Search for content, post, videos

Единствено патување низ времето – Салцбург

Долго време овој град го нарекувале “Северен Рим”, а УНЕСКО го вброи во светското културно наследство. Салцбург е музеј на отворено, но и модерен и живописен град. Овде можете да шетате, да уживате, да купувате и да јадете во одлични ресторани. Салцбург е живописно гратче во кое се ви е на дофат

Знаменитостите на Салцбург

Салцбург е граден во стилот на барокот, во втората половина на 16 век. Најголемиот дел од градбите се дело на познатите италијански архитекти Скамоци и Солари. Од знаменитостите на градот тука се дворецот Мирабел, родната куќа на Моцарт, стариот плоштад и плоштадот на Моцарт, катедралата Св. Руперт, манастирот Св. Петар, бискупската резиденција, црквата Св. Себастијан, тврдината. Салцбург  е  вториот град по големина во Австрија и главен град на истоимената покраина, во која живеат 150.000 жители. Оддалечен е  300км од Виена, на самата граница со Германија. Лежи на реката  Салзач, окружен со планини, и се дели на стар и нов град. Во  стариот град се наоѓаат преубавите катедрали изградени во готски и барокен стил, од кои некои датираат од пред десеттиот век. Поради тоа, овој град во средниот век бил наречен Северен Рим. Над градот се издигнува најголемата зачувана тврдина во средна Европа. Симбол на градот е  старата тврдина Хохен Салцбург, која се наоѓа на ридот  Мочснберг и се гледа од сите делови на градот.  Хохен Салцбург  е најголемата тврдина со дворец во Австрија, која почнала да се гради уште во 11 век. Таа некогаш била граница и го бранела градот, а денес е важна  туристичка  атракција. Оттука се шири прекрасен поглед на Салцбург што ќе ви помогне да направите план за разгледување на градот – дали ќе почнете со надбискупската резиденција, нејзините раскошни одаи и галерија или од салцбуршката катедрала која е најважната сакрална градба во градот. Во неа бил крстен и Моцарт. Потоа можете да продолжите до дворецот Мирабел со своето раскошно окружување во прекрасната градина со фонтани и скулптури, дело на барокниот градител Лукас вон Хилдебранд. Улиците на градот се поплочени со камен, поврзани со кратки премини кои водат до елегантни и заштитени продавници, а на секој чекор можете да наидете на прекрасни архитектурни примери. Денешниот изглед на Салцбург датира од 16 до 18 век, кога започнала трансформацијата од  средновековен во барокен град. Од 1997-та година, неговата стара градска градба е на листата на заШтитени културни дела на УНЕСКО.

  Тврдина од сол

Во името на градот се содржи германскиот збор за сол (салз), што кажува дека во околината на овој град се наоѓаат рудници за сол, кои по повеќевековното ископување се затворени. Во буквален превод, Салцбург значи “тврдина од сол”.

 

 

 

 Родното место на Моцарт

Во различни форми Салцбург ги чува спомените од својот граѓанин, познатиот композитор Волфганг Амадеус – Моцарт. Неговата родна куќа  Гебуртшаус, која денес е претворена во музеј, се наоѓа близу до центарот и е причина за доаѓањето на над седум милиони туристи од цел свет преку целата година. Семејството Моцарт живеело на третиот кат од зградата, во периодот од 1747 до 1773 година, во времето кога Леополд Моцарт работел како музичар во Кралската комора на Салцбург. Неговото седмо дете, Волфганг Амадеус Моцарт, е родено токму таму, на 27 јануари, 1756 година.  Откако Моцарт го достигнал својот легендарен статус во музичкиот свет, неговото родно место во 1880 година било претворено во музеј на културата.

Во  музејот можете да погледнете детали од детството на големиот композитор, првите инструменти, како и неговиот огромен интерес за операта. На третиот кат се поставени виолината и чембалото од детството на Моцарт, како и дел од семејните писма, документи, портрети и дел од неговата работа – компонирањето. Вториот кат е целосно посветен на операта, а таму се наоѓа и  клавикордот на кој Моцарт ја компонирал “Магична флејта”. На првиот кат се претставени условите на живеење од периодот кога се родил Моцарт, како и незавршениот портрет на славниот композитор, кој го сликал неговиот зет, Јозеф Ланг. Навистина во Салцбург се се врти околу музиката.

  Шармот на Салцбург

Величественоста и разновидноста на Австрија, драматично се разликуваат од интимниот шарм и романтичноста на Салцбург, со неговите замоци како од бајките, грандиозните цркви, палати и плоштади. Атрактивниот стар град најдобро може да се разгледа со пешачење. Само така може најубаво да се доживеат фантастичната архитектура на градот, најпознатите негови обележја, наспроти ексклузивните бутици и удобни кафетерии, сместени помеѓу симпатичните улички и дворови. Тука се одржува фестивалот “Салцбург”, кој се смета за еден од најважните музички фестивали во светот, а покрај него се случуваат уште околу 4.000 културни настани, од кои повеќето се музички. Овој град  изобилува со прекрасни музеи и галерии, но и со активен ноќен живот. Зимските спортови привлекуваат поголем број од туристите со познатите ски центри како што се Китцбил и Зеламзе, а езерата, чистиот воздух и ливадите преполни со цвеќе, го прават овој град со својата околина прекрасна дестинација за одмор преку целата година.

Тајната на превкусната моцарт кугла

Познатиот мајстор за слатки Пол Фуерст дошол во Салцбург 1884 година и отворил слаткарница која ја нарекол “Моцартбонбон”. Токму тука настанале сега надалеку познатите моцарт кугли. До ден денес се уште се изрзботуваат рачно, според стариот рецепт. Топчињата од марципан и лешник со помоч на дрвено стапче се потопуваат во темно чоколадо и се оставаат на платформа да се изладат. Дупчињата од дрвенотот стапче се полнат со чоколаден крем, за потоа целата кугла да се завитка во фолија со ликот на Моцарт. Годишно во оваа слаткарница се произведуваат повеќе од два милиона моцарт кугли токму на овој начин.

 

Силвана Јованчева