Search for content, post, videos

Кога желбите на клиентите и визуелните креации создаваат уметничко дело

Beauty Style Sofija е професионално студио за внатрешно уредување, со главно седиште во Скопје и соработка во Србија, Албанија, Словенија… Познати се по својата иновативност и професионална реализација. Оваа професија обединува широк круг енергии, а ја опфаќа и уметноста како дејност. Крајно одговорни и успешни во уредување на секој простор, ги прави оригинални при изнаоѓање функционално решение за секаков вид проблем при уредувањето. Сопственичката Даниела Мисајловска, ги отвори вратите на својот изложбен салон и ни ја откри тајната за совршено уреден простор и за комплексноста на внатрешното уредување…

Кога е во прашање планирањето и уредувањето, секогаш следете го својот инстинкт…

„Оваа професија е како уметност, како творечка креативност која претставува состојба во која желбите на клиентите и моите визуелни креации создаваат уметничко дело. За да се постигне успешно реализиран проект, мора да се постигне рамнотежа помеѓу неколку елементи на внатрешното уредување, кои меѓусебно се неодоливо споиви. Желбите на моите клиенти не секогаш се совпаѓаат со прецизноста на уредувањето, но со повеќето од нив изнаоѓаме заедничко решение. Без оглед дали се работи за уредување на домот или деловна просторија, мотивот е ист – да се постигне функционална убавина за хармонична практичност во просторот.“

Завеси, драперии, корнизи, роло завеси, постелнини, хотелска програма, мебел штоф за тапацирање, сертифицирани материјали… се само дел од широката палета на Beauty Style Sofija

             „Убавината на оваа професија е во практичноста и визуелните ефекти, доста спротивно од теоријата. Јас ги следам модните трендови и сакам да сум во чекор со случувањата, но тоа не значи дека треба да фрлам хендикеп врз мојата визија и да ѝ препуштам на модната индустрија да одлучува за комбинациите. Што се однесува до брендовите со кои располагаме, не би сакала да ги набројувам бидејќи имаме одлична соработка со сите најквалитетни брендирани имиња, но со задоволство ќе го споменам брендот Aco Tekstil, за кој единствен застапник во Македонија е Гордана Десановска од студиото Aco Tekstil Evropa  во Битола. Ги издвојувам нив бидејќи се работи за врвни материјали и исклучително совршен погодок за секаква комбинација. Имам соработка со модни дизајнери кои ја дефинираат мојата замисла и крајниот производ на таа комбинација е до степен на совршенство. Ако сакаме она што го нуди модната индустрија да го донесеме тука, треба да одиме подлабоко и да растеме заедно со случувањата. Јас ја преферирам класиката во комбинација со модерни елементи, во игра со живи бои и токму таа комбинација, склопена во едно, ја нарушува едноличноста во просторот, ја отфрла пренатрупаноста и нуди едноставност. Класиката секогаш е во тренд, само треба да знаете како да ја искомбинирате за да биде едноставно, а модерно.“

Beauty Style Sofija деновиве ќе се претстави во Белград, во хотел Москва, како единствен застапник од Македонија за уредување домови, потоа на саемот за мебел во Албанија, па следат ангажмани во Словенија…

„Уште од самиот почеток сум свесна дека доколку сакам да бидам успешна во оваа дејност, морам да бидам максимално посветена на работата. Можеби токму поради моето пропагирање на уметноста низ уредувањето и советување на моите клиенти за разубавување на просторот околу себе, неуморно ги пробив границите и ги пуштивме своите чекори и надвор од Македонија. Свесна сум дека кај нас продажбата не е на ниво на кое треба да биде, со оглед на тоа дека брендот Aco Tekstil успешно го промовиравме низ нашите производи во Шведска, Германија, Швајцарија, Франција и Шпанија. Но, мислам дека сите знаеме дека внатрешното уредување не е само потреба, туку и само по себе претставува декоративен елемент, збогатување и разубавување на просторот преку поседување нешто уникатно што претставува престиж.“

 

Правилно насочената енергијата во работата, секогаш има позитивен ефект…

„Во зависност од тоа колку професионалност е вложена во изведбата на самиот ентериер, во никој случај не смееме да изостанеме зад успешниот европски свет во поглед на внатрешното уредување и новите трендови во него. Она што сугерирам на клиентите е храброста при менувањето на нештата, без оглед дали ќе одберете мирни тонови или нежна динамичност, дали ќе се одлучите за голема доза традиционални или класични елементи, што и да одберете, тоа сепак ќе биде  вистински погодок бидејќи секој стил има свој уникатен впечаток. Главната цел на внатрешното уредување е да се постигне вистински спој помеѓу структурната димензија во просторот и душата што зрачи од него. И секако, во соработка со проверени и истакнати еминентни имиња од висок калибар, за подобар квалитет и беспрекорно совршен, уреден простор. “

Н. Пушкоска