Search for content, post, videos

Малта – Остров на соништата и витезите

Малта е остров – рај во Средоземното Море, со стратешка местоположба и држава со многу богата историја. Со Малта владееле многу светски сили кои оставиле траги во богатата култура. Токму тоа е она што на Малта и дава специфична убавина. Островот е многу интересен и топол не само поради убавото и топло време, туку и поради бело-жолтите нијанси во кои се направени скоро сите градби на Малта. Овде се чувствува влијанието и близината на Италија, на Англија потсетува возењето од лева страна и фактот што покрај малтешкиот јазик, службен е и англискиот, а тука е и арапското влијание видливо во архитектурата. Влијанието на Медитеранот особено се чувствува во храната. Многу се јаде риба и се пијат малтешки и италијански вина. Кога ќе пристигнете на Малта прво што забележувате се куќите изградени од жолто-бел камен, кој претставува единствен градлив материјал и заштитен знак на овој остров во Средоземното Море, оддалечен само деведесетина километри од островото Сицилија во Италија, а околу триста од Африканскиот континент. Малтешкиот камен ја менува својата боја на сонце од бела во бледо жолтеникава. Иако на Малта нема многу песочни плажи, вештите и вредни Малтежани ги обработиле и дотерале каменитите плажи, така што тие делуваат по малку невистински, но сепак се волшебни. Чистото море, синото небо без облаци и пријатното ветре се трите одлики на овој остров. Малта е островот на познатите малтешки витези кои во 16 век го запреле турското навлегување во Европа.
Мала држава со богата историја…
Малтешкиот архипелаг се состои од пет острови, населени, и острови кои се издвојуваат се Малта, Гозо и Комино. Туризмот и бродоградбата се најразвиените гранки на Малта. Во оваа држава живеат околу четиристотини илјади жители на околу 320 м2, што ја прави Малта една од најгусто населените држави во Европа. Името на островот потекнува од феникискиот збор “малек” што означува засолниште, бидејќи уште во првиот век по бродската несреќа на Малта се засолнил Свети Павле кој поминал три месеци во гратчето Рабат, со што почнало ширењето на христијанството. Малиот архипелаг отсекогаш бил стратешки центар во кој своја трага оставиле Феникијците, Римјаните, Византијците, во деветтиот век дошле Арапите, потоа Португалците, Шпанците, Французите и Англичаните. Скоро два и пол века овде престојувале малтешките витези од редот на Св. Јован Крстител. Малта како долгогодишна британска колонија својата независност ја стекнала во 1974 година.
Првите населеници на малтешките острови биле земјоделци кои дошле од Сицилија околу 5200 година пред нашата ера. Припаѓале на племето Сиканци, за кои се смета дека биле единствено племе кое се населило на овие острови во тој период. Се занимавале со одгледување житарки и домашни животни, а како и многу други европски култури во тоа време, го почитувале култот на плодноста. Керамичките предмети најдени во местото Џар Далам се слични со оние најдени во Агригента на Сицилија. Во овој ран период на малтешката цивилизација се појавиле првите мистични мегалитски храмови, чии остатоци и денес се гледаат на Малта и Гозо. Овие храмови се едни од најстарите структури направени од камен на Земјата. Во бронзениот период се граделе помали градби наречени долмени, а околу 700 година п.н.е на островите дошле Грците кои се населиле на подрачјето на денешна Валета. Еден век подоцна тука се населиле Феничаните, кои ги користеле островите како трговска станица на нивните средоземноморски трговски рути. По падот на Феникиското царство областа потпаднала под Картагина. Тогаш започнале да се одгледуваат маслинки и се произведувале ткаенини. За време на Римското царство, Мелита, како што ја нарекувале тогаш Малта, имала автономност во рамките на Сицилија, со главен град во средина на островот, денешна Мдина. Со распад на Римското царство, Малта потпаднала под контрола на Византија. Потоа ја завземале Арапите, во чие време се создал англиско-сицилијанско-апарски јазик, денешниот малтешки јазик на говорење. Следни освојувачи биле Норманите, потоа Османлиите, па Французите на чело со Наполеон, се до последните британски освојувачи, по кои следува независност.
Малта е остров на познатите малтешки витези, од редот на витезите на Св Јован Крстител. Во редовите на малтешките витези можеле да бидат само припадници на најбогатите аристократски европски семејства, кои своите синови ги пријавувале уште кога ќе се родат. Кога ќе наполнеле 12 години, идните витези поминувале шестгодишна обука и со наполнети 18 години го добивале познатиот малтешки крст со осум краци, кои ги симболизираат добрите дела кои треба да ги знае секој христијанин и осумте земји од кои потекнувале витезите.
Туристички атракции – Малтешките острови се голем музеј на отворено. Со текот на вековите никнале убави туристички и рибарски градови и пристаништа, кои и денес живеат во склад со преубавата природа на овој медитерански бисер. Без оглед што очекувате од својот одмор, можностите на овој остров се неограничени. За љубителите на уметноста тука се бројните музеи и галерии, за спортистите се организираат бројни спортови на вода. Едноставно ќе уживате во храната, во природните убавини и сите задоволства што ви се нудат. Туризмот овде е многу развиен. Има многу опции за посета на сите атракции со кои може да се пофали Малта. Валета е главен град, град тврдина во кој се крие крстоносната историја, познатите палати и цркви. Основач е витезот Жан Де Ла Валета, по кого градот го носи името. Валета е една од најголемите тврдини во Европа со висина на ѕидовите од 50 метри. Има осум големи палати во кои живееле витезите. Двата најголеми туристички центра се Слиема и Сент Џулианс сместени на карпестиот брег. Има богата дневна и ноќна забава во најрзличните ресторани и кафетерии, каде можете да ја пробате убавата медитеранска храна и убавите летни коктели. Локалниот автобуски сообраќај е одлично организиран, а возењето од лева страна со автобусите олдтајмери е само по себе интерсно доживување. Слиема има мноштво луксузни хотели наредени еден до друг, каде отседнуваат многу познати свестки имиња како Бред Пит, кој на Малта сними делови од филмот “Троја”, потоа познатиот Гладијатор, Расел Кроу кој снимал во “новиот Хоиливуд”, како што сега ја нарекуваат Малта, бидејќи тука се наоѓа најголемото европско филмско студио за снимање на поморските ефекти. Ќе ви се допаднат и мноштвото катедрали, а ги има повеќе од 360.  Малтежаните се многу религиозни и скоро секој ден е посветен на некој светец, а големите славења и фешти се проследени со прекрасни и воодушевувачки огномети. Секој град има своја приказна врзана за некој светец. На пример, градот Моста е поврзан за ликот на Богородица, каде се наоѓа катедрала посветена на Мајката Божја, која е трета во Европа по големината на куполата. Во градот на тишината, како што го нарекуваат Мдина, живеат дваесет и осум аристократски семејства, директни потомци на познатите малтешки витези, кои всушност и го поседуваат овој град. Интересен факт е што бојата на прозорците на малтешкиот парламент зависи од партијата која е на власт. Кога на власт се националистите, прозорците се во зелена боја, а ќе бидат црвени доколку на изборите победат лабуристите.
Морате да ги посетите – Места кои задолжително треба да ги посетите во Малта се: главниот град Валета, потоа Марсашлок – рибарско место на југот од островот, Мдина – античкиот главен град и град на тишината, Рабат – каде се наоѓа катакомбата на Свети Павле и римската куќа, Сент Џулианс – местото на ноќните забави, кој е и најживописен туристички центар, Слиема – главниот шопинг центар, Хагар Џим и Мнајдра – антички храмови, Мелиха – местото со најубавите песочни плажи, Буџиба – градот со арапски примеси, Блу Грото – сплет од седум пештери. Кога ќе завршите со посета на островот Малта, посетете го и зелениот остров Гозо каде се наоѓа мегалитскиот храм, кој е најстариот неолитски храм во светот. И Гозо изобилува со убави места кои вреди да се посетат како што е црквата на Св. Марија, место на чудата, каде многу луѓе го нашле своето излекување. Мирот и спокојството кое владее таму ве тера да посакате повторно да се вратите. Островот Комино ви ја нуди најубавата плава лагуна на овој простор. Море кое на сонце се прелева од тиркизна до светло сина кристално чиста боја, како да сте во рај на земјата. Фасцинантен е фактот низ што се поминала оваа земја во минатото, а сепак опстојала. Воодушевува како сета таа комбинација на различните влијанија направила маркантна држава вредна за почит и уживање.

Силвана Јованчева