Search for content, post, videos

Животот е и убав

Животот е навистина тежок, но сепак дава и многу убави моменти. Ако не умеете да го препознаете убавиот момент, да застанете и да го проживеете целосно со сите ваши сетила, тогаш нема да имате што да извлечете од вашето сеќавање, подоцна, кога ќе се чувствувате лошо, и тогаш потешко ќе ги преживеете лошите моменти во животот.
Убавите моменти можат многу да ви помогнат во тешките животни искушенија. Ако сте ги сочувале сеќавањата на тие моменти и случувања во својот живот, тоа може да ве нахрани, да ве охрабри и да ве оспособи подоцна во некои кризни ситуации. Ако еднаш сте сакале, тоа значи дека можете повторно да сакате, ако еднаш сте уживале, тоа значи дека знаете да уживате и дека повторно ќе уживате. Тие сеќавања дека нешто сте можеле, сте умееле, сте го имале, значи дека сте способна за тоа, ви дава надеж дека повторно може да биде така.
Оптимистичкото гледање на животот е поврзано со намаленото лачење на хормонот на стресот – кортизол, со подобар имунитет и со намален ризик од хронични болести. ЛуЃето што размислуваат позитивно помалку заболуваат од психосоматски болести како што се асма, алергии, заболувања на кардиоваскуларниот систем, а и полесно закрепнуваат по тешки операции. ЛуЃето кои по својата суштина се песимистички ориентирани многу почесто заболуваат од овие болести, затоа што нивните интрапсихички конфликти се поголеми и хронични.
Ако песимистичка личност стане свесна за тоа што си прави на себе и донесе одлука дека сака да се промени, тогаш веќе завршила половина од работа. Прво, тоа значи дека не е задоволна од својот живот и од своите ставови и дека сака промени во таа насока. Ставовите за животот многу тешко се менуваат, но тоа е единствено што може да се менува. Затоа што ние не можеме да го менуваме светот ниту пак реалноста која н# окружува.
Една стара кинеска изрека вели, Ако сакаш да ја поместиш планината, мораш да почнеш со поместување на еден камен. За тоа е потребна силна волја, многу време и истрајност. Ако тоа го имате, резултатот нема да изостане.

психолог-психотерапевт
Лидија Попчева