Search for content, post, videos

Боемскиот дух на излитената елеганција во домот…

Нема сомнеж зошто дизајнот на ентериерот наречен шеби шик (shabby chic или во превод излитена елеганција) е толку привлечен. Кога ќе се примени правилно, овој стил е совршена рамнотежа меѓу опуштениот и старинскиот изглед. Дозволува да се развие уметничка но и елегантна атмосфера, додека на дизајнерот му дава многу слобода во презентирањето на сопствените идеи.

Но, доколку претходно не сте се обиделе со уредување во шеби шик стил, тоа може да ви изгледа и по малку застрашувачки. Понекогаш е тешко да се креираат помалку структурирани простори кои ќе остават впечаток на корисни отколку на неуредни.

Но затоа, следниве неколку препораки ќе ви помогнат како да ја усовршите шеби шик естетиката…

Почнете со неутрална позадина

            Успешните проекти на дизајнот се засноваат на балансирањето околу она што се додава и што се одзема. Додека секој елемент игра своја улога во дизајнирањето на просторот како целина, некој од овие елементи мора да преземе понеутрална улога за сметка на некој друг да дојде до израз. Бидејќи многу од парчињата во шеби шик стил се со силни, шарени бои, позадината на тие простори мора да остане неутрална за да се добие одреден баланс.

Кога велиме „позадина“, зборуваме за структурните елементи на просторијата – ѕидовите и подовите, кои не се дел од вашите лични работи. Размислете да ги обоите ѕидовите во лесни понеутрални нијанси, како што е белата боја со сите нејзини нијанси, во комбинација со едноставни, дрвени подови.

Имајте на ум дека неутралната позадина не мора да биде здодевна. Слободно насочете го својот дизајн околу елементите како што се камин или вградени полици.

Сконцентрирајте се на употребуван или старински мебел

Самиот збор шеби (shabby) на англиски јазик значи излитен, и најмногу се користи за опис на предмети што имаат временска или античка естетика.

Што се однесува до тоа како да го постигнете овој изглед, имате повеќе можности. Најнапред можете да ги разгледате готовите производи од овој стил или да купите некој недовршен модел или пак да побарате онлајн водич за тоа како самите да создадете шеби шик стил во вашиот дом. Меѓутоа, на оние што не им печи нивниот мебел да има малку историја во себе, би можеле да ги истражат и старинските опции. Проверете што се крие кај вас на таванот или во подрумот, или кај вашите роднини или пријатели, размислете дали ќе се вклопи во вашиот единствен стил и понудете да им го откупите тоа парче.

Но запомнете – одбраниот мебел само навидум треба да изгледа како да е оштетен. Ако купувате елементи за довршување на вашиот дизајн, проверете дали секој дел добро се вклопува, дали е сé убаво прицврстено. Секогаш можете да смените дел од вашиот дизајн, но сепак нема смисла да вложувате премногу време и пари во нешто што нема да функционира долго време.

Комбинирајте и прилагодувајте ги деталите

Ова е веќе позабавниот дел во креирањето на вашиот уникатен стил. Со дополнителните елементи можете многу лесно да го доловите боемскиот дух на собата. Овој стил е карактеристичен по тоа што се состои од слоевито додавање разни дополнителни елементи – килими, ќебиња, перници, ѕидни уметнички дела и декорации – и на тој начин да создадете пријатно и релаксирано окружување.

Во овој случај особено е важно мешањето. Одберете елементи што содржат различни шари и текстури. За оние што сакаат покохерентен изглед, обидете се да ја ограничите својата шема со бои на две или три различни нијанси, повторени во целиот простор. Меѓутоа, ако вашиот стил е еклектичен, тогаш само вашата фантазија претставува ограничување – со други зборови, препуштете се на сé она што го замислувате.

Кога практикувате помалку структурирани стилови, внимавајте – просторот на крајот не смее да изгледа пренатрупано. А добар начин да го постигнете тоа е да ја смените сопствената перспектива. На пример, ако не сте сигурни дали некој предмет добро се вклопува во вашиот дизајн, вратете се неколку чекори наназад. Замислете го просторот во целина и одредете дали тој предмет ја надополнува вашата визија или едноставно е вишок.

Додавајте природни елементи

Просторот уреден во шеби шик стил е секогаш светол, лесен и проѕирен. А еден од наједноставните начини за да го внесете тој изглед во вашиот дом е така што во уредувањето ќе вклучите и многу надворешни предмети. На пример, одберете многу зеленило, собни растенија или, пак, секогаш оставајте ги завесите отворени со што ќе дозволите пиродната светлина да навлегува во просторот во огромни количини.

Исто така, можете да размислите и за вградување одредени природни материјали во целиот дизајн – дрво во мебелот, килимче од бамбус, разновидни камени или глинени предмети (вазни, садови, фигури).

Кога внимателно ќе се обмисли и правилно ќе се примени, дизајнот шеби шик е интересен, елегантен а за него сепак не ви е потребен голем напор.