Search for content, post, videos

Трпезарија од соништата

 

Совршената трпезарија би имала два ѕида, отворен дел кон кујната и стаклен “ѕид” заради кој ќе имате впечаток дека сте во природа додека јадете. Едноставно… неодоливо!

Ова е пример за една таква трпезарија – едноставна, стилска, привлечна. Да посакате целиот ден да го поминете тука.

Масата е изработена од дрво. Светлата боја одговара на ентериерот, но одлично може да се вклопи и доколку во вашата кујна или трпезарија доминираат темните бои. Малку потсетува на мебелот од пред еден век, но тоа и дава дополнителен шарм на целата просторија.

За да го дополните изгледот на масата, наместо врз неа да ставате чаршаф или вазна со цвеќиња, одберете три големи стаклени вазни. Низ прозорците ќе минуваат светлината и сончевите зраци, а тоа дополнително ќе ја “разигра” просторијата како што денот минува во ноќ и обратно.

Малкуте ѕидовите кои ја обликуваат просторијата украсете ги со фотографии, врамени во стакло и метал или дрвени рамки бојосани црно. На фотографиите нека преовладуваат боите на останатите парчиња мебел кои се наоѓаат во просторијата. Одберете поапстрактни фотографии.

За да ја разбиете “монотонијата” на столчињата, покрај комплетот од шест столчиња, додајте уште две, кои ќе наликуваат како да се изработени минатиот век. Доколку не можете да најдете “старински” столчиња во салоните за мебел, побарајте во подрумот или на таванот, можеби некои столчиња фаќаат прашина. Се што треба да направите е да ги избришете и да ги премачкате со еден слој боја (контрастна во однос на бојата на останатите шест столчиња).

Доколку не сакате аглите од просторијата да ви бидат празни, на дрвена полица или врз мини плакарче, поставете бела порцеланска вазна или стилизирана порцеланска “тегла” со капак.

Мебел штофот на столчињата нека биде во темна боја (индиго сина како во овој пример) којашто ќе и даде “смирен” изглед на просторијата, а истовремено ќе претставува одлична основа за да се дополни со ситни, светли детали. Темно сината боја потсетува на река и делува смирувачки кога седите во трпезаријата.