Search for content, post, videos

Новитети во дизајнот

Уникатност што го одразува слободниот дух – параван „ДЕЛТА“

Параванот се состои од четири панели чии геометриски форми ги истакнува драматичната, но сепак елегантна, црна, то ест бојата на јагленот, саѓите. Рабовите на плочите од лакирано дрво, наместа покриени со кожа, се месингани (полирани). Неговата уникатност е одраз на слободниот дух, волјата и, секако, изразувањето. Висината на параванот е 160 см, долг 202 см, а дебелината изнесува 6 см. Тежок е 85 кг.

 

Ѕидна светилка за бањи „ВЕЛУМ“

Инспирирана од старите ракописи, текстовите напишани на пергамент, од телешка кожа, ѕидната светилка се изработува рачно, од месинг. Всушност, легурата од бакар и цинк, која изгледа старински, е релјефна, благодарение на чеканот. Нејзината елеганција се истакнува со светлината што дава топлина… на стилот, на чувствата и сл., а луксузот е очигледен, па дури и кога се работи за бања. Димензиите на „Велум“ изнесуваат 60×17×9,5 см. Трае долго, исто како приказните смислени одамна.

 

Држач за крпи „ДИЈАМАНТ“, што служи и како декор

Се разбира, овој декоративен предмет е и практичен, без оглед на неговата ексклузивност, бидејќи го има во мал број. Наменет за бања чиј луксуз се забележува секаде, во сè, држачот за крпи е комбинација на мермер (бел или црн) и полиран месинг, на основата и на цевките. Се карактеризира со безвременост, висок квалитет, дизајн што маѓепсува иако е едноставен, сосем поинаков од кичестите предмети. Неговите димензии се 123×54,5×17 см.