Search for content, post, videos

Будимпешта – Кралицата на Дунав

Кралицата на Дунав, Будимпешта е град преубав во секое време од годината.  Град кој има термални извори повеќе од било кој главен град во светот, како и знаменитости на кои неможе да се одолее! Со гордост го носи името Кралицата на Дунав.

Град составен од два града…

Споени во еден – градовите Будим и Пешта прават една целина Будимпешта. Еден сместен на ридот, а друг во низината. На будимската страна најлесно се стигнува со жичница, дел од градот кој е под заштита на УНЕСКО, а е познат како ридот на кој е распослан Будимскиот дворец – Будаи Вар, кралската палата. Од Кралската палата има вистински кралски поглед на другиот дел од градот Пешта и на бројните градски мостови од кои најстар и најубав е Мостот на синџирите.

Кралицата на Дунав е град со многубројни атракции…

Познати знаменитости на градот:  Споменикот на Милениумот,  Операта, улиците Ваци, Андраши, Ракочи, Парламентот,  црквата „Св. Стефан“, мостовите на Дунав, Будим, Цитаделата, Кралската палата, црквата „Св. Матејас“,  Рибарската  тврдина

 

Мостот на синџирите  е еден од најпрепознатливите симболи на овој град, а воедно и прв постојан мост помеѓу Будим и Пешта.

Зградата на унгарскиот парламент е трета по големина зграда на Парламент  на европско тло и за разлика од другите светски парламенти таа е отворена и дозволена за посета.

Рибарската тврдина, прекрасен комплекс со седум бели кули кои ги симболизираат седумте племиња кои ја основале унгарската нација и држава. Место со веројатно најубавиот поглед на Будимпешта. Името Рибарска тврдина потекнува од пазарот за риба, кој се наоѓал на ова место во средниот век, па така цетото место го добило името Рибарски град. Оваа тврдина делува како во приказните, нереално и заиграно, но одлично се вклопува во целиот простор заедно со црквата Свети Матијаш.

Будимпешта има термални извори повеќе од било кој главен град во светот! 

Неверојатни 70 милиони литри термална вода извира дневно во овој град. Овие извори се причина поради која има десетици лековити бањи кои датираат уште од римското време. Познато е и живописното гратче Свети Андреа, во близината на Будимпешта, во кое  се негуваат  старата  архитектура и народните ракотворби и кое е богато со голем  број винотеки,  рибни ресторани, музеи, галерии и цркви.

Гастрономијата на Будимпешта…

Унгарија е позната по својата одлична храна, а се почесто и по вината кои ги произведува. Во познатите унгарски ресторани познати како чарди, можете да ги пробате познатите гулаши, специјалитетите од гуска, унгарските чорби или специјалитетите од речна риба подготвени по стари специјални рецепти. И сето тоа засладено со познатите унгарски десерти, меѓу кој се издвојува познатата Добош торта и сето тоа задоволство надополнето со убавите унгарски вина. Уживајте!

Силвана Јованчева