Search for content, post, videos

„Луксуз-пакетот“ за новогодишно уживање на Timothy Oulton

Британската мануфактура што изработува луксузен мебел, внесе новина во работењето, благодарение на соработката меѓу Harrods, Marian Bake и VeryFirstTo. Како што се ближат новогодишните празници така побарувачката расте, а понудата е доста интересна. Имено, четирите парчиња мебел: орман, шкафче, бар и шанк, што се разликуваат по големина, полни со разни пијалаци, вклучително и пури, можат да се купат за 121448 фунти (136412 евра). Притоа се добива и гратис бармен за викенд, и тоа не кој било, туку најдобриот.

 

Timothy Oulton е синоним за луксуз. Британската мануфактура што изработува мебел го носи името на нејзиниот основач, кој важи за исклучителен креативец што ѝ пркоси на стереотипноста, комбинирајќи ги страста кон ракотворбите (домашните, инспирирани од традицијата) и желбата за иновации (храбри, нелимитирачки). Уникатните примероци се изработуваат од висококвалитетни материјали што се наоѓаат секаде, па дури и во старите воденици. Финишот е рачен, секако. На пример, обработката на дрвото, каменот е голем предизвик, вклучително и јужноамериканската кожа бидејќи дестилацијата на анилинот со кој се бои е исто така рачна. Спојот на модерното, современото и застареното е очигледен, во идеална рамнотежа. Иако не се плаши од конкуренција, новините секогаш се добредојдени, најмногу за клиентите. Така е и сега.

Промоцијата на бифето (комплет орман, шкафче, бар и шанк) се одржа во Harrods (Лондон), а на соработката се приклучи Marian Bake и VeryFirstTo, што значи дека нарачката може да биде и онлајн. Можно е допонување со вграден фрижидер, „стакленик“, маса и сл., во зависност од вкусовите, желбите и потребите на купувачите, со доплата. Секој дел од мебелот е обложен со парчиња кожа меѓусебно сошиени, што потсетува на пачворк. За богата визуелна имагинација, анилинот придонесува кафеавата и црната боја да се прелеваат. Внатре во орманот има доволно прегради, фиоки, држачи за пијалаци, чаши, барска опрема, кои можат да се стават и на вратите однатре, каде што има и метални огради.

Неговите димензии се 165×100×60см, а цената изнесува 6.100 фунти (8.100 евра). Изборот на пијалаците не е случаен. Има вино – бело, црвено и шампањско, виски, вотка, коњак, рум, текила, џин… Некои од нив чинат дваесетина илјади фунти, за шише (на пр., The Glenlivet – The Winchester Collection 1964, 1997 Domaine de la Romanée-Conti Romanée-Conti, Louis Roederer Cristal 2002 Jeroboam). „Пакетот“ вклучува и кубански цигари (пури), околу четириесет, по цена од 14,5 до 260 фунти (Partagás Lusitania Gran Reservas). Цената на шкафчето изнесува 3.850 фунти (5.450 евра), со димензии 150×92×60 см. Барот има димензии 90×78×60 см, и чини 2.675 фунти (3.800 евра), а цената на шанкот е 3.375 фунти (4.800 евра). Димензиите се 160×110×77 см, сосем доволно за Marian Bake да може да ги приготвува коктелите. Тој е познат во светот, добитник на многу награди, автор на илустрирани книги со рецепти. Често патува низ светот и воедно и обучува. Времето (викендот) што ќе се помине со него ќе биде скапоцено, а искуството незаборавно, поради стекнатото знаење. Кој не посакува такво нешто!?