Search for content, post, videos

Сите бои на ентериерот… креирајте ја сопствената оаза

Психологијата на боите е важна за уредувањето на ентериерот, бидејќи во тие простории престојувате секој ден. Погледнете кои се идеалните бои за секоја просторија и создадете оаза за уживање во својот дом.

Поигрувањето со боите во станот или куќата е одличен и достапен начин за декорирање и уредување на ентериерите, а предноста на овој тип декорирање е тоа што со малку труд можете да го смените ефектот што сте го постигнале доколку не ви се допаѓа или, пак, ако ви здодее по извесно време.

Дознајте и како боите на ѕидовите влијаат на вашето расположение, а со самото тоа и размислувањето и начинот на живот.

 Кујна

За да создадете чувство на чистота и убавина, во кујната треба да доминира белата боја. Таа е чиста и едноставна, а тоа допринесува за смиреноста во неа и помалку прејадување. Истражувањата покажаа дека сè почесто јадеме во неуредна кујна, а ако на тоа ги додадеме и многуте бои, крајниот резултат ќе биде катастрофален. Додајте малку жолта, виолетова или природни кафеави тонови како што се различните бои на дабот, за да ја „оживеете“ белината.

 

Трпезарија

Многу е важно во оваа просторија да создадете добра атмосфера, па затоа се препорачува правење контраст. Ѕидовите нека бидат бели, а ѕидот сив, светлокафеав или бордо. Најевтиниот начин да постигнете контраст е со помош на чаршафот на масата или со украсните садови.

Спална

Станува збор за вашата лична оаза и затоа тука не мора да следите никакви правила. Одберете го она што најмногу ви одговара, без оглед дали станува збор за црвена, смирувачка сина, виолетова или боја на лаванда. Додајте ги своите детали и не грижете се премногу. Тоа е сепак вашата спална соба.

Дневна

Ова е местото каде што семејството се дружи и одмора. Затоа во неа мора да доминира неутралната боја на ѕидовите, кои ќе создадат смирувачка атмосфера за сите. Најпрепорачливи нијанси се сивите, од нежни до темни. Други идеални бои за дневната соба се темносината и зелената. Деталите во темноцрвена, розова или жолта боја ќе создадат убав контраст. Опремете ја дневната соба со квалитетен и функционален мебел кој ќе го следи вашиот вкус и животен стил. Ако сакате да внесете повеќе боја во просторот, разиграјте го со перничиња, килим, завеси и впечатливи прекривки.

Бања

Најубави се оние бањи во кои има доволно природна светлина. Но бидејќи денес во новите згради бањите главно немаат прозорци, боите ја играат клучната улога во обезбедувањето удобност. Нежните земјени тонови ќе го отворат просторот, особено ако искомбинирате со бели крпи и големи огледала. И не заборавајте дека сјајните плочки повеќе го отвораат просторот отколку оние матираните.

 

Влијанието на боите врз психата

Различни бои будат различни чувства имаат поинакво влијание врз телото. Вака реагира нашето тело на следните бои…

црвената, жолтата и портокаловата го покачуваат крвниот притисок и го забрзуваат чукањето на срцето

сината, зелената и виолетовата го смалуваат бројот на отчукувања на срцето, го снижуваат притисокот, го смируваат дишењето и ги прошируваат крвните садови

жолтата боја го поттикнува интелектот

црвената боја ја стимулира сензуалноста

зелената го поттикнува вербалното изразување и критичкото анализирање

сината влијае на идеализирањето

бојата на песокот го поттикнува опуштањето

нежните розови нијанси внесуваат топлина и ја поттикнуваат дружељубивоста

студените темни зелени тонови ја будат самодовербата

светлите, нежни сини нијанси го поттикнуваат размислувањето

 

5 тајни на молерисувањето за визуелно зголемување на просторот

Правилото за уредување на ентериерот според кое малите простории „не трпат“ бои на ѕидовите едноставно веќе не постои. Токму како и уверувањето дека на малите простории им одговара што помалку мебел со цел просторијата да изгледа поголема. Научете како со боите да внесете живост и уникатност во малиот простор, а со помош на следните трикови  визуелно зголемете го…

Ефектот на темните и светлите нијанси

Не заборавајте дека темните бои ја апсорбираат светлината и имаат тенденција да го направат просторот помал така што визуелно ги доближуваат ѕидовите. Но темните бои во детали, кои не покриваат големи површини на ѕидовите, можат да му дадат на просторот длабочина. Нијансите во средината на одредена палета, што не се ни премногу силни ни премногу бледи се одличен избор бидејќи даваат живост на помалите простории. Тоа се оние тонови во кои најголемо влијание има белата боја. Така на пример, наместо модро виолетова одберете само светло виолетова – обичната виолетова разблажена со многу бела боја. Разблажената боја, онаа што ја добивате со мешање со бела боја, креира мирна и релаксирачка атмосфера, притоа одбивајќи ја светлината па помалите простории визуелно ги прави поголеми бидејќи светлите нијанси визуелно ги оддалечуваат ѕидовите.

Боја во детали на необични места

Просторот зад полиците, околу рамката на прозорецот или некое друго необично место обојте го во омилената нијанса и така дајте ѝ длабочина на просторијата. Ако имате мал ходник кај влезната врата, тогаш ѕидовите во него обојте ги со потемна нијанса која постепено ќе ја осветлувате како што ќе се движите накај дневната. На тој начин ќе креирате впечаток на широчина.

Контрастни ѕидови во различни бои

Иако на некои дизајнери на ентериери не им се допаѓа оваа идеја, дизајнерката Либи Лангдон советува дека не би требало да се плашиме од посмелите бои во просторот. Малку потемна боја на еден од ѕидовите ќе направи просторот да изгледа поширок.

Детали во собата стопени со бојата на ѕидовите

Како што различната боја на ѕидовите може визуелно да го подели просторот, истите тонови на деталите во просторијата како и бојата на ѕидовите можат да го „обединат“ малиот простор.

Во малите простории оваа дизајнерска игра може да направи многу. Перничињата чија боја се согласува со бојата на ламбата и се стопуваат со сличната нијанса на ѕидовите или завесите ќе изградат дизајнерска атмосфера во малиот простор.

Проширете го просторот со линии

Боењето на ѕидовите во линии претставува уште еден начин на поигрување со боите што може визуелно да го издолжи или да го прошири просторот, во зависност од тоа како ќе ги поставите линиите. Ако не сакате самите да ги правите бордурите и да ги мешате боите, можете да залепите и тапети со линии. Некој сантиметар плус ќе додадете и ако таванот го молерисате во малку посветла нијанса бидејќи на тој начин просторот ќе изгледа повисок и посветол.

 Запомнете: кога ги одбирате боите за ѕидовите, обрнете внимание и на ориентацијата на просторијата што ја молерисувате. Ако собата гледа на север, до неа ќе допира многу малку природна светлина, па затоа одберете топли тонови. Оние соби, пак, што гледаат на југ или запад совршено ќе изгледаат во сини или зелени тонови.