Search for content, post, videos

Висока елеганција и острина, уредување со темни бои

Мебелот со темна боја најдобро ќе дојде до израз на светол под, на пример од бор или бука. Темните подови пак, од друга страна, се совршена подлога за посветлиот мебел. Како и да е, темната боја е одраз на елеганцијата, острината, на високиот стил. Сосем спротивно од вообичаеното верување дека темниот мебел или темниот под ќе го направат окружувањето исто така темно и непривлечно,  тие му даваат мистичност и висок стил на окружувањето. Но многу е важно како ќе се искомбинира…

Темен под во ентериерот

Подовите се најголемата површина во ентериерот и тие го оставаат првиот впечаток. Темните подови изгледаат елегантно и создаваат софистицирана атмосфера во ентериерот на домот. Со овие подови и малку мебел и детали се создава окружување што е малку поинакво, класично, рустично, винтиџ или минималистичко.

Со темните подови се препорачуваат светли ѕидови, сосем бели или во природни земјени тонови. Но контрастот меѓу ѕидот и подот не треба да биде премногу нагласен, за да не се создаде линија на пресекување и ѕидовите да не изгледаат како граница со што ќе се елиминира чувството за простор и широчина.

Многу темните подови, дури и оние црните дрвени подови, се комбинираат со светли или неутрални ѕидови – виолетови, сини, зелени. За да добиете модерна и поколоритна атмосфера ускладете ги овие подови со поинтензивни бои на ѕидовите, како што се путер жолта или рубин црвена во комбинација со темни лајсни. Така на пример, дневната соба ќе ја претворите во удобен простор за одмор ако дрвениот под во боја на чоколадо го дополните со топла палета бои.

На темните подови не им треба многу мебел, ниту пак темен мебел. Темните подови со висок сјај, како што се дрвените подови и керамиката со глазура, во комбинација со мебел во светли бои создаваат софистициран изглед. Само едно парче мебел во темна боја, на пример голема удобна кожна фотелја или масичка изгледа убаво, доколку е единственото темно парче мебел во просторот.

Темните подови не треба да се затрупуваат со килими. Тие изгледаат убаво и без килим или друг вид простирка. Доколку, пак, сепак се одлучите да поставите нешто, тогаш одберете  килимче со мали димензии.

Темните подови можат да го направат просторот потемен отколку што е вообичаено, особено ако собата е природно темна или ако е свртена накај југ. Доколку се соочите со ваков проблем, размислете за комбинацијата дрвен под со светли ѕидови со што ќе избегнете собата да делува мрачно, или пак одберете не толку темен под што има природна боја и интересна текстура.

На темните подови лесно се забележува нечистотијата, секоја гребаница или вдлабнатинка, и затоа е неопходно секојдневно да се одржуваат. За оние што сакаат домот да им изгледа беспрекорно, тоа може да стане проблем. Посветлите подови подобро ја сокриваат прашината и се полесни за одржување.

Како да вклопите темен мебел и силни бои

Шик мебел во црна боја секако ќе се издвои во светла просторија. Кога ја уредувате дневната соба и сакате во неа да внесете гарнитура во црна боја тогаш мора да бидете исклучително внимателни при изборот на останатиот мебел како и при изборот на бојата на ѕидовите. Што се однесува до останатите детали и мебел во оваа просторија најдобро би било да се во светла и нежна боја. Честопати грешно се толкува и на прв поглед се изразува незадоволство кон црната боја, но кога убаво ќе го уредите останатиот простор, ова парче мебел едноставно изгледа софистицирано и убаво. Дневната соба ќе изгледа како да сте ја извадиле од списание.

Црните гарнитури најчесто се изработени од природна или еко кожа, а многу поретко од мебел штоф. Но без оглед на моделот и дизајнот, ваквите гарнитури за седење делуваат многу остро во амбиентот каде што се поставени и исклучително се доминантни. Секако за да вклопите темен или црн мебел треба да се одлучите за светол под, од паркет или керамика, бидејќи поставени на темен под ќе го задушат просторот. На овој начин тие се визуелно одвоени со изразито светли ѕидови во бела боја, или боја на слонова коска, како и со дабов паркет.

Килимите и мебелот во темна боја

Ако имате мебел во темна или црна боја и сакате да поставите килим, не мора да го менувате мебелот. Доволно е да одберете килим со средна големина (избегнувајте многу мал или килим со големи димензии). Со црната гарнитура најдобро ќе се вклопи килим во интензивни бои од топлиот дел на спектарот на бои, како што се црвена, портокалова или кремаста.