Search for content, post, videos

Ликот кој не живее само во цртаните филмови – Попај морнарот

Да се потсетиме на Попај морнарот. Еден од најомилените цртани филмови на мојата генерација беше Попај морнарот. И не го сакавме само ние, децата, тој им беше омилен и на нашите родители и баби и дедовци, бидејќи со цртаниот јунак Попај најлесно успеваа да не натераат да јадеме спанаќ.
Попај беше еден од омилените ликови од цртаните филмови на милиони деца низ светот. Гледањето на цртани со Попај не само што е забавно, туку е и корисно. Попај е причината децата да јадат повеќе спанаќ. Дури и научниците потврдија дека силниот морнар влијае врз навиките за јадење на децата. Експертите откриле дека децата кои редовно го гледале Попај како се насладува со спанаќот и ги победува сите, консумирале двојно повеќе зеленчук. Децата на возраст од 2 до 5 години, кои учествувале во истражувањето, јаделе четири порции разновиден зеленчук дневно откако ќе изгледале цртан филм со Попај, а пред да гледаат филм со Попај јаделе само две.
Создавањето на ликот Попај морнарот
Легендарниот морнар Попај прв пат се појавува во стрипот Thimble Theatre на 17 јануари 1929 година, а ликот го креирал американскиот стрип артист Елзи Крислер Сегар. Како и сите други големи американски цртачи, Сегар работел се и сешто додека цртањето и пишувањето сценарија за стрипови не му станало главна преокупација. На почетокот стрипот изгледал многу поинаку од денес. Тогаш главна хероина во него била Олива, а освен неа се појавувале и нејзиниот брат Кастор Оил, потоа Брутус, Џеј Велингтон Вимпи и свршеникот на Олива – Хам Грејви. Барајќи јунак кој ќе ги носи сите останати, авторот дури подоцна го вовел Попај, скоро една деценија по излегувањето на стрипот. Тогаш главниот јунак Кастор со другарот Хам се упатил на прекуокеанско патување до Африка. На едно пристаниште го сретнуваат смешниот лик со морнарско одело и луле во устата – Попај, четириесетгодишниот морнар, речиси сосема ќелав, со превез преку едното око и тетовирано сидро на раката. Кастор го прашува: “Еј, дали си ти морнар?”, а Попај му одговара: “А ти да не мислиш дека сум каубоец?”, повлекувајќи чад од морнарското луле и мижејќи на едното око. Од тој момент, Попај станал составен дел од стрипот. По смртта на Сегар во 1938 година, многу автори се обиделе да работат на Попај, се додека серијалот не го презел Бад Сагендорф во 1959 година.
Попај на телевизија
Попај е популарен и денес, но пред се благодарение на филмот и телевизијата. Повеќето луѓе никогаш не го виделе оригиналниот стрип, а во цртаниот филм Попај изгубил некои од своите оригинални карактеристики. Филмската премиера Попај ја има во филмот “Бети Буп го запознава Попај морнарот”(1933г.). Истата година студиото Fleischer го снимило и долгометражниот филм “Јас сум тоа што сум” со Попај како главен лик. Се друго е историја. Цртаниот лик Попај за прв пат се појавил на екраните во 1933 година и се смета дека придонел за подобрување на индустријата за спанаќ во САД во 30-тите години. Попај морнарот набрзо бил екранизиран и во периодот од 1933 до 1957 година снимени се околу 230 куси серии и три долги анимирани филма. Потоа Попај се појавил во бројни стрипови, анимирани филмови, компјутерски игри. Во 1980 е снимен играниот филм “Попај” со Робин Вилијамс во главната улога.
Попај морнарот и неговата дружина
Интересно е именувањето на јунаците во стрипот. Олива всушност е маслиново масло, Кастор Оил е масло од рицинус, Брутус е грубијан, Хам Грејви асоцира на шунка, и секако, Попај морнарот. Уште една важна карактеристика е тоа што сите јунаци во стрипот се направени по пример на луѓе кои навистина постоеле, а од кои се преземени изгледот и главните карактеристики. Олива е типична конзервативна девојка. Таа е неверојатно висока, слаба, а нејзината облека е демоде дури и за 1919 година. Воочливи се нејзиниот долг нос и залижаната фризура.
Попај е морнар со истетовирано сидро на подлактицата и луле во устата, кое станува и негов заштитен знак. Основниот извор на неговата сила е спанаЌот во сите облици. Кога ќе го изеде спанаќот може без проблем да го истепа и најсилниот свој противник, посебно Дибек. Тој е сурово искрен, груб кон жените, јаде со раце, лошо се однесува кон семејството и пријателите, но сепак бескрајно ја сака својата Олива и за неа е подготвен да направи се. Главниот противник на Попај е Брутус, кај нас познат како Дибек, кој на сите начини се обидува да ја освои Олива. Тука е и Џеј Велингтон Вимпи – Перо Ждеро или Перо плескавица, чија основна смисла во животот се плескавиците, а негова најпозната реплика е “купи ми една плескавица, со задоволство ќе ти платам во вторник”. Во стрипот Перо Ждеро е многу интелигентен дебелко кој го спасува Попај од многу неволји, но го втурнува во уште поголеми.
Селото на Попај во вистинскиот свет…
Постои место каде што “живее” ликот од овој цртан филм. Тоа е СЕЛОТО на ПОПАЈ на островот Малта. Со години наназад посетата на живеалиштето на Попај стана омилена летна дестинација на милиони туристи од светот. Тематското село инспирирано од популарниот цртан лик го користеле и “Paramount Pictures” и “Walt Disney” за снимањето на филмот за Попај во 1980 година. Во овој мал рај можете да го сретнете најпознатиот љубител на спанаЌ во светот на популарната култура. Тука се и Олива и сите други ликови како Дибек и Перо. Освен што ќе ги видите Попај и неговата дружина, во селото можете да го искусите и лудото возење со тобоганот, да ги посетите игралиштата, киното и куклените театри. Селото нуди и голф терени и бесплатно вино за возрасните.

На локацијата, која била изградена во 1979 година од страна на 165 работници за седум месеци, постојат 19 вистински дрвени градби (изградени со дрво донесено од Канада и Холандија затоа што Малта нема свои шуми). Интересен податок е и тоа што за изградбата биле искористени осум тони клинци и 7.570 литри боја, се со цел селото да изгледа како “реинкарнација” од популарниот цртан филм.

Никогаш не било полесно да ѕирнете во светот на вашиот омилен цртан јунак…
Силвана Јованчева