Search for content, post, videos

Креативни идеи за детската соба

Детската соба секогаш треба да биде најшареното, највеселото, но и најпријатното катче во вашиот дом, зашто вашите најмали таму ќе го поминуваат најголемиот дел од денот. Ова се неколку идеи како да ја уредите детската соба во домот.

1. Детската соба никогаш не треба да ја опремувате со мебел “за возрасни”, но во минијатурно издание. Наместо тоа, користете мебел којшто е специјално дизајниран за децата, за да бидете сигурни дека ќе можат лесно да им пристапат на сите свои работи, но истовремено да бидат безбедни додека го прават тоа и да им биде удобно додека се наоѓаат таму.

Наместо да ставате класични рамки за слики со вашите семејни фотографии, одберете обични тенки дрвени панели, на кои со метални штипки ќе ги закачите фотографиите.

2. Во детската соба нема место за големи плакари – тешки се, а децата (посебно помалите) не можат да ги отворат вратичките лесно. Затоа одберете помек плакар или комода со фиоки.

За да и дадете поинаков изглед на собата, кој ќе биде впечатлив и детски-шармантен, “сокријте” ги плакарите со завеса во пастелна боја. На завесата додајте и панделки кои ќе може да се врзуваат. Вашето дете самото ќе може да си “игра” со завесата и да реши дали сака таа да стои пуштена и да го покрива плакарот или да биде “отворена” и да покаже што се наоѓа во тој дел од собата.

Со завесата сокријте ги кутиите кои немате каде да ги ставите. Само вие ќе знаете дека зад завесата се крие вашиот мал магацин.

3. За да добиете простор во кој ќе можете да ги складирате ситниците кои му припаѓаат на вашето дете, а истовремено визуелно да ја разубавите собата која е само негова, над креветот поставете отворени полици или затворени, во вид на сандачиња. Тука можете да ги чувате неговите/нејзините омилени книги или играчки.

4. Играчките и личните предмети на децата, кои тие ги користат најчесто, најдобро е да ги чувате во најдолните фиоки на плакарите или на пониските полици. Но, затоа лесно кршливите предмети и оние кои се украсни или кои детето не ги користи често, ставете ги на повисоките полици. На тој начин ќе ги заштитите од оштетуваwе.

5. Организирајте ги детските работи во посебни кутии кои ќе станат составен дел од вашиот мебел. Ослободете се од кутиите за чевли и големите корпи за играчки и наместо во нив, сите детски дребулии ставете ги во “плетени” кутии, на кои самите ќе им ставите “етикети” – долна облека, маички, пелени и козметика, играчки, чевли.

Малите предмети, кои сакате да ги тргнете од рацете на вашето дете, можете, исто така, да ги ставите во овие мали кутии. Тука складирајте ги и предметите кои сакате да ги зачувате “нови” за кога тоа ќе биде доволно возрасно да може да им се израдува или да ги користи.

Истовремено, овие кутии ќе ви овозможат да создадете дополнителен слободен простор во детската соба, а таа секогаш ќе биде чиста.