Search for content, post, videos

Зракот на животната енергија…

Не постои човек кој не се чувствува добро кога е окружен со зеленило и свеж воздух. Многумина ќе кажат дека времето поминато во природа, во шума, парк или цветна градина ги исцелува, им ја враќа силата, расположението, здравјето и животната радост. Овие чувства доаѓаат од бојата на дрвјата, тревата, цвеќињата, езерската или морската вода. Зошто не импресионира зелената боја? Зелената боја одмора, опушта и лекува. Здравјето претставува рамнотежа, а зелената боја е врзана за енергетскиот баланс во нашиот организам, позитивните чувства, имунитетот, универзалната љубов кон се што не окружува. Бидејќи зелената светлина го претставува нивото на срцевиот енергетски центар, оваа боја лековито делува врз срцевите заболувања, крвотокот, белите дробови, кожата и рацете. Љубовта често пати ја искажуваме преку допир, нежни милувања, топла прегратка, стисок на раката. Лековитото дејство на допирот ќе се зголеми ако применуваме и одредена масажа преку притисок со дланка, прст или пак со загревање на одредени зони, односно испраЌање топла енергија (љубов) низ дланките во комбинација со енергијата од срцевата чакра.

Центарот на љубовта – сончевата чакра – Центарот на љубовта (срцевата чакра) се наоѓа во средината на градниот кош, на ‘рбетот, во пределот на тимусната жлезда која е задолжена за покачување на имунитетот и за добра работа на дишните органи. Градната (срцевата) чакра претставува тркалце кое зрачи со светло зелена боја од која зрачи енергијата на љубовта, здравјето и рамнотежата. Светлосниот вртлог од срцето се шири хоризонтално напред пред градите и зад грбот, а се движи во правец на стрелката на часовникот (гледано од напред). Затворете ги очите и сконцентрирајте се кон внатрешноста на градниот кош. Извесно време, во своите мисли набљудувајте ја таа област и обидете се да ја видите чакрата. Таа може да пулсира како мало сонце, некогаш посилно, некогаш послабо. Замислете дека со секое вдишување воздух, во неа внесувате смарагдно зелена светлина која се посилно почнува да сјае, а светлоста ги исполнува сите органи, секоја клетка, целото тело. Почувствувајте како љубовта го исполнува целото ваше битие, а тоа започнува да вибрира во склад со брановите на љубовта и радоста. Доколку овој енергетски центар е потполно отворен и чист, во него се развива несебичната мајчинска љубов кон сите живи суштества и кон се што постои. Доколку енергијата протекува до и од чакрата и поминува од темето, преку главата и низ ‘рбетниот столб тогаш ние сме потполно отворени за исцелувачката вибрација-божествената љубов. Тогаш можеме да се лекуваме себеси со допир, збор, здив, поглед или мисла, но и другите што се во наша близина или во контакт со нас. Секако, тоа претставува една идеална состојба кон која треба да стремиме, да ја јакнеме несебичната љубов без разлика дали минуваме низ искушенија и да ја насочуваме секаде каде што е потребна, некогаш кон самите нас, некогаш кон другите луѓе, растенијата, животните или кон целата планета.

Градењето на позитивниот став – Личноста која ја развива и негува срцевата чакра станува исполнета со креативната енергија на љубовта и изградува еден позитивен однос кон самиот себе, другите луѓе и целата жива природа. Таа лесно остварува емоционална блискост со другите луѓе, има здрави, стабилни и избалансирани чувства, и кај неа преовладуваат несебичноста, толерантноста, отвореноста, искреноста и сочувството. Свртувањето кон позитивниот став на живеење и креативното размислување и однесување е голем чекор кој индивидуата може да го направи во својот животен развој. Оние личности кои го имаат развиено градниот центар имаат развиено чувства на човечност, се однесуваат одговорно кон сите, го почитуваат туѓото мислење и потреба, не се наметнуваат премногу, искрени се и полни со разбирање. Овие луѓе имаат спознание за својата вредност, но не ја истакнуваат, реални се, креативни, со уметнички дух.
Оние, пак, кај кои оваа чакра е затворена најчесто се егоисти, себични, алчни, вообразени, емотивно студени, бесчувствителни, без да имаат разбирање за другите, нивните потреби и чувства. На физичко ниво кај нив можат да се појават срцеви пореметувања, висок крвен притисок, белодробни заболувања, болки во рацете, торакалниот дел на ‘рбетот и грбот. Со редовно чистење и полнење на срцевата чакра со помош на зелена светлина, со емотивна и ментална хигиена како и со работа врз личната трансформација, можно е да се решат овие проблеми.

Поминувајте го времето во недопрената природа, во зеленилото што ве окружува, цвеќињата на вашата тераса и впивајте ги од нив љубовта и светлината со чија помош ќе го прочистите, развиете својот срцев енергетски центар. Галењето и гушкањето со детето, мајката, партнерот, пријателот или пак со домашното милениче, најмногу може да допринесе кај вас да се развие овој центар на љубовта.

Силвана Јованчева