Search for content, post, videos

Жените во општеството, културата и науката во Чифте амам на 12 март 2024 година, во 19:00 часот

Австриската амбасада во соработка со Националната галерија на Република Северна Македонија имаат задоволство да ве поканат на изложбата со наслов „Калиопе Австрија и Северна Македонија“, Жените во општеството, културата и науката која ќе биде отворена на 12 март 2024 година, во 19:00 часот, во Чифте амам.

 

Австриското Сојузно Министерство за европски и меѓународни работи и Женскиот музеј во австриското гратче Хитисау во покраината Форарлберг ја промовираат работата и достигнувањата на жените од Австрија на секаде во светот. „Калиопе Aвстрија и Северна Македонија” е прилика  да се присетиме колку жените напредувале, но и да се осврнеме на она што се’ уште треба да го направиме за да обезбедиме еднаквост.

 

Изложбата ја истакнува улогата на жената во обликувањето на светот во изминатите 200 години. Преку прикажување на биографии на значајни австријки, изложбата има за цел да го исправи историското маргинализирање на женските достигнувања, препознавајќи ги нивните таленти, решителност и придонес.

Опфаќајќи го периодот од 19 век до денес, изложбата ги истражува животите на различни жени, вклучувајќи аристократки, уметнички, научници, активистки и политичарки, прикажувајќи ги нивните предизвици и достигнувања во борбата за еманципација.

И покрај тоа што го признава прогресот на правата на жените, изложбата сепак се осврнува и на тековните предизвици и потребата за вистинска еднаквост. Посетителите се поканети да размислуваат за клучната улога на жената во обликувањето на идентитетот на една земја, нејзината култура и наука.

Како соработник, Националната галерија ги вклучува во изложбата и биографиите на значајните македонски жени-уметнички, визионерки ги користеа своите четки за сликање како инструменти за промена, надминувајќи ги општествените бариери и создавајќи простор за себе во уметничкиот свет доминиран од мажи. Надополнувајќи го документарниот аспект на изложбата, во останатите простории на објектот Чифте амам, се изложени уметнички дела од колекцијата на Националната галерија кои им припаѓаат на значајни уметнички кои одиграле важна улога во развојот на Македонската современа уметност, истакнувајќи го често занемарениот „женски поглед“.

На изложбата ќе бидат изложени дела од: Катја Ефтимова, Лена Стефанова, Борка Аврамова, Ана Темкова, Вана Урошевиќ, Дијана Томиќ – Радевска, Моника Мотеска, Дита Старова Ќерими, Жанета Вангели, Славица Јанашлиева, Виолета Чауле, Биљана Унковска, Менче Спироска и Александра Ристовска Петрушевска.

Во оваа прилика, на отворањето на изложбата ќе се обратат д-р Дита Старова Ќерими, директорката на Националната галерија на Р. Северна Македонија, Н.Е. Мартин Памер, амбасадор на Р. Австрија во Р. Северна Македонија, Волфганг Мајер, претставник на ЕВН Македонија и проф. д-р. Елизабета Ѓоргиевска, Првата дама.