Search for content, post, videos

Здравата исхрана и правилниот начин на живот се најбитни… 

Здравата и балансирана исхрана и поголемата физичка активност може да помогне да се контролира дијабетисот. Луѓето со дијабетис може да имаат нормален здрав живот. Дијабетис се развива кога организмот не може правилно да одговори на гликозата. Како резултат на тоа, луѓето со дијабетис може да имаат абнормално високи нивоа на гликоза во крвта, ако состојбата не се контролира.

Типови дијабетис… Постојат два типа дијабетис: тип 1 и тип 2. Типот 1 со поголема веројатност може да се појави кај помлади луѓе, обично до 40-тата, иако може да се развие на било која возраст. Овој тип се развива кога се уништуваат ќелиите во панкреасот кои произведуваат инсулин. Инсулинот е хормон којшто ги регулира нивоата на гликоза во крвта. Овој тип дијабетис е поретка појава, афектира од 5% до 15% од дијабетичарите. Се третира со инсулински инјекции и здрава прехрана. Дијабетисот од типот 2 обично се дијагностицира кај постари луѓе – колку сте постари, ризикот е поголем. Меѓутоа, може да се јави и кај помлади луѓе, а понекогаш и кај деца. Овој тип дијабетис може да се третира со прехрана и со вежбање, иако често пати се потребни и лекарства, а понекогаш и инсулин.

Луѓето со дијабетис може да имаат нормален здрав живот. Меѓутоа, слабо контролираниот дијабетис може да доведе до компликации како срцеви заболувања, заболувања на бубрези, слепило и нервни проблеми кои може да доведат до ампутација. За двата типа дијабетис, екстремно е важно да се контролираат нивоата на шеќерот во крвта и крвниот притисок, за да се спречат долгорочни компликации. Не може со сигурност да се каже кои луѓе заболуваат од дијабетис од тип 1, но голема е веројатноста луѓето кои имаат близок роднина со дијабетис, да развијат дијабетис. Со голема веројатност може да се заболи од дијабетис тип 2 ако: во семејството има роднина со дијабетис (родител, брат или сестра), ако лицето има прекумерна тежина, има повеќе од 40 години или појава на дијабетис за време на бременоста.

Не постои сигурен начин како да се спречи дијабетис. Меѓутоа, здравата и балансирана исхрана, регуларната физичка активност и намалувањето на тежината ако сте претешки, може да да ја задоцни појавата на оваа состојба.Луѓето со дијабетис треба да ја одржуваат телесната тежина здрава и да консумираат храна сиромашна со масти (посебно заситени масти); со малку шеќер; со малку сол; богата со овошје и зеленчук (најмалку 5 порции дневно); богата со сложени јаглехидрати (скробна храна – житарки, пожелно од цели зрна); Генерално, нема храна која луѓето со дијабетис не треба да ја јадат. И нема потреба целосно да се исфрли шеќерот од исхраната. Но, како и секој, дијабетичарите треба да јадат мали порции храна богата со шеќер и масти. Колачи и бисквити треба да јадат оскудно, како дел од балансираната исхрана. Ако сте склони кон хипогликемија (ниско ниво на шеќер во крвта), понекогаш ќе имате потреба од брзо зголемување на нивото на шеќер во крвта. Во такви случаи треба да земете некој благ напиток или гликозни таблети, и веднаш потоа некој скробен оброк, на пример, сендвич. Конечно медицината почна да кажува дека дијабетисот може да се излекува со помош на здрава храна и начин на живот. Живејте здраво, бидејќи само така можете да се изборите за своето здравје. Морате да бидете одлучни и верно да ги следите здравите навики како цел на вашиот живот.

Силвана