Search for content, post, videos

Растенијата во вашата канцеларија

Користа од вистинско, зелено растение во работниот простор е непроценливa. Зеленилото го разубавува окружувањето во кое работите, го намалува стресот, го зголемува работниот елан и го прочистува воздухот, а голем број истражувања покажуваат дека сме 40% попродуктивни и 50 % покреативни.

Ако сè уште немате одбрано зелен „декор“ или „милениче“ за вашата канцеларија, време е да го сторите тоа, а следниве совети ќе ви помогнат како да го одберете и негувате…

 Одберете го најсоодветното растение во 4 чекори

1. Фокусирајте се на растенија за кои не е потребно многу нега, па така нема да зажалите ако го прескокнете полевањето додека сте преокупирани со работата.

2. Ако на вашето работно место немате многу природна светлина, купете си замија, африканско копје (познато и како цилиндрична сабја или цилиндрична змија) или филадендрон.

3. Ако имате многу светлина тогаш купете красула, папрат или кактус.

4. Одберете растение што го прочистува воздухот. Наши фаворити за работен простор се фикус, драцена, дрво на мирот и африканско копје.

Основни совети за нега на растенијата

  • Запознајте го вашето растение. Ставете го на работната маса, проверете ја земјата во саксијата – ако првите 3 до 4 сантиметри од земјата е сува, тогаш му треба полевање.
  • Не дозволувајте чиничето на саксијата да биде полно со вода повеќе од 30 минути. Ако водата се задржи во него, истурете го вишокот.
  • Зиме греењето во просториите е посилно, па често воздухот е многу сув. Затоа во такви услови потребно е дополнително наводнување на растенијата.
  • На ратсенијата исто како и на луѓето, најсоодветна им е температурата помеѓу 19 и 23 степени. Затоа никако не поставувајте го растението близу вентилатор, климатизер, радијатор или влезна врата, каде што има поголем провев или поголеми температурни разлики.

5 растенија што ќе ви ја унапредат кариерата

Ако посакувате зголемување на платата, подобри услови за работа, поголема креативност и наплив на идеи еден од најдобрите патишта да успеете во тоа е да внесете растенија во своето работно окружување. Едно неодамнешно истражување на британските научници од Универзитетот Екситер, покажало дека присуството на растенија во канцелариите ја подобрило креативноста за 45%, продуктивноста за 40% и расположението за 50%.

Истражувачите од Универзитетот Екситер, спровеле истражување во кое учество зеле 350 испитаници, поделени во импровизирани канцеларии. На сите испитаници им биле дадени исти работни задачи, а резултатите покажале значително подобрена продуктивност и креативност кај оние во чии работни простории имало многу растенија.

„Уште од поодамна е познато дека со дизајнирањето на сопствениот работен простор можеме да го подобриме здравјето, среќата и продуктивноста. Беше време да направиме уште еден чекор напред и да испитаме дали сето тоа ќе има влијание и на креативноста и да испитаме дали со дизајнирањето на работниот простор можеме да ја подобриме ефективноста во работата. Резултатите покажаа дека креативноста се зголеми дури за 45%, благодарение на растенијата и дизјнот на работното окружување, бидејќи на тој начин се  унапредува нашата психолошка благосостојба“, објаснува психологот д-р Крег Најт.

Покрај овие предности, зеленилото го разубавува просторот, го прочистува воздухот, а познато е и дека го намалува стресот. Ако ве убедивме во благодатот на зеленото окружување во работниот простор, погледнете кои 5 растенија совршено се вклопуваат во секоја канцеларија…

1. Сансеверија (Sansevieria)

Сансеверијата (Африканско копје или Индијански пердув), е многу отпорно растение, па со тоа и совршен избор ако немате многу искуство во одгледувањето растенија. На ова растение не му пречи сувиот воздух и недостатокот на сончева светлина или ако поради многуте работни обврски заборавите да го навадите. Иако нема да го „убие“, сепак недоволната нега може да влијае на убавината на ова растение, односно шарите на листовите ќе бидат бледи.

2. Замија (Zamioculcas zamiifolia)

Замијата спаѓа во групата растенија на кои не им е потребна голема грижа, таканаречени сукуленти. Замијата е многу популарно собно растение. Идеална е за работни простории, бидејќи според фенг шуи, го активира полето на среќата и парите и ја собира негативната енергија. Грижата за замијата не бара многу труд, бидејќи ѝ е доволна основна нега. Потребно е да ја полевате еднаш во месецот, а лете нешто почесто.

3. Красула (Crassula ovata)

Красулата или Јапонско дрво на парите е многу популарен избор за канцелариско растение. Како што кажува и самото име, присуството на ова растение наводно ги привлекува парите. Постојат објаснувања дека листовите на ова растение содржат етерични масла што ја зголемуваат менталната и физичката будност на луѓето и ги активираат умствените и физичките способности, па на тој начин се постигнуваат подобри резултати во работата, а секако и поголема заработувачка.

4. Потос (Pothos)

Ова растение-ползавец е познато и под името Ѓаволов бршлен, и е во сродство со филадендронот. Се одгледува многу лесно и убаво го поднесува сувиот воздух. Толерира и послаба светлина, а ќе ве награди со брз раст доколку одвреме-навреме го полевате.

5. Кактус пенкало (Euphorbia tirucalli)

Својата популарност ја долгува како на необичниот изглед, така и на својата отпорност. Токму како и останатите видови кактуси, и ова растение не бара многу внимание. Поставете го на посветло место во канцеларијата, но не и директно изложено на сонце. Сака влажни простории, но полевањето е еднаш месечно. Одличен е за канцеларии, бидејќи не се препорачува да се стави во просторија со деца (ако се скрши, овој кактус испушта отровно млеко, па затоа треба многу внимателно да се постапува со него).