Search for content, post, videos

Праската – идеално овошје за вашето здравје

Праските се многу богати со вода, освежителни и затоа исклучително погодни за консумирање на високи летни температури. Тие се богати со бета-каротин, претходник на витаминот А, кој е неопходен за здравјето на очите и кожата. Со оглед на тоа дека се богати и со витамин Ц, помагаат за подобра асимилација на железото во организмот. Витаминот Е што го содржат е ефикасен за спречување на создавање на артериски наслаги и развој на атеросклероза, а витаминот Б2 е корисен за здравјето на очите и кожата. Праската содржи и минерални соли како фосфор, магнезиум и калиум, што е особено важно за здравјето на срцето. Поради високата содржина на влакна, праските помагаат во намалување на нивото на холестерол во крвта и го регулираат крвниот притисок. Една голема праска обезбедува пет до девет проценти од препорачаната дневна количина на влакна за возрасен, а тука треба да се напомене дека кората на овошјето е најбогата со влакна. Праските се богати со витамин Б3, кој учествува во многу метаболички реакции и е особено одговорен за производство на енергија. Тие се најздрави и даваат најголемо освежување кога се јадат свежи, но од нив можете да направите и компот, да ги додадете во јогурт за појадок или од нив да направите вкусен густ сок. Од историјата на праската… Праската (лат. Prunus persica) е вкусно и многу здраво овошје, популарно во секој дел на светот. Потекнува од северозападна Кина, каде што се пронајдени првите траги од нејзиното одгледување. Припаѓа на фамилијата рози (лат. Rosaceae), а заедно со нектарините, кајсиите, сливите, црешите и вишните се смета за вид коскесто овошје. Има кружна форма, однадвор црвено-жолта, додека внатрешното месо на плодот варира од бело до жолто или портокалово. Времето на зреење на праските зависи од сортата и се движи од пролет до крајот на летото.  Сочна праска – одличен извор на важни хранливи материи. Најчести витамини во праските се А, Ц, Е, К и Б3. Минералите вклучуваат калиум, бакар, манган, магнезиум, железо, калциум, фосфор и селен. Содржи фолати, хлорогена киселина, каротеноиди, рутин, кверцетин, катехини, влакна, јаглехидрати и малку помали количини на протеини и масти. Благодарение на моќните антиоксиданси – витамините Ц и Е – праската може да биде од голема корист за одржување на здравјето на целиот организам.

Антиоксидансите ги штитат клетките од негативните ефекти на слободните радикали и на тој начин спречуваат бројни здравствени проблеми. Покрај тоа, витаминот Ц помага во борбата против алергии, вирусни и бактериски инфекции, респираторни заболувања и низа други болести. Витаминот Е е особено ефикасен во спречување на формирање на артериски наслаги, стеснување на артериите и развој на атеросклероза. Благодарение на витаминот Б2, праските се одличен сојузник за добар вид и убава и здрава кожа. Високата содржина на калиум во плодот на праската е одговорна за спречување на бубрежни заболувања, како и за спречување на чир на желудникот. Влакната присутни во овие вкусни плодови ја забрзуваат детоксикацијата на телото, го штитат здравјето на срцето и крвните садови, помагаат во регулирањето на нивото на шеќер во крвта и придонесуваат за здраво варење на храната. Биофлавоноидниот рутин придонесува за зајакнување на капиларите, помага за отстранување на проширени вени, го намалува штетниот ЛДЛ холестерол и го намалува ризикот од срцеви заболувања.

Го намалува ризикот од рак – Како одличен извор на витамин Ц, моќен антиоксиданс, праските можат да помогнат во борбата против ефектите на слободните радикали, за кои е познато дека предизвикуваат рак. Влакната од сите видови овошје и зеленчук, вклучувајќи ги и праските, исто така се поврзани со намален ризик од рак, особено рак на дебелото црево. Заедничката студија на научници покажала дека соединенијата присутни во праските можат да го спречат растот на клетките на ракот на дојката и нивната способност да се шират.                Го штити здравјето на срцето – Влакната, калиумот, витаминот Ц и холинот од праските придонесуваат за здравјето на срцето. Зголемениот внес на калиум (со намален внес на натриум) е важна промена во исхраната која значително придонесува за намален ризик од кардиоваскуларни болести. Истражувањата покажале дека луѓето кои консумирале 4.069 mg калиум дневно имале дури 49% помал ризик од смрт предизвикана од исхемична срцева болест. Го намалува холестеролот – Редовното консумирање праски може да помогне во контролата на високиот холестерол, кој е фактор на ризик за развој на крвни садови и срцеви заболувања. Праските содржат фенолни соединенија кои го спречуваат создавањето на ЛДЛ холестерол. Го смирува нервниот систем – Недостатокот на магнезиум може негативно да влијае на функционирањето на централниот нервен систем, во смисла на зголемена активност на нервните сигнали. Присуството на магнезиум во праските го смирува нервниот систем, ги опушта мускулите, го ублажува немирот и анксиозноста и спречува стрес и депресија. Бројни студии покажале дека внесувањето храна богата со комбинација на магнезиум и витамин Б комплекс има поволни ефекти во лекувањето на хиперактивно пореметување кај децата. Праската е корисна терапија за балансирање на нервниот систем. Го штити здравјето на очите – Бета-каротинот е одговорен за здравјето на очите, а праските содржат голема количина на овој антиоксиданс. Овој провитамин ја храни и заштитува мрежницата на окото од слободните радикали и спречува катаракта и сенилна макуларна дегенерација. Помага во бременоста – Поради присуството на широк спектар на витамини и минерали, праската е одлична храна за трудниците. Минералот калиум помага да се елиминираат мускулните грчеви и општиот замор кои се вообичаени за време на бременоста. Витаминот Ц придонесува за здрав развој на коските, забите, кожата, мускулите и крвните садови на бебето. Помага и во апсорпцијата на железото, што е исклучително важно за време на бременоста. Фолатите присутни во праските го промовираат правилниот развој на срцето, мозокот и черепот на фетусот и помагаат во спречување на дефекти на невралната туба. Придонесува за слабеење – Праските содржат многу малку калории, па се сметаат за одличен сојузник за здраво слабеење. Ако изедете една праска со средна големина, ќе влезете во вашето тело со само 60 калории, а притоа богато ќе ја снабдите со вредна нутритивна содржина. Научно е докажано дека хлорогената киселина, соединение присутно во некои видови овошје и зеленчук, вклучувајќи ги и праските, го забрзува согорувањето на насобраните масти во телото и на тој начин придонесува за слабеење. Влакната од овие вкусни плодови, освен што даваат чувство на ситост, придонесуваат и за регулирање на нивото на шеќер во крвта и на тој начин го спречуваат создавањето на масни наслаги. Ако повремено замените десерт или некоја друга висококалорична ужина со ова слатко и вкусно овошје, резултатите ќе бидат видливи.                                         Одржува убавина на кожата – Витаминот Ц игра важна улога во формирањето на колаген – протеин чиј недостаток има особено негативно влијание на кожата. Овој витамин, доколку се консумира во својата природна форма (преку цела храна, како праските) или ако се нанесува локално на кожата, може да ги намали брчките, да спречи оштетување на кожата предизвикано од сонцето и генерално да ја подобри целокупната текстура на кожата. Витаминот Е присутен во ова овошје ја штити и хидрира кожата и придонесува за нејзино опоравување од оштетувањата предизвикани од слободните радикали. Витаминот А исто така ја навлажнува кожата, ја подобрува нејзината текстура, ги успорува знаците на стареење и придонесува за свеж и здрав изглед на кожата. Бидете убави и здрави, јадете праски!

С.Ј.