Search for content, post, videos

Алберобело – град на историските трули – камени куќи

Да се видат единствените градби изградени без материјал за сврзување, градени исклучително од неправилни форми на камен, кои преживеале од праистроријата до модерното денешно време, навистина е вистинско доживување и чудо. Гратчето Алберобело на јужниот дел од Италија е вистинска мека на камените куќи познати во светот како трули. Заштитени од УНЕСКО како светско богатство, дефинитивно  вредат да се посетат.

Алберобело е мало гратче сместено на “врвот на петата од италијанската чизма“, во регионот Апулија, близу градот Бари во бродска област каде Јадранското море е мирно. Арбелобело е гратче познато по прастариот начин на градење и по единствените градби наречени трули кои се уникатен пример на праистрориското градење на куќи без врзен материјал (слично на градењето на пирамидите во Египет). Трулите всушност се бели куќи изградени во облик на куполи.  Живеалишта градени исклучиво од парчиња на камењата од околните области, со карактеристичен пирамидален или кружен облик, со покриви во вид на куполи, прекриени со камени плочки. Фактот дека ова маркантно градежно дело е едно од ретките сочувани и недопрени примери на праисториската архитектура која проживеала до модерното време е и неговото влегување под закрила на УНЕСКО во 1996 година како едно од најубавите светски богатства. Белите куполести куќи од XIV век го привлекуваат вниманието со карактеристичните конструкции кои ги имаат а кои влечат корени од праисторијата. Ваков вид на градби постојат и во други делови од светот, но никаде во толкав број како во Алберобело на југот од Италија.

За трулите како уникатни градби… Труло преставува традиционална камена градба со куполаст покрив која е карактеристична за долината Итрија во италијанскиот регион Пулија. Зборот труло потекнува од старогрчкиот збор “tholos”  што означува купола. Трулите можат да се најдат  и во градовите како Локоротондо, Фасано, Цистернино, но најпознати се трулите во Алберобело, бидејки ги има околу 1,500 трули на едно место. Трулите се градени првенствено како привремено скривалиште на овчарите и фармерите или како простории за складирање на земјоделските производи. Иако постојат многу теории за постанокот на овој облик на градби, најпопуларна е онаа дека поради големите даноци овој вид на градби вообичаено се градени без врзувачки материјал како цемент, бидејки на тој начин тогашните селани ги избегнувале даноците кои се плаќале за градење на куќи, а кои биле високи и доколку даночниците сепак ги оданочиле да можат да ја “расклопат“ куќата. Ваков начин на градење се користел и при градбата на граничните ѕидови во околината познати како сувѕид. Покривите на трулите се градени во два слоја: внатрешен слој од кршен камен, реден во облик на купола и запечатени со клучен камен и надворешен слој од рамни камени плочи кои покривот го правеле водоотпорен да не може да ја пропушта водата во зимскиот период и кога врнат дождови  во текот на годината. Во Алберобело врвовите на трулите се зашилени за да можат да носат некој од симболите на овој град, додека и самиот облик на купола на овие грдаби има симболично значење. Покривите на трулите често се украсувани со симболите на планетите, окото на вистината, христијанскиот крст, срца, полумесечина, ѕвездите и многубројни други симболи. Камените ѕидови се многу дебели, создавајќи добра изолација, која го прави внатрешниот простор ладен во лето, а топол во зима. Поголемиот број на трули се составени од само една просторија, но има и трули со повеќе простории кои се убаво искористени и целата комуникација во трулото оди од централниот дел према кујната и другиот простор.

Од историјата на Алберобело… Приказната за Алберобело е уникатна и интересна. Името Алберобело потекнува од латинскиот назив  “silva arboris belli” што означува густа убава шума која во минатото ја имало во изобилство во овој дел и каде се воделе многу војни за освојување на пределот, а може да се преведе и како нежно дрво. Од средината на XIV век почнале прво да ја населуваат овчари кои ги паселе своите стада, а потоа и фармери на кои тогашната власт им ја дала земјата за да ја обработуваат, каде се споменува Принцот од Таранто како господар на земјиштето и кралот на Неапол. Така започнува растењето на ова гратче и градењето на трулите кои преставуваат одличје на душата на овдешните селани. Единствен услов за добивање на земјиште бил да не се градат постојани градби за кои ке се употребува “лајм“ еден вид на цемент како врзувачки материјал во тоа време, туку да се изградат објекти кои ќе можат многу лесно да се разградат. Селаните успеале да изградат токму онакви куќи какви што замислиле, ставајки камен врз камен и сето тоа убаво уредено да формира скромен дом. Сето ова било од причина што се плаќале многу големи даноци за градење на куќи и за да се избегнат тие даноци селаните дошле на идеја да изградат токму вакви трули. Постои и приказна дека кога кралот на Неапол пратил даночници за да ја одредат висината на даноците, кога тие пристигнале во Алберобело не виделе никакви куќи, само купови од камења распостелени насекаде и простории само за стоката. Така се вратиле кај кралот известувајќи дека нема направени куки за живеење во тој дел, незнаејќи дека селаните за времето додека дојдат даночниците ги разградиле своите куќи. За брзо време потоа си ги изградиле повторно и тие постојат и до ден денешен. Во XVIII век оваа ситуација радикално се менува кога кралот Фердинад IV го зема гратчето под своја закрила, им дозволува на луѓето да си изградат свои вистински домови и го прогласува карлски град.  Кога ги гледате трулите оддалеку тие ви наликуваат на камени шатори поставени во селската околина. Денес во овие трули се сместени познати италијански ресторани, кафулиња, како и продавници на многу сивенири, кои им ги разубавуваат на туристите деновите  поминати во овие убавини.

Што да посетите … Вашето разгледување на ова гратче нека започне со посета на трулите кои се наоѓаат во централниот дел на градот помеѓу малите плоштади “Aia Piccola” и “Piazza del Popolo” каде во текот на годината се одржуваат многу културни настани. Вистински уникат е црквата Свети Антонио, кој е заштитник на градот и која со својата убавина плени, потоа историскиот музеј каде е преставена целата историја на Алберобело, како и светилиштето на светите оци Кузман и Дамјан од XVII век. Храната во ова гратче е исто така прекрасна како и погледот кој го нуди. Прекрасните италијански пасти зачинети со убавите сосови и преубавите вина нема да ве остават рамнодушен, туку ќе ги разбудат сите чувства во вас. Улиците се преполни со продавници за вино, сувенирници и гостолници, се со цел да ги разубават моментите поминати во Алберобело.

Алберобело градот на објектите од сув ѕид познати како трули е исклучителен пример на импозантна архитектура и е град со најубаво сочуваните градби на многу хомогената урбана средина во Европа. Специјалните карактеристики и фактот што овие праисториски градби сеуште се убави го прави уникатен и единствен во светот. Алберобело е преставник на извонреден опстанок на праисториските градежни техники кој плени.

Силвана Јованчева