Search for content, post, videos

И креветот има своја убавина

Сите патишта водат кон него – кон креветот…Креветот е највеличествениот изум што го создал човечкиот ум, а душата го облагородила, една од ретките работи која во текот на изминатите векови го задржалa својот основен облик и функција. Креветот нé следи од почетокот до крајот на животот, сакаме и одмараме, закрепнуваме и се опуштаме, лежиме и размислуваме. Денес креветот е толку секојдневна работа што веќе воопшто не размислуваме за него, освен кога треба да го купиме. Воопшто не се прашуваме кој го измислил и како воопшто се дошло до него, важно ни е да ни биде „при рака и при тело“ и да можеме да прилегнеме на него секогаш кога ќе посакаме.

Во текот на спиењето треба квалитетно да се одмориме, а тоа е можно само ако го имаме  вистинскиот кревет што лесно се прилагодува на нашето тело. Ако сме спиеле добро, ќе се чувствуваме свежи и полни со енергија. Спиењето, сонувањето, излежувањето,гушкањето, седењето и читањето се само некои од активностите кои вообичаено се прават во кревет.

Еден кревет обично добро ќе Ви служи десетина години. За да одредите дали Ви треба нов кревет, поставете си ги следниве прашања:

‚Дали се будам со вкочанет врат или со болки во грбот? Дали креветот ми е многу мал? Ги чувствувам ли федерите или нерамнините? Дали се слуша крцкање или чкрипење кога мрдам? Дали мојот сопружник и јас несвесно се тркаламе еден кон друг? Дали подлогата е нерамна или спуштена? Дали ногалките и тркалцата се истрошени?‘

Одговорот на овие прашања може да Ви помогне да одредите каков кревет да одберете и дали е време да купите нов кревет. Добриот кревет Ви дава чувство на удобност и потпора и одговара на Вашите индивидуални потреби и склоности. Вашиот кревет е нешто повеќе од инвестирање пари. Ако мудро го изберете својот пријател-кревет кој ќе Ви дава потпора и ако се грижите за него, тогаш и тој добро ќе се грижи за Вас.

Кој кревет најмногу одговара

 

Удобност на креветот – Душекот не мора да биде тврд како даска за да биде добар. Всушност, постои мислење дека креветот кој е премногу тврд може да ги зголеми проблемите со грбот. Вашето тело нека Ви каже што е најдобро. Легнете на грб. Ако можете да ја подметнете раката во шуплината под половината и удобно да ја сместите внатре и ако можете лесно да се свртите, тврдоста на душекот Ви одговара. Душекот кој служи како потпора треба да овозможи ’рбетот да остане во исправена положба и додека лежите на страна. На потешките лица ќе им треба потврд кревет.

Димензии – одберете кревет кој ќе овозможи слободно да се свртувате. Ако креветот го користат двајца луѓе, имајте на ум дека, кога двајца возрасни спијат на стандарден брачен кревет, секој од нив да има онолку простор колку што им е потребно за да се чувтвсуваат слободно.

Денес има најразлични дизајни на кревети од оние стандардните до футуристичките….уживајте во секој од нив, а најмногу во оној кревет кој вам ви одговара.

Силвана Јованчева