Search for content, post, videos

Магијата на божикните и новогодишните панаѓури

Нивниот раскош е толку привлечен што не можат да му одолеат ни рамнодушните кон таквите „забави“. На европскиот континент, во адвентските денови, метрополите блескаат од празнично расположение, во сиот сјај. Илјадниците светилки, дрвените тезги, различните украси, колачињата, виното… музиката, придонесуваат луѓето да се повеселат, во иста атмосфера, без оглед на местото. Дали е Берлин, Брисел, Будимпешта, Виена, Копенхаген, Париз, Прага, Стокхолм – сеедно, кога има што да се види, купи, проба и, најважно, да се забавува.

Берлин

Педесетина божикни и новогодишни панаѓури се одржуваат во главниот град на Германија, додека трае адвентот и по него. Предворието на барокното здание Charlottenburg во западниот дел на Берлин е местото каде што се минуваат празничните денови, во добро расположение. Светлечките ефекти на дворецот, дрвјата, оградата и тезгите им даваат романтичност, а бројните атракции за деца, вовчето, вртелешката и годинава се посебни обележја на „Зимската шума“ (Winterwald). И централниот дел на градот – Alexanderplatz, кој е, всушност, бетонска тераса во модернистички стил во чија средина е поставена телевизиска надзорна кула, од 27 ноември до 26 декември се претвора во еден од најпосетените берлински панаѓури со лизгалиште и рингишпил. Подиумот е задолжителен. Имено, во Берлин за божиќните празници се „издвојуваат“ петстотини места за танцување.

Брисел

На неколку локации во белгиската метропола, на 25 ноември започнуваат т.н. зимски чуда (Winter Wonders), кои претставуваат своевидни божикни (новогодишни) панаѓури што работат нонстоп, до 31 декември, кога се дочекува Новата година. Всушност, Брисел во текот на празничните денови е преполн (има два и пол милиона посетители – 65% Белгијци, 35% странци, како на пр. Англичани, Германци, Французи, Холанѓани…), наликува на огромен саем под ведро небо, интересен и за младите и за старите. Навистина е атрактивен, со новогодишната елка на градскиот плоштад, инвентивните звучни, светлосни ефекти, визуелните сензации, лизгалиштето, парадата во која се вклучени 70.000 учесници, со традиционалната вртелешка, рингишпилот. Добротворните акции се составен дел на панаѓурите каде што се собираат детски играчки, ќебиња и слично.

Будимпешта

Годинава божикниот (новогодишниот) панаѓур и зимскиот фестивал се отворија на 10 ноември, а ќе траат до 31 декември. Локацијата е идеална – плоштадот Vörösmarty во централниот дел на градот каде што завршува Váci utca (позната шопинг улица), пред прочуениот Gerbeaud Coffee House. Големиот број дрвени тезги на кои се продаваат домашни ракотворби (од лампиони до крзнени елеци, капи…), медени колачиња, каде што се послужува топло вино со цимет, и двете бини на кои се одржуваат концерти, театарски претстави…, придонесуваат за комплетниот впечаток на унгарската метропола што блеска од илјадниците светилки поставени секаде (највпечатлив е паркот Városháza пред Градското собрание), па дури и на трамваите. Лизгалиштето е доста големо – 200 м², бесплатно за деца, кои ќе можат нешто и да научат за столарскиот, терзискиот занает на пример, во импровизираните работилници.

Виена

Празничните панаѓури во главниот град на Австрија имаат повеќевековна традиција, датираат уште од Средниот век. Имено, Albrecht во 1298 година на виенчанци им приредил убаво изненадување – Krippenmarkt. На дваесетина локации се поставуваат дрвени тезги, „порабени“ со гранки од елки, чиј мирис доминира и се меша со оној на пунч, костени… Најголем е интересот за рачните изработки, а децата се радуваат на вртелешките, работилниците итн. На 16 ноември се отвори првиот, во Spittelberg (зад Volkstheater), утредента пред Градското собрание, потоа во дворот на некогашната Општа болница и на Schönbrunn (на 18 ноември), па на плоштадот Марија-Тереза (на 22 ноември) и последниот, на 24-ти, пред дворецот Белведере. Валцерот е незаобиколен, како и хоровите. Адвентскиот период изобилува со балови, има околу четиристотини, а најпознат е новогодишниот – Le Grand Bal der Wiener Hofburg.

Продолжува на следната страна