Search for content, post, videos

Лебдечки шатори – рај за камперите

Не постои кампер кој не се сретнал со проблемите на влажната земја, нерамниот или накосен терен. Револуционерниот дизајн на „лебдечките“ шатори понуди решение за тие проблеми и овозможи поголема заштита од инсекти и животни.

Дизајнерите Алекс Ширли-Смит и Кирк Кирчев ги осмислиле шатoрите Tentsile – најмалите и најпрактичните шатори од тој вид. Овие преносни „куќички на дрво“ се поставуваат како мрежи за спиење меѓу стеблата, а нудат удобност на просторен шатор за три лица. За разлика од стандардните шатори, поставувањето е исклучително едноставно – за неколку минути. Двете потпорни метални прачки се вовлекуваат во платното од полиестер, кое се развлекува меѓу три стебла или столба оддалечени не повеќе од 6 метри. Во шаторот може да се влезе низ триаголниот отвор сместен на средишниот дел под шаторот. Од едната страна се наоѓа и прозорец интегриран во заштитна мрежа кој исто така може да послужи како влез. Триаголната база на шаторот е дополнително зајакната и поделена на три трапезоидни зони за спиење. Шаторите Тentsile се замислени како куќички на дрво што можат да се носат секаде со себе. Инаку компанијата што ги произведува е еколошки ориентирана, па за секој купен шатор засадува три дрвја.