Search for content, post, videos

Чудотворни собни растенија

 

 

Според истражувањето на НАСА, некои собни растенија во рок од 24 часа можат да отстранат и до 90 проценти разни токсични состојки од воздухот од просторијата во која престојуваме.

Собните растенија, освен што го украсуваат домот, тие се и чувари на нашето здравје. Го прочистуваат воздухот, ги впиваат електромагнетните зрачења, го смалуваат стресот, шират позитивна енергија, го разубавуваат просторот, ги неутрализираат непријатните мириси, а од друга страна – бараат многу малку внимание и време. Растенијата го прочистуваат и освежуваат воздухот така што го филтрираат јаглерод диоксидот кој го издишуваме, како и другите токсични состојки присутни во просторијата, а произведуваат кислород.

Во групата чудотворни собни растенија спаѓаат:

гербер, маргарита, хризантема, африканска темјанушка, орхидеја, филодендрон, сансеверија, дрво на животот, бршлен, алое вера, разни видови палми, папрат и уште неколку други.

Од бројните загадувачи на воздухот на кои сме изложени секојдневно во затворените простории, треба да се издвои формалдехидот кој го има во пените за изолација, лепилата, иверката, пластиката, книжните шамивчиња, книжните бришачи за раце, килимите, завесите, освежувачите на воздухот, средствата за чистење, дезодорансите, лаковите за нокти и бројните производи за нега на лицето, телото и косата. Поради оваа токсична материја, особено е препорачливо дома да чувате филодендрон, алое вера и сансеверија. Освен што ќе го прочистат просторот, овие растенија и ќе го збогатат со негативни јони кои хронично недостигаат во затворените простории. Негативните јони значително го подобруваат лошиот квалитет на воздухот, предизвикан од светилките, греењето и клима уредите, како и бројните електрични апарати во домот.

Истражувањата потврдуваат дека негативните јони значително влијаат и на нашето здравје: ги обновуваат клетките, ја подобруваат работата на метаболизмот, концентрацијата и будноста, ја зголемуваат отпорноста на болести, и исклучително добро помагаат при главоболка, алергија и астма.