Search for content, post, videos

Какслаутанен – хотелот игло во Финска

Хотелот игло Какслаутанен е навистина волшебно место. Лоциран е на 250 километри од Арктикот, во Финска. Проектиран е специјално за авантуристите, луѓето коишто сакаат да го видат фантастичното Северно небо.

Хотелот Какслаутанен го опишуваат како едно од најромантичните одморалишта на земјината топка. Тука можете да лежите во луксузен игло хотел со стаклен покрив и да уживате во спектакуларниот поглед кон небото, бидејќи игло куќичките се направени од специјално стакло, а погледот кон небото и околината останува кристално чист дури и кога температурата надвор ќе падне на 30 степени под нулата.

Секое игло е опремено со луксузни кревети, тоалет и сауна. Внатрешните температури се пријатни и создадени за уживање. Освен овие стаклени игло куќички, во склоп на комплесксот има и снежни игло куќички, ресторан од снег и галерија со ледени скулптури, која, пак, се наоѓа веднаш до снежната капела за венчавки.

Хотелот е подготвен за туристичката сезона секоја година во периодот помеѓу декември и јануари, зависно од временските услови, а останува отворен до крајот на април. Гостите кои доаѓаат да го посетат овој комплекс можат да уживаат и во риболов во смрзнато езеро, скијање на патеката која е долга дури 180 километри и возење во санката на Дедо Мраз. Покрај спектакуларното ноќно небо и единственото сместување, хотелот Какслаутанен нуди и излети, во зависност од тоа дали посетителите сакаат да се возат на санки кои ги влечат кучиња или пак со возила на моторен погон. За оние со подлабок џеб, хотелот нуди и посета на кршачот на мраз Сампо, единствениот кршач на мраз отворен за туристите. Окружен со прекрасната природа на Лапонија, овој хотел нуди првокласни соби за сместување. Лоциран е во областа Сариселка, близу до националниот парк Урхо Кеконен, преку патот кој води до Нордкап и Арктичкиот Океан.

Тука навистина може да се ужива во несекојдневната убавина на природата споена со хотелот. Замислете се себеси сместени во игло направено од снег. Потполна тишина. Во иглото има светлина која само малку го осветлува. Тоа ја прави атмосферата толку возбудлива, што во ниту еден момент нема да ви биде здодевно. Истовремено, сопствениците на хотелот тврдат дека ова е најубавото и најмирното место за спиење, а тоа го нудат длабоките и удобни вреќи за спиење.

Но пред заспивање, ништо не може да ја замени глетката низ покривот на иглото – северната светлина и милионите ѕвезди на небото. Ништо помалку возбудливи не се ни снежните олуи, кои се вистинско доживување. Но, поседнакво возбудлива е и цената која се движи од 1000 евра нагоре, за едно лице за една ноќ…

Луксузот вреди да се плати и да се доживее.

Силвана Јованчева