Search for content, post, videos

Кога Билтмор цути…

 

Фестивалот на цвеќето кој и годинава, како и секогаш досега, се отвори на 21 март, а ќе се затвори на 31 мај, го одбележуваат стоте илјади лалиња во различни бои, засадени во чест на американскиот журналист Фредерик Ло Олмстед, кој се занимавал и со хортикултура, а неговото последно дело е Цветната градина во Билтмор, којашто му припаѓала на Џорџ Вашингтон Вандербилт ИИ.

Цвеќиња со сите свои убавини
На првиот ден од пролетта, кога започна Цветниот фестивал, илјадници жолти нарциси ги дочекаа посетителите кои, опиени од пријатниот мирис, едвај стигнаа на ред да влезат во т.н. зимска градина чии врати се отворени до 7 април. Добредојде им посакаа и форзициите што ги обележуваат патеките кои водат кон стаклената бавча во чие средиште се наоЃа фонтана, статуа на момче со украдена гуска во рацете, извајана од Карл Битер. Наоколу има егзотично цвеќе со сите убавини на себе, коешто се одгледува на посебен начин, во услови на кондензација. Зимската градина ја нарекуваат и конзерваториум бидејќи повремено се изведуваат инструментални, ретко и вокални композиции пред одбрана публика, според одредена програма. Можете ли да замислите како звучи концертно пијано таму? Тивка музика… тропски растенија со прекрасни цветови, орхидеи… се чувствува мирис на зеленило… како некогаш, кога Џорџ Вашингтон и Едит Стивсант минувале дел од времето, со нивните гости, муабетејќи, полни со чувство на радост и задоволство. Всушност, поинакви емоции и не можат да разбудат цвеќињата кога се одгледуваат со љубов. Тие враќаат во иста мерка. Колорит на кој ретко може или речиси никогаш не може да му се одолее. Повеќето саксии стојат на поплочениот мермерен под, а останатите глинени садови се поставени врз постаменти, со што е создадена композиција како на слика. Уметничко дело во бои. Така било и во 1894 година. Иако многу од растенијата се веќе изумрени, со цел да се обноват спомените за минатото, од сите краеви на светот се донесени исти такви, некои модифицирани, за впечатокот да биде уште посилен. Но, стаклената бавча во која орхидеите доминираат, како амблем на убавината, ученоста, префинетоста, пријателството, не е единственото нешто што мора да се види во замокот, додека трае Фестивалот на цвеќето. Не случајно е насловен Билтмор цути зашто сето време, од 21 март до 31 мај, додека трае манифестацијата, цвеќињата цветаат последователно. Прво едните, потоа другите, па третите…

 

Љубовното значење на лалето
Додека нарцисите и форзициите сјаат од убавина, во жолтозлатна боја, лалињата пополека ги отвораат своите чашки. Тие покриваат голем дел од градината, во средината на април, околу влезот. Жолти, црвени, розови, шарени. По некој музичар свири на гитара, посетителите се фотографираат меѓу расцветаните лалиња, водичот им ги раскажува приказните за дворецот и, секако, за видот цвеќе со долго стебло, долги и широки листови и со цвет како чашка, кој може да биде во различни бои. Неговата симболика е скромна бидејќи во Америка стигнало доцна, по Европа, но тоа не важи кога омиленоста е во прашање. Потекнува од Иран (некогашна Персија). Во Холандија, на пример, цената на неколку луковици била толку набиена што со истата сума можел да се купи имот. Затоа станал симбол на богатството, раскошот, убавината, но и на вообразеноста, надменоста. Освен убавината, во Иран ја симболизира и вљубеноста. Копнежот исто така. Дури минатиот век добил љубовно значење (црвеното лале). Жолтото лале се врзува за безнадежната љубов, розовото значи грижливост, виолетовото кралско достоинство, а белото збогување. И надвор и внатре, во дворецот, има азалеи. Овие украсни дрвенести билки немаат мирис, но затоа, пак, воодушевуваат со крупните бели, розови или црвени цветови, и тоа на површина од дваесетина хектари. А розите!? Тие се неброени. Само во т.н. градина на розите не можат да се догледаат. Присутни се речиси сите видови, а повеќето од нив носат имиња на историски личности. Кога ќе се измешаат мирисите, најубавиот парфем измислен кога било е на повидок. Но таму не е крајот на маршрутата која од Билтмор направи една од најпосакуваните туристички дестинации во Америка. Замокот е отворен за јавноста целосно. Активностите само ја збогатуваат содржината, и придонесуваат за Билтмор да се доживее повозбудливо. Освен миниконцерти што се одржуваат на различни места, посетителите можат да го дегустираат виното кое се произведува таму, има градинари кои на туристите им покажуваат како се одгледуваат растенијата, дури им дозволуваат и да ги полеваат, а голем предизвик им е да го видат и богатството со кое располагало семејството Вандербилт, вклучувајќи ја и ќерката Корнелија. Завидната колекција самурајски оклопи, накит Картие и кармини украсени со дијаманти и жад говорат за нивниот стил, начин на живеење, кој подразбрал и страст кон мотоциклите Харли-Дејвидсон.
Кошнички полни нарциси, форзиции, лалиња, азалеи, рози
Тамошните жители го сметале за среќно семејство зашто во последен момент ја откажало резервацијата да патува со Титаник. Посетителите можат да ги видат и билетите кои неколку дена пред испловувањето на големиот британски трансатлантски брод биле поништени. Инаку дворецот има двесте и педесет соби. Мебелот, порцеланот, сликите, килимите и слично, се било носено од Европа и Ориентот, додека Џорџ Вашингтон Вандербилт ИИ и неговиот пријател, архитектот Ричард Морис Хант патувале заедно. Денешниот изглед на Билтмор е резултат на реновирањето што било направено во 1895 година. Силен впечаток кај туристите оставаат собата за билијард во која масата е изработена рачно, од дабово дрво, салите во кои се приредувале банкети, едната со високи тавани, а другата украсена со фламански таписерии од шеснаесеттиот век, собата за појадок во која има две слики од Реноар, Младата Алжирка и Детето со портокал, библиотеката со неколку стотици книги, скалите порабени со железна ограда, кои бројат сто и две скалила, а на средината од таванот виси лустер со седумдесет и две светилки. За време на Цветниот фестивал сите соби, ходници и холови се украсени со цвеќе, во вази, набрани во дворот и убаво аранжирани. По повод Велигден, на тревникот се организира забава, од работилници до претстави, на која децата бојадисуваат јајца, прават зајковци, гледаат филмови на отворено за Воскресението Христово и го слават најолемиот христијански празник со кошнички полни нарциси, форзиции, лалиња, азалеи, рози. До следната манифестација, Фестивалот на виното.

Игор Ландсберг