Search for content, post, videos

Барселона е совршена

Кога сте во Барселона имате чувство како да сте конечно дома. Растрчани чекори и еуфорични лица, а сепак спокојство на сите страни. Втор град по големина во Шпанија, која е значаен културен центар и атрактивна туристичка дестинација со богато културно наследство. Во себеси носи длабока историја и мозаик од неповторливи моменти. За туристите секогаш нуди примамливи мигови, заокружени со незаборав. Едни од најпознатите дела на Барселона се архитектонските дела на Антони Гауди, како и на Луис Доменак Монтанер, кои се под заштита на УНЕСКО.
Постојат две легенди за создавањето на Барселона. Првата легенда раскажува дека градот бил основан од Херкул 400 години пред да се изгради Рим, а втората легенда се поврзува со Картиѓанецот Хамилкар Барка.

Барселона во духот на Антони Гауди 

Гауди имал големо влијание на градот, оставил свој печат и многумина сеуште го чувствуваат неговиот дух низ Барселона. На почетокот работел како дизајнер на ентериер и едно од неговите познати дела е витрината која ја скицирал за фабриката за производство на ракавици, Каса Комеља, која била изложена во Париз во 1878 година на светскиот саем. Сите биле импресионирани од специфичноста и стилот на витрината, како и неговиот работодавец кој бил негов редовен клиент, за подоцна Гауди да го именува Паркот Гуељ во негова чест. Негови значајни дела се: Каса Висенс, Палата Гуељ, Терзијански колеџ, Каса Калвет, Каса Батљо, Каса Мила, Парк Гуељ, Саграда Фамилија… И неговиот дух сеуште се чувствува низ Барселона. Првите дела на Гауди имале карактеристични стилови со акцент на готска архитектура и традиционална каталонска архитектура. Но, со текот на времето тој развил сопствен скулптурен, уникатен стил. На 7 јуни 1926 година, Гауди бил згазен од трамвај. Никој не го препознал поради запуштениот изглед се до наредниот ден кога пријателите сакале да го пренесат во болница, но неговиот одговор бил: Јас припаѓам овде, меѓу сиромашните. Починал 3 дена после тоа, а веста за неговата смрт со оплакување ја примиле многумина во Барселона. Погребан е во внатрешноста на неговото ремек дело Саграда Фамилија. Многу од неговите дела се наоѓаат во центарот на Барселона, а осум дела се прогласени за светски културни наследства на УНЕСКО.

 

Casa Milà и Casa Batlló

 

Гауди користел најчесто бетонски елементи сакајќи да биде поблиску до природата. Претежно повеќето дела му биле во стилови кои се карактеристични за готската архитектура и традиционалната каталонска архитектура. Но, со текот на времето тој си создал свој скулптурен стил по кој ќе остане запаметен засекогаш. На почетокот, ги проучувал природните агли и кривите форми, кои потоа ги вклопил во своите дела. Тој не создавал совршени геометриски облици, туку одел по примерот на исправен човек, каде подоцна додава елементи од природата со што неговите дела акцентираат со уникатност.
Едно од најпознатите дела е Casa Milà, позната како La Pedrera, која зрачи со својот неконвенционален изглед. Таа уникатна, модернистичка зграда во Барселона, Каталонија, била нарачана од Пере Мила и неговата сопруга и било последното приватно живеалиште кое е дизајнирано од Гауди. Специфичноста се огледува преку камената, издлабена фасада, и извртените балкони со ковано железо дизајнирани од Јосеп Марија Јујол. Спектакуларноста се огледува и преку подот, специфичниот покрив како и преку многу други структурни иновации. Во 1984 година Casa Milà беше прогласена за светско културно наследство од УНЕСКО.

Другото ремек дело на Гауди, кое исто така се наоѓа во срцето на Барселона и кое е вистинска атракција за сите посетители е Casa Batlló, која е реконструкција на претходно изградена куќа. Локалното име на зградата е Casa dels ossos (House of Bones), бидејќи има висцерален, скелетен органски квалитет, фасадата е украсена со шарени мозаици направени од скршени керамички плочки, а кровот е заоблен и потсетува на задниот дел од змеј или диносаурус. Теоријата за оваа зграда е дека нејзиниот заоблен облик лево од центарот, завршува на врвот на бедемот и крстот и тоа го претставува копјето на Св. Ѓорѓи (светец- заштитник на Каталонија, дом на Гауди) кое е прободено во грбот на змејот.

 

 

Templo Expiatorio de la Sagrada Familia

 

 

Црквата Саграда Фамилија, која во превод значи Црква на Светото семејство, била изградена во 1882 година, а нејзината доградба и реконструкција сеуште трае. Таа има навистина специфичен, грандиозен и впечатлив изглед, кој посетителите ги остава фасцинирани. Гауди бил побожен Католик и својата посветеност ја изразил преку ова дело, планирајќи градбата да се состои од 18 кули од кои една ќе биде за Исус, една за Богородица Марија, 4 ќе бидат за евангелистите и останатите 12 кули ќе бидат за апостолите. Но, тоа се одложило бидејќи го зафатила голема трагедија и непогода и не можел целосно да се посвети на нејзината доизградба. Инаку, Гауди преку ова дело е познат како Господов архитект, бидејќи има религиозен впечатлив акцент во многу од неговите дела. Саграда Фамилија зрачи со уникатно впечатлив дизајн, а нејзиниот дух ве враќа во нејзиното создавање и смислата на пораката која ви ја испраќа. Она што неминовно ќе ве остави без здив е Исусовото име испишано на портата како и други религиски елементи, но и впечатливоста на бројот 33. На самата фасада се наоѓа квадрат од 15 броеви кој како мозаичка загатка, хоризонтално и вертикално, збирот е 33, како возраста на Христос кога бил распнат. Гауди намерно го изоставил бројот 12 бидејќи го негирал постоењето на 12-те апостоли. Истиот број се појавува и во Парк Гуељ, дело на Гауди, каде збирот на скалите повторно е 33. Во секој случај, сите религиозни елементи оставаат без здив и прават загатка од која вие сами ќе си создадете приказна.

 

Parc Güell

Она што мене ми остави најголем впечаток е паркот кој восхитува со градините и архитектонските елементи. Изграден е помеѓу 1900 и 1914 година, а неговото официјално отварање било во 1926 година. Од страна на УНЕСКО, во 1984 година е прогласен за светско наследство под името „дела на Антони Гауди“. Овој парк во себе нуди совршена хармонија и рајско чувство кое не може да се опише со зборови. Моментите кои ги нуди овој парк мора да се доживеат за да може да се открие спокојот кој го нуди. Располага со оригинални и навистина специфични објекти, а покривите се со необични врвови кои потсетуваат на уникатен мозаик. И сето тоа, заедно со рајските паркови, создаваат совршена слика на пејзаж кој е навистина неповтолив. Врвот на целиот мозаик е главната тераса во која фокусна точка има долгата клупа која по својата форма потсетува на морска змија. Специфичноста е што нејзините криви форми создаваат енклави кои даваат лежерен и опуштен амбиент. Паркот на Гауди нуди совршено релаксирана прошетка и спокој, а интересните мозаички елементи како и змејот во централниот дел го дополнуваат просторот со интересна впечатливост. Во самиот парк се наоѓа Музеј куќата на Гауди, каде живеел скоро 20 години и сега има колекција на мебел и предмети дизајнирани од архитектот.

 

Во кој период да ја посетите Барселона, таа нуди совршена убавина. Секогаш е различна, а сепак исто убава. Дел од нејзините убавини е и Монжуик, место на кое секогаш би сакале да се вратите. Секое место е посебна специфичност и приказна, секое катче говори за своето постоење и нас туристите не уверува дека сме на вистинското место кое нуди уживање. Montjuïc е атрактивно место, каде Магичната фонтана навистина, во буквална смисла, ќе ве остави без здив. Таа се наоѓа под Националната Палата на планината Монжуик и во близина на Шпанскиот плоштад. Толку уникатни и енергични движења, создаваат совршен склоп од убавина пред очите на посетителите. Секој почеток е зачинет со филмската музика на песната Барселона на Фреди Меркјури и Монсерат Кабаје. Како театарска претстава, како уметничко движење на водата низ воздухот, впечатливоста не престанува се додека не заврши шоуто. Музиката е смирувачки темпирана со нежните бои кои како да се протегаат по небото и создаваат илузија на танцување. Како некоја чудесна визија, се создава волшебен имагинарен ефект, кој без сомнение, кај сите остава длабок впечаток и желба за повторно враќање во таа исклучителна приказна со мистична, танцувачка сцена. Кој верува во магија, сигурно ја разбира имагинарната претстава на самото небо.

 

Poble Espanyol
Побле Еспањол, што во буквален превод значи Шпанско село, е посебно убав и специфичен архитектонски музеј на отворено во Барселона, Каталонија. Се наоѓа недалеку од Магичната фонтана, на само 400 метри. Музејот нуди уникатен впечаток, се состои од 117 објекти кои ги претставуваат шпанските села и даваат посебен зачин со уникатни детали. Во текот на прошетката сретнавме театар, несекојдневни дворови и тераси, ресторани во шпански стил, занаетчиски работилници, како и музеј на современа уметност. Ова е вистинско место за мир и релаксација. Нуди чувство како да сте избегале од реалноста и имате моќ да го запрете времето. Секоја страна нуди совршен поглед и спокојство како да се наоѓате во својот дом. Ова е сосема поинакво катче, дел каде можете да се сокриете од буката на Барселона и да земете здив за наредната авантура.

 

 

 

 

 

 

Tibidabo
Уште едно од многуте места кои навистина вредат да се посетат во Барселона, Каталонија, Шпанија. Тоа е Тибидабо. Во текот на денот, можете да уживате во бесконечниот поглед кон Барселона, од висина на 512 метри, на највисоката планина во Сера де Колсерола. Нуди бескраен видик кон градот и околното крајбрежје. Убавините на Тибидабо се гледаат уште од врвот на планината каде се наоѓа црквата Sagrat Cor (Свето Срце) и се слеваат до подножјето каде се наоѓа паркот за забава на Тибидабо. Во вечерните часови, црквата е осветлена и со темната позадина на небото дава впечаток на уметничко дело. Но, кога и да го посетите ова место, кое е одлично за одмор и забава, ќе си заминете од тука со импресии и длабоки впечатоци.

 

 

Camp Nou
ФК Барселона е еден од најголемите во Европа, познат по својот успешен тим, кој неколку пати издвојуваше победа на УЕФА Шампионската лига. Без оглед дали сте љубител на спортот или не, овде можете да бидете дел од вистиските адреналински доживувања. За да го почувствувате во целост тоа задоволство, ќе треба да одвоите поголем дел од денот и секако, со соодветен водич кој ќе ви ги објасни во целост сите делови на стадионот, од музејот за историски случувања, делот за обожаватели, собата за молитва, соблекувалната, салата за прес конференција, па се до делот од спортските коментатори и фан шоп кој нуди спортски уникатни оригинали. Музејот на клубот е најпосетен музеј во Каталонија и нуди целосно уживање со еуфорична приказна од самите почетоци. Вистинско место за посета и за релаксирачки и опуштен ден.

 

La Barceloneta
Кога сте во Барселона, особено во топлите денови, едно од задолжителните места кои мора да ги посетите е плажата Барселонета. Огромната плажа, долга околу 1100 метри, нуди потполно уживање во комбинација со топлото сонце, бистрото море и мирисот на кокос и ќе направи да се чувствувате навистина “шпански“. Барселонета и плажата Сант Себастијан се најдолгите, најстарите и најпосетените плажи во Барселона. Ова е идеално место за релаксација и одмор во топлите денови. Доколку доаѓате во друг период од годината, повторно можете да го посетите овој дел од градот и да уживате во многуте ресторани кои нудат вкусна морска храна, но и многу барови и кафичи и да уживате во шпанските коктели во текот на целата година. Доволно е да се загледате во ширината на златната плажа и да ве понесе морскиот мирис до вистинскиот врв на уживање.

 

Aquarium Barcelona
Пристаништето на Барселона е идеално место за прошетка, особено во вечерните часови. Но, тоа не е само место каде ќе ги видите најубавите јахти, туку и местото каде се наоѓа едно од најзабавните нешта во Барселона, а тоа е L’Aquarium de Barcelona. Освен вообичаено разгледување на подводниот свет, ќе нурнете длабоко во океанското синило и ќе се запознаете со повеќе од 11000 водни животни и над 450 различни видови. Изненадувањето трае се до последниот момент во аквариумот и тоа се авантуристички мигови кои навистина ќе ги паметите како убави сеќавања понесени од Барселона.

 

 

 

 

 

 

 

 

La Rambla
Нашето патување започна и заврши на La Rambla. Таа е се наоѓа во центарот на Барселона и е една од најпознатите меѓу туристите и локалните жители. Започнува од Пласа де Каталуња па се протега се до споменикот на Кристофер Колумбо во Порт Вел. Тука има бескрајно многу еуфорија и забава во текот на целиот ден, раздвижени и насмеани лица, многу кафулиња, сувенирници, локални цвеќари и ресторани во кои задолжително да го пробате специјалитетот на шпанската кујна Тапас и да уживате во ароматичното вино типично за Шпанија, Сангриа. Ќе сретнете и интересни животни статуи и локални изведувачи кои ќе ве забавуваат со своите претстави и тезги во секој дел од денот. Оваа улица нуди и отворен пазар La Boqueria каде може да купите секаква храна и на крајот од улицата да го посетите театарот Liceu. И секако, тука се наоѓа и чешмата за која има легенда дека доколку се напиете од неа, повторно ќе се вратите во Барселона. Шпанскиот поет Федерико Гарсија Лорка, за Ла Рамбла рекол: Таа е единствената улица во светот која сакам никогаш да не заврши. А тоа ќе го помислите и вие веднаш после првата прошека по неа. А јас ви посакувам многу магични моменти и исполнети денови во Барселона.

 

За повеќе информации посетете ја страната  www.visitbarcelona.com или дирекно во Barcelona Turisme

Надица Пушкоска