Search for content, post, videos

Звуците на виолината…

Ева Богоевска досега има остварено повеќе меѓународни победи и признанија, меѓу кои прва награда ,,Кристалот на Сан Ремо“ на фестивалот Сан Ремо – јуниор во Италија, ,,Лауреат од прв степен“ на реномираниот Меѓународен фестивал за класична музика во Санкт Петербург, Гран при на  Интернационалниот фестивал за класична уметност и култура во Ерусалим…

Со многу труд до совршена изведба…

Младата виолинистка Ева Богоевска продолжува да концертира.

„За да се постигне максимумот во изведбата на едно дело се вложува многу труд. Потребно е секојдневно повеќечасовно вежбање за да се постигне подготвеност за изведба на делата. Тоа секојдневно вежбање понекогаш е доста исцрпувачко, одзема време и бара многу самооткажување. Колку време и труд е потребно да се изработи едно дело зависи од техничката и музичката сложеност на делото, како и од претходното ниво на подготвеност на изведувачот. Но дури и кога едно дело е изработено во финална форма и е подготвено да се презентира на сцена, секогаш постои можност да се направи и повеќе од тоа. Јас сум доста самокритична и после секоја изведба се самоанализирам и гледам што би можела да направам за  да наредната изведба биде уште подобра.“

Со оглед на целата ситуација како ти го поминуваш овој пандемиски период, како целата ситуација делува на тебе?

На почетокот на пандемијата мислев дека ќе треба само неколку месеци дисциплина и дека вирусот ќе ослаби или ќе го снема,но како поминуваше времето, се поочигледно стана дека дека ќе мора да се научиме да живееме поинаку, и тоа на подолго време. На почетокот два месеца воопшто не излегував од дома и целото време го поминував вежбајки виолина. Но животот мора да продолжи со или без вирусот. Внимавам и ги почитувам сите мерки, но понекогаш не зависи само од нас . Се обидувам да останам ведра и позитивна иако морам да признаам дека тоа е многу тешко во време на пандемија кога секојдневно слушаме за заболени, починати… Се фокусирам на работата, си поставувам цели врзани за мојата професија. Преку работата успевам помалку да мислам на лошите работи и полесно да го пребродам овој тежок период за сите нас. Јас по природа сум оптимист и искрено се надевам дека пандемијава набрзо ќе заврши и ќе биде минато кое веќе никогаш  повеќе нема да се повтори.

Дали овој период имаше нови настани, достигнувања, концерти ?

Покрај ограничувањата што ги наметна пандемијата сепак доживеав настани кои ќе ги паметам цел живот. За време на пандемијава дипломирав на Факултетот за музичка уметност со највисок успех и континуиран просек 10,00 во текот на целото школување. Успеав да учествувам во повеќе концертни проекти како во рамките на програмата на Филхармонија каде што сум вработена, така и на проекти поддржани од Министерството за култура и на Денови на македонската музика. Закажаните концерти кои требаше да ги одржам во Лондон и Валета во 2020 заради состојбата со вирусот се презакажани за оваа година и искрено се надевам дека ќе се одржат.

На што се насочи овој период?

Во овој период многу вежбав виолина. Успеав да подготвам одличен солистички програм со кој во моментов аплицирам на Мастер студии во Швајцарија. Задоволство ми причинува работата и концертите кои ги реализираме со македонската филхармонија. Во моментов со квартетот од Филхатрмонија подготвуваме  интересен програм кој публиката ќе има можност да го слушне во месец мај. Задоволство ми причинува и снимањето на филмска музика во оркестарот Фамес.

Планови во иднина

За оваа година имам закажано два солистички концерти. Едниот во Валета, Малта во месец октомври. Овој концерт ќе биде поддржан од Министерството за култура на РСМ. Планиран е и концерт во Лондон, Англија кој требаше да се реализира минатата година, но заради состојбата со Ковид  целата концертна сезона им беше одложена. Планирам да завршам магистерски студии во Женева. Планирам  да учам и  положам возачки испит бидејки тоа нешто што поради моите постојани обврски со виолината долго време го одложувам. Планирам да започнам нормално да живеам.

Силвана Јованчева