Search for content, post, videos

Интересни дизајни

 

Ѕидно огледало „ХЕЛИОС“, инспирирано од богот на Сонцето

Во старогрчката митологија Хелиос го олицетворувал Сонцето, но не како небесно тело, туку неговата светлина и топлина. Богот, секое утро, кога зазорувала зората, се издигал нагоре, до небото, на крајот на светот, каде што живеел, во палата. Неговиот ореол бил толку сјаен што неретко и заслепувал. Народните преданија им послужиле како инспирација на дизајнерите. Ѕидното огледало, чии димензии се 120×120×14 см, најубаво прилега на празен ѕид, без прозорци, слики.

 

Тросед „МИЈА“, за пријатен амбиент

И Удобен живот, во секој поглед. Заобленоста и пругавото тапацирање (однапред), визуелно ја зголемуваат иако нејзините димензии се 220×85×76 см. Висината на облегалката изнесува 46 см, а седиштето е широко 51 см. Ткаенината со која се обложува е прашање на вкус, по избор на купувачот. Свиленото кадифе ја прави уште полуксузна. Софата тежи 67 кг. За да трае подолго, не треба да стои на место каде што има сонце. Се чисти машински, со вакуум, или рачно, со нежно четкање.

 

Масиче „ЛЕМПРИКА“, во Арт деко стил

 

Комбинацијата на т.н. свиленикав месинг и неколкуте огледала (античко, бронзено, јасно, чадено) ја карактеризира масичката, која обично стои настрана, покрај троседот на пример. Всушност, острите геометриски облици и студените материјали се својствени за стилот во применетите уметности и архитектурата во 20-тите и 30-тите години на 20 век – Арт деко. Димензиите на масичето изнесуваат 70×65×65 см, тежи 31 кг, а се чисти со влажна крпа (месингот) и со средство за чистење стакло (огледалата).

 

Уникатност што го одразува слободниот дух – параван „ДЕЛТА“

Параванот се состои од четири панели чии геометриски форми ги истакнува драматичната, но сепак елегантна, црна, то ест бојата на јагленот, саѓите. Рабовите на плочите од лакирано дрво, наместа покриени со кожа, се месингани (полирани). Неговата уникатност е одраз на слободниот дух, волјата и, секако, изразувањето. Висината на параванот е 160 см, долг 202 см, а дебелината изнесува 6 см. Тежок е 85 кг.

 

Ѕидна светилка за бањи „ВЕЛУМ“

Инспирирана од старите ракописи, текстовите напишани на пергамент, од телешка кожа, ѕидната светилка се изработува рачно, од месинг. Всушност, легурата од бакар и цинк, која изгледа старински, е релјефна, благодарение на чеканот. Нејзината елеганција се истакнува со светлината што дава топлина… на стилот, на чувствата и сл., а луксузот е очигледен, па дури и кога се работи за бања. Димензиите на „Велум“ изнесуваат 60×17×9,5 см. Трае долго, исто како приказните смислени одамна.

 

Држач за крпи „ДИЈАМАНТ“, што служи и како декор

Се разбира, овој декоративен предмет е и практичен, без оглед на неговата ексклузивност, бидејќи го има во мал број. Наменет за бања чиј луксуз се забележува секаде, во сè, држачот за крпи е комбинација на мермер (бел или црн) и полиран месинг, на основата и на цевките. Се карактеризира со безвременост, висок квалитет, дизајн што маѓепсува иако е едноставен, сосем поинаков од кичестите предмети. Неговите димензии се 123×54,5×17 см.

 

Детска мини-спална соба „ТИПИ“

Детската игра нема граници, ниту фантазијата, и таа не треба да им се ускрати. Дури и кога се Индијанците во прашање, нивниот стил, начин на живеење. Детската мини-спална соба наликува на индијански шатор, направен од синтетичка кожа во боја на праска, а во неа се сместени кревет, складиштен простор, кутија за играчки на тркалца и орман изработен од дабовина, премачкана со акрилик. Деталите се алуминиумски. Шаторот, со димензии 280×245 см, е огноотпорен. Тежи 371 кг.