Search for content, post, videos

Нека се запролети… најпрвин дома

Не чекајте пролетта официјално да почне. Ако ви здодеа студенилото на зимата, топлина на домот можете да му дадете и со неколку измени. Нејзина прва асоцијација е, секако, цвеќето, но не само природно, режано или во саксија, туку и кристално, на ламбата, лустерот, како дезен на фотелја и слично. Боите на цвеќето ќе го „стоплат” домот и ќе придонесат за подобро расположение. Не ви требаат многу пари, доволна е идејата и, се разбира, желбата да смените нешто. Понекогаш е неопходен само еден нов детаљ и ентериерот ќе изгледа поинаку. Ви нудиме неколку идеи, на вас оставаме да изберете, а повеќето од нив можете да ги направите и сами.

Расцветена ламба (лустер) од кристали
Холанѓанецот кој долго време живее и работи во Англија, Tord Boontje, во 2005 година за „Сваровски” дизајнираше ламби, лустери, инспирирани од пролетта и ноќта. И денес се хит, барем кога уредувањето на домот е во прашање. Се продаваат секаде, а дизајнерот со светски глас покажа дека кристалите можат да бидат во исто време и меки, органски, романтични. Густо наредени се доста ефектни. Рефлексијата на светлината од ЛЕД-от дава посебна магија и тера на сонување. Ги има во различни димензии: големи (165×145×90 см), мали (53×54×15 см) и средни (86,4×86,4×50 см). Доколку имате ламба (лустер) без многу додатоци, можете да ја украсите и сама. Притоа, не мора да употребувате Сваровски кристали. Убаво изгледаат и стаклени перли со АБ ефект, наизменично распоредени, како цветчиња и ливчиња на гранки од жица. Но, не заборавајте претходно добро да ја изолирате.

Стари чинии со нов дизајн
Фасцинацијата од антикварните (стари, старински, половни, употребувани) чинии, на кои дизајнерите од американското студио Beat Up Creations им даваат модерна нота, расте со немерлива брзина, па, така, ѕидовите во многу домови ширум светот веќе се украсени со нив. Идејата е навистина оригинална. На чиниите што ги купуваат од антикварници сликаат портрети, ликови од поп културата, а користат и други техники како, на пример, колажи и слично. Освен портретот на војвотката Киклоп, голем е интересот и за чиниите со ликовите на животни на кои им се дадени човечки карактеристики. Цените се движат од четириесетина долари нагоре. Доколку имате некаква визија можете и вие, сами да ги направите и да ги закачите на дел од ѕидот, над софата. Рабовите нека бидат цветни, а во средината залепете нечии портрети, па и ваши, зошто да не!? Одозгора излакирајте ги.

Неонка во традиционален мебел

Елементот од групата благородни гасови, неон, кој се користи за осветлување во светлосни цевки и за светлосни реклами, Британецот Lee Broom во 2007 година го искористи за да ги осветли неколкуте парчиња традиционален мебел, и да ги осовремени. Изработката опфаќа три фази. Секое парче е направено од махагониј, рачно резбано, лакирано со бел или црн лак, на кое му е додадена неонка. Не мора да платите авторско право за да го изработите по нарачка. Четириножна комода со пет фиоки, во бела боја, одоздола со неонско осветление може да направи секој професионален столар. Освен што ќе ве чини поевтино, димензиите ќе бидат онолкави колку што ви одговараат. Навечер изгаснете ги другите светилки, вклучете ја комодата и уживајте во доаѓањето на пролетта, во мирисот на убаво аранжираниот букет цвеќе на масата и, секако, во животот.

Фиренца на маса
Кога Seletti на излозите од своите дуќани ги стави чиниите и чашите склопени во неколкуте фирентински обележја како што се камбанаријата, крстилницата, палатата Borghese која сега е хотел, фонтаната и така натаму, се чекаше ред за да се купи барем едно од нив. Дизајнер на модул програмата е Alessandro Zambelli, садовите се изработени од доломитски порцелан и стаклен прав, во црно-бела комбинација. Можат да се користат и како декор и како вази за цвеќе и, се разбира, како прибор за јадење. На пример, камбанаријата има шест чинии и капак, крстилницата е, всушност, сет за појадок и содржи шест чаши, сад за колачиња, крем, за шеќер, подавалник и капак, палатата Borghese се употребува за послужување десерт, има шест чинивчиња, а покривот, свртен наопаку, е сад за овошје… Убава идеја за керамичарите, кои би можеле да се инспирираат и од некоја наша убавина!

И фотелјата нека биде цветна

Така ќе ја заокружите приказната за пролетното уредување на домот. Патем, ќе внесете и убавина, доста свежина, разиграност. Можете ли да замислите какво е чувството додека седите на фотелјата обложена со мебел-штоф во цветен дезен, ја гледате омилената ТВ серија, или читате „Комплетна” што со нетрпение чекате да излезе во првата седмица од месецот и пиете кафе!? Не морате, зашто веќе ви е на дофат. Нема потреба ни да купувате нова фотелја, доволно е да ја однесете старата на тапетар, да ги изберете шарите кои најмногу ви се допаѓаат и… за кусо време ќе имате иста како Vanity Fair, „заштитната” фотелја на италијанската марка Poltrona Frau. Само нека биде цветна, да ѝ „парира” на пролетта, со бела основа. А во удобноста не треба да се сомневате воопшто. Доколку сте изморена, потпрете се на облегалката, затворете ги очите и, слушајте го Вивалди, неговата „Спринг”.