Search for content, post, videos

Дизајнери на стилот

 

Ново, свежо и интересно… за сечиј вкус и џеб

Кога дизајнот е во прашање, за вкусот не треба да се расправа. Дури и навидум кичестите производи може да изгледаат убаво ако ги ставите на вистинското место. Не мора да ангажирате ентериерист за да ви ги уреди бањата, дневната соба, кујната… Изборот е толку голем што сигурно нема да згрешите, важно е вам да ви се допаѓа, и да се вклопи во просторот. Но, битна е и цената. Еве кои се новитетите… Па, одберете, макар и нешто слично.

Када инспирирана од јапонската Офуро
Ofuro by Victoria & Albert
Многу семејства во домовите имаат малечки бањи, па се соочуваат со низа проблеми. Како прво, не можат да ги уредат како што сакаат. Наместо када ставаат туш-кабина, и слично. “Victoria & Albert” имаат решение за оние кои немаат вишок квадратен метар во бањата за да уживаат во неа, релаксирајќи се. Во прашање е када инспирирана од јапонската Офуро. Длабока е, во неа може да се седи, а собира и двајца. Има скали од дабово дрво што овозможуваат лесно да се влезе во неа, и да се излезе. Предноста е и во можноста да се смести каде било во бањата, дури и во некој агол. Ако има довод и одвод може да стои и таму, без да се преместува. Така ќе се заштеди простор. Ја има како минималистички дизајн, еднобојна, но се изработува и по нарачка. Мотивот го избира купувачот, а во продажните салони може да се најдат и кади со цветни шари.

За уредување на модерните бањи
Roca Cocoon
Општо познато е дека протеините содржани во јајцето се благодет и за кожата и за косата, но малкумина знаат какво е чувството да се капе во него бидејќи производството на туш-кабините со форма на јајце е лимитирано. Не се препорачува да ги користат клаустрофоби. Штом се затворат панелите кај нив може да се јави болен страв оти просторот е мал, како да се наоѓаат во кожурец. Сепак, Roca Cocoon е идеален за луѓето кои сакаат да посетуваат спа-центри од едноставна причина што ги има сите нивни погодности, туш, када, хидромасажа и светло кое опушта, како замена за ароматични свеќи. “Дождливиот” туш е вграден тавански. Нејзиниот дизајн е потпишан од Русинката што моментно живее и работи во Италија, Арина Комарова. Таа е добитник на многу награди, а со јајцевидната туш-кабина конкурирала на натпреварот за уредување на модерните бањи, и ја добила втората награда.

“Extra Ordinary Design”потпишан од Matthew Guerini и Mara Vernocchi
Colico Asami Light Sofa
Во последните години иновациите во дизајнот се базираат врз употребата на ЛЕД осветлението. На пример, Asami Light софата на италијанската компанија Colico успеа да го трансформира мебелот од статичен декоративен елемент во многустрана стилска инсталација што се приспособува според расположението. Комбинирајќи ја високата, модерна технологија и дизајнот кој моментно е тренд, оваа софа, освен што е удобна, може да ја менува и бојата благодарение на ЛЕД ламбите. Така лесно се вклопува во секој амбиент, и тоа со притискање копче на далечинскиот управувач. Дури и кога се изгаснати, софата изгледа преубаво, а неговиот “Extra Ordinary Design” потпишан од Matthew Guerini и Mara Vernocchi е неодолив. Акрилното стакло што ја рефлектира светлината може да биде проѕирно, чисто, но и да има изгравирано геометриски или други шари.

Кога парчињата мебел можат да се модулираат…
Modular Sofa Furniture People by Primafila
Многу луѓе мислат дека квадратните, коцкестите  и правоаголните форми во дизајнот на мебелот се нешто кое треба да “остане” во седумдесеттите години од минатиот век. Компанијата Примафила од Италија, преку софите што ги произведува, го демантира таквото мислење, притоа истакнувајќи ја нивната симетрија. Кога парчињата мебел можат да се модулираат, т.е. да се приспособат според просторот, просторот ќе изгледа секогаш поинаку. Така на пример, може да се направи мала софа која ќе стои во аголот или, пак, да “оди” во ширина, во зависност од потребата. Двата дела што, всушност, претставуваат конфигурација составена од четири до шест коцки ја чинат основата за која било комбинација. Обично се користат неколку делови. Позната е како People, а се произведува во различни бои, од неутрални до “јаки” тонови. Останатите аксесоари треба да бидат минималистички.

Прво уживајте во глетката, па стиснете “он”

MBL Reference Line
Наспроти “медиокритетите” кои ги продаваат повеќето аудио фирми, германската MBL гарантира квалитет, но и добро го наплаќа. За жал, обичните смртници не можат да се уверат во него зашто цената има најчесто шест бројки. Во рекламата на системот од таканаречената Reference Line пишува “Прво уживајте во глетката, па стиснете ‘он’”. Најзабележителни се звучниците 101Е MKII Radialstrahler кои “емитуваат” стопроцентно чисти тонови. Има засилувач (дури и предзасилувач), SACD транспорт, ЦД транспорт и аналогно-дигитален конвертор, ремек-дела на модерниот дизајн и прецизната механика. Фирмата има неколку примероци кои ги изнајмува на галерии, музеи, за изложби, поставки и слично. Стручните лица велат дека не е можна копија иако Кинезите веќе се обидоа да го направат тоа, но, се разбира, неуспешно.

Танцот на Зулу воините како инспирација GIYA Acoustic Cabinets
Нивен производител е компанијата Вивид Аудио, која има африкански “корени”. Таа го ангажираше дизајнерот Laurence Dickie да направи нешто ново, инспирирано од Африка. Скицата на звучниците толку ги воодушеви што челните луѓе во компанијата инсистираа веднаш да почнат со нивното производство. Танцот на Зулу воините како инспирација му се допадна и нему и на купувачите. Серијата опфаќа три вида звучници, Г1, Г2 и Г3. Последните ќе се промовираат годинава. Г1 се четирисистемни, високи сто и седумдесет сантиметри, а дијаметарот име осумдесет сантиметри. Однадвор личат на егзотични билки. Сите делови се негов изум, од драјверот до апсорберите кои значително ја намалуваат резонанцата и внатрешната рефлексија. Одозгора се бојосани со автолак, а може и да се нарачаат во било која боја, по желба. Овие звучници чинат 58.000 американски долари.

Што има одоздола?!

Illusion Side Table by John Brauer

Кусо време по нејзината промоција, масата стана хит. Производството “рипна” сто отсто, а Јохн Брауер го нарекоа илузионист меѓу дизајнерите. Масата за која буквално се чекаше ред е направена од акрил, и има облик на кружен трпезариски чаршаф. Изгледа како во секој момент ќе се појави некој волшебник и ќе “открие” што има одоздола. Се изработува во различни бои, но, сепак, најбарани се проѕирните. Без оглед на тоа што материјалот е цврст, не се препорачува врз масата да се ставаат предмети чија вкупна тежина ќе биде поголема од дваесет и пет килограми. Дизајнерот вели дека треба да се внимава кога се употребува и да се “гледа” како да е направена од стакло. Така треба и да се чисти. Лесно се оставаат отпечатоци од прсти, но и покрај тоа цената придонесе за нејзината масовна побарувачка. Освен за дома, се купува и за балкони, тераси, но и за кафулиња.

За оние што ја преферираат елеганцијата
Gentleman Lighting
Оваа ноќна ламба е дело на Кореанецот Рамеи Кеум. Ја дизајнираше пред две години, а продажбата нагло се зголеми во 2011-тата. Никој не знае зошто. Се претпоставува дека таканаречените јапи, кои, всушност, се најбројните купувачи, сакаат да остават впечаток и преку начинот на кој им е уреден домот. Внимаваат на деталите, да ја одразуваат нивната елеганција во целост. Не само преку облеката. Гентлеман е направена од челик што не ‘рѓосува, и тоа полиран, а абажурот личи на кошула која се носи под смокин

г, со врска во форма на пеперутка што, пак, може да се смени, во друга боја. Притоа се менува и осветлението, зависно од атмосферата. Нејзините димензии се 550×250×250 милиметри. Дизајнерот во едно интервју изјавил дека инспирацијата ја нашол во ликот на Џејмс Бонд, агентот 007, кој, според него, е синоним на елеганцијата.

Вазни кои ги будат спомените од детството
Робин Ван Хонтем: Dancing Vases
Како сите деца, и дизајнерот Робин Ван Хонтем кога бил малечок сакал да се врти на вртелешка. Тоа го инспирирало да направи вазни на кои ќе им даде живост. Се заситил од “здодевноста” на оние што се продаваат во галериите, на кинеските пазари… “Во нив има премногу мртвило, луЃето веќе немаат избор”, рекол во една пригода. Неговите вазни не можат да се вртат иако се нарекуваат вазни што танцуваат. Секоја поединечно зазема одредена положба. Во комплет има пет, а сите заедно чинат “танцова” група. Откако ги изложи на еден од дизајн фестивалите во Лондон, нарачките од сопствениците на дуќаните почнаа да пристигнуваат на негова адреса. Повеќето посетители во книгата на впечатоци напишале дека вазните им ги разбудиле спомените од детството и дека одвај чекаат да се пуштат во продажба. Изработени се од порцелан, а има и поевтини, направени од керамика.

Се што е потребно за да се направи коктел
Brio Bar by Chef’n Corporation

Ice Bucket Front 017

За приврзаниците, следбениците на хедонизмот, на сетилното уживање, на “слаткиот живот”, секојпат има нешто ново, интересно. Тие се радуваат на малите работи кои, пак, животот им го прават поубав. Всушност, хедонистите сакаат и да бидат дел од приготвувањето на аперитивите, јадењата и така натаму. Вашингтонската Chef’n Corporation веќе неколку децении се грижи за тоа. Неодамна го “лансира” таканаречениот Брио Бар кој содржи се што е потребно за да се направи коктел. Секако, без пијалоците. Секое парче воодушевува со неговиот изглед, дизајн. Освен класичните отворачи за шишиња, ножињата за сечкање овошје и така натаму, големо внимание привлекува и шејкерот “3 во 1” кој служи за мерење, матење и за сипење без притоа да се извалка наоколу. Елементите се изработени од челик што не ‘рѓосува, и траат долго.

Игор Ландсберг