијаат на крвните садови, го штитат срцевиот мускул и го намалуваат крвниот притисок. Тенката кожичка на површината на плодот содржи полифеноли кои се совршена превентива од срцевиот удар, а го намалуваат и ризикот од кардиоваскуларни заболувања и ангина пекторис.

Лековит чај – во народната медицина од кората на лешникот се прави чај кој се користи за облоги за отворени рани создадени од проширени вени на нозете. Чајот е добар и како лековито средство против болки, а се користи и за лекување на хемороиди.

Благопријатна масажа – масажата со масло од лешник се покажала извонредно благотворна кај децата кои имаат проблеми со дишењето и слични респираторни проблеми. Поради неговата позитивна особина да филтрира УВЕ зраци, често се користи и во козметички препарати за заштита од сонце. Силен антиоксиданс – јатките содржат силни антиоксиданси, како што е фитинската киселина. Таа го штити организмот од воспалителни процеси и може да го намали ризикот од појава на рак на дојката и простата. Лешник е богат со аргинин кои спречува раст на туморот и го зајакнува имунитет.

Масло од лешник – Овие јаткасти плодови содржат богатство на масло, 88% незаситени масни киселини. Со пресување се добива масло со ароматичен и сладок вкус. По пресување, маслото е со светла боја и парфимирано, со одлична арома. Маслото од лешник содржи олеинска киселина (66-85%), линолова киселина (до 25%), палмитинска киселина (4-9%) и стеаринска киселина (1-4%). Има многу фитостероли – 1.2-1.4гр/кг на нафтата – и витамин Е (помеѓу 382-472 на 100гр. на масло) во форма на алфа токоферол (околу 88%). Всушност, маслото од лешник по содржина на витаминот Е е на второ место, по сончогледовото масло. Маслото од лешник е исклучително богат извор на витамин Е и се смета дека е од суштинско значење за добро здравје и тело. Потребно е за зајакнување на работата на срцето и телесните мускули, а помага и за правилно функционирање на репродуктивниот систем. Им се препорачува на анемичните лица. Научно е потврдено дека Витаминот Е спречува дегенерација на црвените крвни клетки и на тој начин помага да се задржи крвта во телото. Се верува дека го намалува ризикот од рак. Високото ниво на Витамин Е во маслото од лешник ги спречува факторите кои го активираат ракот на дојката. Тоа е познато по борбата со дифузните канцерогени клетки, а го спречување и понатамошниот ризик од рак. Маслото од лешник е корисно за телото зашто е богато со олеинска киселина, моно-незаситени масни киселини кое помагаат да се намали нивото на холестерол. Им се препорачува и на дијабетчарите. Олеинска киселина е позната за зајакнување на заштитните Apapratein А-1 за здравствено-венски заболувања и го намалува ризичниот Apapratein Б. Ова масло во себе содржи линолова киселина која служи како клучен фактор за здрав раст и развој на организмот. Таа содржи Б1, Б2 и Б6 витамини кои се од суштинско значење за формирањето на крвта и менталното здравје, особено при растот на деца. Маслото од лешник содржи големи количини фолна киселина која е одговорна за намалување на ризикот од дефекти на невралната цевка при раѓање. Фолна киселина помага и при ублажување на депресија и за подобрување на целокупното човеково здравје. Познато е дека конзумирање на само 25-30гр. лешници на ден е доволно да се задоволи дневната потреба од Витамин Е.

Дел од козметиката – Поради богатите состојки, маслото од лешник се користи при масажи за смирување на телото и при ароматерапија. Поради слатката, пријатна арома и фината текстура, телото лесно го апсорбира, а поради некои свои својства има голема улога против стареењето и делува релаксирачки врз кожата. Ова масло делува како одличен крем за смирување, зашто содржи голем број есенцијални масни киселини, како што е линолова киселина, која може да ја рехидрира кожата. Освен ова, антибактериските и анстрингентните својства спречуваат прекумерна секреција на масти од кожата, кои резултираат со појава на акни. Ова масло ги негува сите типови на кожа, особено чувствителната. Најмногу им одговара на лицата со масна кожа, а неговите навлажнувачки својства ја штитат кожата од прекумерна секреција Маслото од лешник се користи во производството на продукти за нега на кожата – креми, лосиони и сапуни. Може да се користи и како средство за сончање зашто го спречува влијнието на штетните зраци од сонцето.

Ако сакате да добиете најмногу од корисните својства од лешникот, потопете ги плодовите преку ноќ во студена вода и оставете ги да отстојат до утрото. На овој начин се активираат ензимите кои ги содржи лешникот. Потоа изедете ги сирови, без термичка обработка. Јадете лешници што почесто, бидејќи со секојдневниот внес на лешниците внесувате здравје.

Силвана Јованчева